Анализи

Праксата „земи, па фрли куче“ создава глутници по улиците

Отсуствува решителност кај државата да го реши проблемот

Неодговорните сопственици се главните виновници за зголемувањето на популацијата на улични кучиња, сложни се активистите и експертите. Кај властите, пак, и покрај изборните ветувања за решавање на проблемот, отсуствува решителност околу најсоодветните решенија – многу построги казни за напуштање миленик и едукација.

Шест години се чека на усогласување на Закон за благосостојба на животните со оној за прекршоци, овозможувајќи многу повисоки казни за нечипирање на милениците и други дела. Процесот на усогласување се придвижи месецов.

Едноставна анализа на активистичките фејсбук-групи за вдомување покажува дека градските претпријатија за стерилизирање водат сизифовска битка против напливот на нови единки што се или напуштени, или родени на улица.

Имено, прифатилиштето ЈП „Лајка“, кое работи на територијата на Скопје по принципот „залови-стерилизирај-вакцинирај-врати“, во месец август третирале 101, или околу три дневно, и вдомиле 19 кучиња. Но, ваквото темпо на работа не е доволно за справување со проблемот.

Според мониторингот направен во 2023 година, само во Скопје имало над 4.000 кучиња и од нив стерилизирани/кастрирани биле половина.

Индикација за континуиран висок број на кучиња во градот се објавите на социјалните мрежи. За 24 часа на почетокот на септември, во една фејсбук-група за миленици, БИРН изброја триесетина кучиња што се нашле на улица, од кои за најголем дел се бара дом.

Сè поретко ќе најдете коментар дека некој сака да ги вдоми, бидејќи едноставно има толку многу бездомни животни на македонските улици што е речиси невозможно да најдат свои домови во државава.

Дел од кучињата се вдомуваат и во странство, но дури и со најзасилено темпо на вакво вдомување не би се искоренил непресушниот извор на нови кучиња – неодговорните сопственици.

„Кога ќе ги решиме сопственичките кучиња, ќе ги решиме и бездомните“, децидно тврди Тања Ололовска Ристевска, инспекторка во Агенцијата за храна и ветеринарство.

Опасност од неодговорно сопствеништво

Фотографија на која се гледа куче на сред улица полна со автомобили и возила

Неодговорното сопствеништво ретко вистински се казнува | Фото: БИРН/Е.Петреска

Директорот на „Лајка“, Војислав Димитровски е на иста линија со Ололовска Ристевска за коренот на проблемот.

„Проблемот ни доаѓа од сериозно ниската свест на граѓаните. Затоа, освен активностите на институциите, клучна е едукцијата за да имаме поодговорно сопствеништво,“ вели тој.

Нашите соговорници велат дека повеќето сопственици не ги стерилизираат/кастрираат своите миленици, некои ги пуштаат да се шетаат без надзор, што доведува до парење со други кучиња и создавање нови легла, кои често завршуваат на улица.

Веќе на возраст од шест месеци, женките може да забременат. Кучешките бремености траат околу девет недели и често раѓаат по пет-шест кучиња во една бременост, кои за шест месеци и самите би можеле да се спарат.

Тоа значи дека проблемот со бездомните животни многу бргу се мултиплицира и за една година, почнувајќи од само една единка, може да настанат десетици нови кучиња.

Неодговорното сопствеништво ретко вистински се казнува.

Со постојниот закон, казната на нечипирање миленици или домашни животни била 15 евра, а од годинава е 100 евра.

„Основата со која би се решил проблемот е чипирањето на милениците, што е законска обврска од 2018 година, но, всушност, малку се прави “, рече Ололовска Ристевска.

Оваа мерка е клучна бидејќи на микрочипот ги пишува информациите за сопственикот на кучето, и на тој начин, доколку некое куче е затекнато на јавна површина, лесно би можел да се казни сопственикот за тоа дело.

Од АХВ го испратиле предлог-законот до Министерството за земјоделство пред околу пет месеци. На средината на септември, предлог- законот бил вратен назад до Агенцијата со забелешки.

Фотографија од Тања Ололовска Ристевска, инспекторка во АХВ

Носењето на новиот Закон за благосостојба на животните е клучен | Фото: БИРН

„Доколку се донесе новиот Закон за благосостојба на животните, за нечипирано куче веќе нема да биде мерката едукација на сопственикот, туку казна од 2.000 евра“, вели Ристеска.

Таа вели дека со новиот закон, значително би се зголемиле казните за мачење животни и напуштање миленик.

Стерилизацијата/кастрацијата на домашните миленици ќе биде задолжителна и би се забранило размножување кучиња, освен за регистрирани одгледувачници што би ги контролирала АХВ, објаснува инспекторката.

Анализи
Бездомни кучиња: Системот си ја каса опашката

Активистката и поранешната директорка на „Лајка“, Радмила Пешева смета дека во законите што го третираат чувањето миленици мора да се додаде член за задолжително регистрирање – микрочипирање на кучињата, пред тие да бидат ставени во какво било движење, продажба или подарок, т.е. промена на сопственоста.

Односно, тие мора да доаѓаат од регистриран објект и од регистрирана мајка, за на тој начин да им биде познато нивното потекло. За ова во системот на контрола ќе мора да се вклучат и ветеринарните станици, смета таа.

Со други зборови, идејата е, не смеете да примите или купите, ниту, пак, да отуѓите или да продадете куче што претходно не е регистрирано.

Идејата е ветеринарите да ги пријавуваат случаите на нерегистрирани легла на официјалните државни ветеринари, т.е. на АХВ и таквите случаи силно да се казнуваат, бидејќи, според неа, проблемот ни доаѓа само и исклучиво од  неодговорните сопственици.

Недоволна инфраструктура

Фотографија од куче кое престојува во бокс во ЈП Лајка

Кучињата не треба да престојуваат повеќе од 15-20 дена во прифатилиштето | Фото: БИРН/Е.Петреска

Во недостиг од високи казни, „Лајка“ и другите јавни претпријатија постојано „гаснат пожари“ и се справуваат со последиците од неодговорното сопствеништво.

Во „Лајка“, голем дел од боксовите, кои би требало да се користат привремено за улични кучиња што поминуваат третман, се всушност зафатени од напуштени или од одземени миленици, кои не можат да се снајдат на улица, намалувајќи ги капацитетите на прифатилиштето.

Еден таков пример се брат и сестра стафорди, кои биле одземени бидејќи биле чувани заклучени во шкаф. Веќе неколку години престојуваат во бокс наместо во вистински дом.

Иако во прифатилиштето има место за околу 170 кучиња, Димитровски вели дека сега располага со 50-60 слободни бокса. А интензивно се промовираат кучињата што не може да се вратат на улица за да се ослободат повеќе места.

Инаку, третманот во „Лајка“ би требало да трае максимум 15-20 дена, објаснува директорот.

„Ова е така за да може да се вратат кучињата на локација пред да си ја изгубат територијата и за да се даде доволно време тие потенцијално да се вдомат“, вели тој.

Фотографија од промотивна фотографија на Лајка

Активно се промовираат кучињата кои не може да се вратат на улица | Фото: БИРН

Дополнителен проблем за кој граѓаните често се жалат е дека наеднаш се појавуваат чопори кучиња што претходно не биле во нивните маала.

Директорот Димитровски, оваа појава ја нарекува „кучешки туризам“, односно дислоцирање кучиња од рурални средини и од други градови.

„Затоа во центарот на градот може да видиме и шарпланинци и азијати, кои сигурно се донесени од друго место бидејќи ние природно ги немаме тука“, вели тој.

Дислоцираните кучиња се дезориентирани, надвор од својата територија и во потрага по храна во непознат терен. Сето тоа ја зголемува веројатноста да создадат инциденти и затоа тие претставуваат особена опасност за граѓаните.

Димитровски вели дека доказ за постоењето на оваа пракса е истражување од 2024/2025 година, на коe тој работел заедно со Македонското еколошко друштво (МЕД) во Општина Маврово и Ростуше и преминот Стража, каде што тие целеле да стерилизираат/кастрираат барем 75 отсто од единките, а потоа да вршат мониторинг на секои 3 месеци.

Околу мавровското езеро, 3 месеци по акцијата, процентот на стерилизација бил 72,2 отсто, па на следниот мониторинг, процентот паднал на 62 отсто и на последниот мониторинг бил 52 отсто.

Овие резултати, како и разговорите со локалните жители, кои тврделе дека постојано се носат кучиња што не се автохтони за регионот, покажале дека процентот на нестерилизирани кучиња може да расте само ако се случува дислокација на кучиња.

Ваквата пракса останува неказнета и е само уште една последица на неодговорното сопствеништво.

„Решението се состои во три клучни работи: носење на новиот закон, масовно чипирање на милениците и стерилизација“, заклучува инспекторката Ололовска Ристевска.

За дополнително прифатилиште ќе се почека

Бездомни кучиња во Лајка сместени во боксови

Во „Лајка“ има место за околу 170 кучиња, но моментално операбилни се само 50-60 боскови | Фото: БИРН/Е.Петреска

Во својата изборна програма, скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски ветуваше зголемување на капацитетите на „Лајка“ преку изградба на нов објект.

Во писмен одговор за БИРН, од Град Скопје велат дека се разговара со скопските општини „за избор на соодветна локација“ и дека очекуваат да се заврши изградбата за „најмалку 2,5 години.“

Освен кучиња, во овој објект се планира да бидат сместени и мачки, но и да служи „за прва помош и краткотрајно згрижување на напуштени, загрозени и диви животни.“

Во програмата, Ѓорѓиевски ветуваше и соработка со ветеринарни друштва преку кои би се стерилизирале/кастрирале поголем број кучиња.

„Советот на Град Скопје одобри девет милиони денари за дисперзирани ветеринарни услуги, со што во системот за хуман третман ќе се вклучат и приватните ветеринарни друштва“, велат од Град Скопје, посочувајќи дека на тој начин би можеле да поминат дополнителни 500 кучиња хуман третман.

Освен тоа, „Лајка“, со години, има проблем со финансирањето бидејќи често скопските општини не ги исполнувале своите обврски. Од Град Скопје велат дека има „договорени динамики за исплата на заостанатите долгови“, но дека општините сè уште должат значајни суми.

Три со три
Пешева: Општините поактивно да се вклучат во контролата на кучиња

На веб-страницата Отворени финансии се гледа дека годинава одредени општини, како Ѓорче Петров и Кисела Вода, извршиле по неколку исплати кон „Лајка“ во ист месец, што значи дека исплатите на долговите се почнати.

Активистката Пешева смета дека треба да се размислува за данок на нестерилизирано-некастрирано куче, затоа што овие кучиња се потенцијален комунален проблем, а на тој начин, општините ќе обезбедуваат средства за хумано решавање на проблемот со бездомните кучиња и за градење прифатилишта.

Од Град Скопје велат дека размислуваат за такса за миленици, но дека прво е потребна „сериозна анализа и соодветна законска рамка.“

Освен тоа, дополнителен проблем се човечките ресурси. На целата територија на државава работат само 45 инспектори на АХВ задолжени за благосостојбата на животните, чија работа ги вклучува и домашните животни.

Затоа, инспекторката Ристеска смета дека треба да има барем пет инспектори во Агенцијата, чија работа би била исклучиво фокусирана на домашните миленици.

А со новиот закон би се дале ингеренции да се вклучат комуналните инспектори во оваа работа.

Од Град Скопје велат дека го разгледуваат моделот за Анимална полиција и велат дека „мора максимално да се користат постојните механизми преку инспекторите на АХВ и локалните комунални инспектори.“