Интервјуа

Ѓорѓиевски: Гарантирам дека сè ќе реализирам

Интервју со градоначалникот на Скопје

Кога на шести ноември лани првпат стапна во градоначалничката канцеларија, Орце Ѓорѓиевски, мандатот го почна со најава за исполнување на едно од неговите главни предизборни ветувања – за 72 часа Скопје да блесне.

Тоа и не беше неочекувано. Ситуацијата беше вонредна оти главниот град беше затрупан во ѓубре. Кризата беше резултат на долгогодишните проблеми во јавното комунално претпријатие, кои дополнително ескалираа пред изборите со политичките пресметки меѓу тогашната градоначалничка Данела Арсовска и матичната партија на Ѓорѓиевски, ВМРО- ДПМНЕ.

Тогаш новиот градоначалник, заедно со своите новоизбрани колеги, под светлата на камери и дронови ја спроведоа ветената акција. Дека постизборниот потег сè уште му е важен сведочи и карикатурата во неговата канцеларија, на која тој е нацртан со метла на која пишува „почињаме.“

На работното место видлив е личниот печат на Ѓорѓиевски | Фото: БИРН

Речиси една година подоцна, сликата со хигиената во главниот град е нешто подобрена, но далеку од блескава.

„Мислам дека оценката треба да ја дадат граѓаните, јас може да кажам дека заедно со тимот го дадовме својот максимум и сметам дека сериозно ги подобривме состојбите“, одговара на прашањето која оценка од 1 до 5 би ја дал за својата работа досега.

Со Ѓорѓиевски разговаравме во службената канцеларија во која влезе како деветти градоначалник на главниот град по осамостојувањето. На ѕидовите и полиците речиси и не може да се најде празно место. Сè е пополнето со православна иконографија, слики од македонски револуционерни дејци и по некое друго уметничко дело, а одговорите за некои проекти ги почнува со „со Господ напред.“

Во интервју за БИРН, тој зборува за решавање на акутните проблеми, па покрај отпадот, набројува дека биле фокусирани на финансиска консолидација на јавните претпријатија, поправање на запуштената и руинирана градска инфраструктура, довршување на проектите од неговите претходници, кои биле заглавени со години.

Заинтересираните гласачи, пак, што ја прочитале неговата програма, од која копија стои на работното биро веднаш до примерок од Библијата во тврд повез, очекуваат дека освен „гасењето пожари“ и редовните активности на градската администрација, овој мандат ќе донесе и некаква визија за подолг развој на градот.

Визија Скопје 2025-2045

Во новиот ГУП ќе има помалку бетон | Фото: БИРН

Таа визија, насловена Скопје 2025-2045, подразбира дека меѓународен борд ќе постави „стратегија за хуман, зелен и европски развој на градот“, врз чија основа Ѓорѓиевски како градоначалник би ги влечел сите идни потези. Во јавноста нема информација дека такво тело е формирано.

На нашите забелешки дека впечатокот е дека повеќе се занимава со гасење пожари отколку со спроведување на визијата ни одговара со „вие тоа така го доживувате.“ Одлучно ја отвора програмата „Прво човек, потоа градоначалник“, покажувајќи дека она што веќе почнал или го сработил – го штиклирал.

„Јас можам да гарантирам дека до крајот на мојот мандат, сè од ова ќе биде реализирано. Можеби нешто што сум ветил за првата година ќе биде во втората, можеби нешто што сум ветил за четвртата година ќе биде завршено во првата година… На крајот од денот, јас треба ова да го испорачам на граѓаните и стојам позади тоа“, тврди Ѓорѓиевски.

Скопје на вода не постои

„Ме споменуваа мене во игранките за „Скопје на вода.“ Еве таму веќе градам парк од 80.000 квадрати. Тоа е Скопје на вода, згради таму нема да има.“

„Имаме формирано и финансиски и урбанистички борд, можеби е моја грешка што не сум објавил“, тврди Ѓорѓиевски и засега ги набројува само македонските експерти што се во него,  професорите Мишко Ралев, Огнен Марина,  Горан Миовски и урбанистот со долгогодишно искуство во општинските структури, Аљоша Шопар. Не можеше да се сети на имињата на странските експерти.

„Вклучени се и претставници од Институтот од Болоња. Генерално соработувам со лицата со кои го водевме и меѓународниот конкурс за Расадник“.

Тие, според неговите предизборни ветувања, треба да ја постават и Стратегијата за одржлив урбан развој, која ќе биде основа за новиот Генерален урбанистички план. Иако сè уште не се презентирани идеите на бордот, Ѓорѓиевски открива кои би биле основите во овој важен урбанистички документ со кој се доцни веќе четири години, а сега е најавен за 2028 година.

„Ќе се оди во насока да се намали површината за градба, особено во централното градско подрачје. На Скопје му е доста од бетон, Водно е преурбанизирано и таму треба да запреме со активности во следните години. Градот треба да се шири, но кон периферијата“, вели Ѓорѓиевски.

И јавниот превоз е едно од прашањата на кои Ѓорѓиевски треба да покаже дали неговата визија за Скопје ќе донесе промена  во секојдневието на граѓаните.

Во град во кој автобусите сè уште не се сигурна алтернатива за автомобилите, останува прашањето дали јавниот превоз ќе престане да се доживува како избор главно за оние што немаат можност да возат автомобил или ќе стане доволно функционален за да ги привлече и оние што секојдневно седнуваат зад волан.

Ѓорѓиевски вели дека состојбата е подобрена, иако „сè уште има пропусти.“ Поголеми промени најавува во следните години кога ќе се реализираат сите сообраќајни идеи.

Од пакетот мерки што би требало да го подобрат јавниот превоз, најбргу се очекуваат дел од автобусите од Унгарија, а последно, при крајот на мандатот, првата линија на БРТ. Во меѓувреме, паралелно ќе се работи на проширување на градскиот воз и подобро поврзување со автобуси на железничките станици, како и на развојот на велосипедската инфраструктура.

„Кога ќе им понудам добра алтернатива на граѓаните, тогаш може да се размислува за мерки што ќе ги обесхрабрат да користат автомобили, како поскап паркинг или затворање на улицата кај Рекорд“, вели градоначалникот.

Не е само УСЈЕ загадувач

Иднината на Дрисла ќе се знае до крајот на годинава | Фото: БИРН

Пакетот поврзан со јавниот сообраќај, пак, е дел од тоа што на скопјани треба да им донесе  почист воздух. Минатата година, само што беше дојден на позицијата, па критиките за загадениот зимски воздух кон него не беа жестоки.

Под притисок на протестите против фабриката УСЈЕ, Советот на Градот усвои одлука за дислокација, која е речиси невозможна.

Градоначалникот вели дека е дефокус да се зборува само за еден потенцијален загадувач и затоа најавува засилени контроли во цело Скопје, чии резултати вели ќе се потруди да се објавуваат јавно.

„Во Гази Баба имаме, исто така, сериозни потенцијални загадувачи, во индустриски зони, еве во „Охис“, одредени објекти, кои, по правило, треба да бидат лесна индустрија, имам информација дека не се сите лесна“, вели Ѓорѓиевски.

Контролата на потенцијалните загадувачи е само еден дел од поширокото прашање за управувањето со отпадот, кое беше во центарот на вниманието уште на почетокот на неговиот мандат. Покрај собирањето на сметот и состојбата со комуналните служби, тука е и Дрисла – градската депонија од која зависи и долгорочното решавање на проблемот со отпадот.

Додека Ѓорѓиевски ги истакнува набавката на нови возила и контејнери, останува отворено прашањето што е преземено за осовременување на депонијата. Овие набавки се важни за секојдневното функционирање на комуналните служби, но трајното решение за управувањето со отпадот бара и посложени инфраструктурни и финансиски зафати.

Најавени кривични пријави за градоначалници кои носат кучиња во Скопје | Фото: БИРН

Засега, градоначалникот нема најавено конкретно решение за осовременување на Дрисла.

Вели дека откако стапил на функцијата разговара со премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, за можноста државата преку кредити да финансира поскап и посложен систем по примерот на Љубљана, кој, според проценките, би чинел околу 200 милиони евра.

Ѓорѓиевски е фасциниран од нивниот рециклажен центар, кој лично го видел, а во кој целиот отпад се преработува и од него се произведува енергенс од кој потоа градот печали.

„Но, ако ние утврдиме до оваа календарска година дека немаме капацитет и сила финансиски да го издржиме целиот тој товар, јас нема да бидам градоначалник што на крајот на својот мандат ќе рече ‘видете, како сите пред мене не успеавме, ќе видиме понатаму што ќе правиме со Дрисла’. Не, ќе влеземе од следната година во процес за јавно-приватно партнерство.“

Дрисла веќе функционираше со јавно-приватно партнерство. Во 2013 година, тогашниот градоначалник Коце Трајановски склучи договор со италијанската ФЦЛ амбиенте, кој подоцна беше раскинат за кој сè уште трае судски спор.

Сличен предизвик за градската власт е и проблемот со кучињата скитници, за кој Ѓорѓиевски најавува проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“, дополнителни пари за кастрација и субвенции за граѓаните.

Сепак, самиот признава дека проблемот не е решен поради системски пропусти, но и, како што тврди, носењето кучиња од други општини во Скопје. Директно ги посочува колегите од Велес и од Тетово зашто „честопати заловените кучиња имаат ознака од тие градови.“

Вели веќе разговарал со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, да се проверат камерите, а најавува и 200 нови камери на Град Скопје.

„На сите критични точки ќе бидат поставени камери. Најавувам дека ќе бидат поднесени кривични пријави во следниот период против градоначалниците и директорите на јавните претпријатија од тие општини и против сите што учествуваат во процесот. Јас не можам толку кучиња да истретирам во Скопје ако постојано некој ни носи кучиња.“

Не сум размислувал за лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Ѓорѓиевски се надева дека Мицкоски ќе остане лидер на партијата | Фото: БИРН

Кариерата на Ѓорѓиевски се развивала на различни скалила во партијата. Почнал во Унијата на млади сили, па станал и шеф на локалниот огранок во Кисела Вода. Во 2017 година станува и советник во својата општина, а четири година подоцна и градоначалник.

Тогаш стана повидлив и за пошироката јавност, која го запозна и како градоначалникот што успеа да ја запре веќе планираната бетонизација на Расадник преку распишување меѓународен архитектонски конкурс за планирање на подрачјето. Но, таа приказна сè уште не е целосно затворена.

И во градоначалничката трка, но и сега, често знае да му се заблагодари на премиерот Мицкоски и на централна власт за поддршката што ја ужива од нив, иако тврди дека и без тоа би ги реализирал ветувањата кон скопјани.

На прашањето за неговите политички амбиции и шпекулациите дека би можел да биде кандидат за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ откако Мицкоски најави дека нема повторно да се кандидира на следните избори, вели дека во моментов не размислува за тоа.

„Искрено се надевам дека до крајот на мандатот ќе бидам еден од оние што ќе успеат да го убедат претседателот на нашата партија Мицкоски да остане и понатаму бидејќи сметам дека добро ја води нашата партија и државата.“