Ненадејното преместување на затворениот градоначалник на Тирана, Ерион Велиај, во затворот во Фиер минатата недела го извади на површина конфликтот меѓу него и премиерот Еди Рама, кој го надминува прашањето за тоа што ќе се случува со Општина Тирана.
Преку својот адвокат Пларент Ндреца, како и преку писма испратени од затворот, Велиај тврди дека Рама лично организирал тој да биде казнет, наредувајќи негово преместување во затворот во Фиер, а сега го уценува да поднесе оставка од функцијата градоначалник преку наводна порака што таму му била доставена од министерот за правда, Тони Гогу.
Велиај тврди дека во петокот доцна навечер се сретнал со Гогу во затворот, кога министерот наводно му пренел барање од Рама да поднесе оставка и да признае дека бил вмешан во таканаречените протести „Фламинго“ против владата – како и да се откаже од својот адвокат Пларент Ндреца, поранешен пратеник од Социјалистичката партија, кој застанал на страната на затворениот градоначалник.
Во спротивно, тврди Велиај, ќе се соочи со дополнителни кривични обвиненија.
„Ги отфрлам болшевичките халуцинации дека сум ги организирал или финансирал протестите… Го предизвикувам премиерот да приложи барем еден доказ во прилог на обвинувањата во врска со протестите. Во спротивно, губи ми се од пред очи!“, напиша Велиај, осврнувајќи се на студентските протести што ја потресоа Тирана и предизвикаа жестока полициска реакција, со апсења, солзавец и гумени куршуми.
Досега, Гогу потврди дека го посетил затворот, но негираше дека пренел каква било порака од премиерот. Министерот ги отфрли тврдењата на Велиај како „невистинити конструкции.“
Додека двете страни излегуваат со спротивставени тврдења, Специјалната структура против корупцијата и организираниот криминал во Албанија, СПАК (SPAK), одговори дека „нема што да соопшти“ на прашањето на БИРН дали отворила истрага.
Конфликтот меѓу Рама и неговиот поранешен близок политички сојузник отвори прашања во врска со употребата на извршната власт за вршење политички притисок и влијание врз судските постапки.
Повикувајќи се на тврдењата на Велиај, правни експерти и претставници на граѓанското општество повикуваат на независна истрага од страна на правосудните органи, оценувајќи дека станува збор за тест на независноста на СПАК.
„Правосудните институции, а особено СПАК, треба независно да ги проверат тврдењата на Ерион Велиај, особено доколку тие предизвикуваат сомневања дека извршната власт се користи како инструмент за политички притисок“, изјави адвокатот Гентијан Сержани, раководител на организацијата „Социјална правда.“
Иако е скептичен дека СПАК биле вклучени во случај со политички импликации, Сержани изјави дека тврдењата на Велиај не треба да бидат отфрлени.
„Секое тврдење изнесено од Велиај и неговиот адвокат треба да биде разгледано врз основа на конкретни докази, релевантна комуникација и сведочења, а не едноставно врз основа на јавни изјави“, рече Сержани.

Велиај се наоѓа во затвор од февруари 2025 година | Фото: Фејсбук-страница на Ерион Велиај
Ригелс Џемолари, раководител на граѓанската организација „Отпор на граѓаните“, исто така смета дека случајот треба да биде предмет на независна истрага и дека посетата на министерот во затворот мора да биде разјаснета.
„СПАК треба да ја провери посетата на министерот Гогу на затворот и да утврди дали таа ги исполнувала законските критериуми или станувало збор за средба надвор од правните рамки, со мафијашки карактер, како што тврди градоначалникот“, изјави Џемолари.
Тој рече дека овие обвинувања не треба да прераснат во уште една политичка конфронтација, туку наместо тоа треба да добијат институционален одговор. Смета дека адвокатот на Велиај требало веднаш да ги пријави во СПАК наводите што се однесуваат на министерот за правда и премиерот наместо да ги изнесува во телевизиски емисии.
„Ова не смее да остане прашање на реторика и политичка војна; мора да биде подложено на правна и процедурална проверка“, заклучи тој.
Зеф Преци, директор на Албанскиот центар за економски истражувања, исто така смета дека тврдењата на Велиај треба независно да бидат проверени.
„СПАК и правосудните институции треба независно да ги проверат тврдењата на Велиај“, изјави тој за БИРН, додавајќи дека случајот е исклучително чувствителен во очите на јавноста бидејќи обвинението е насочено кон премиерот и се однесува на наводен притисок врз лице што се наоѓа во притвор.
Преци рече дека случајот на Велиај има сличности со случајот на поранешната пратеничка од Социјалистичката партија, Клотилда Бушка, која СПАК ја обвини за попречување на правдата поради наводите дека вршела притисок врз сведок во постапката што се води против Велиај.
„И во двата случаи, висок политички функционер е обвинет дека ја користел својата позиција за да влијае врз клучно лице во тековна кривична постапка. Тогаш тоа било направено од парламентот, во корист на Велиај, денес, според наводите, тоа доаѓа од владата и е насочено против него“, рече тој.
Според Преци, СПАК треба да покаже иста решителност и во истрагата на овие наводи.
„Само на тој начин може да се покаже дека стандардот против политичкото мешање во правосудството важи подеднакво, без оглед на тоа кој го врши притисокот и врз кого тој се врши“, заклучи тој.
Велиај се наоѓа во затвор од 10 февруари 2025 година, кога СПАК го уапси под обвиненија за корупција и перење пари, кои наводно биле извршени преку шема во која е вмешана и неговата сопруга, Ајола Џокса. Тој ги негира обвинувањата.
Неколку месеци по неговото апсење, општинскиот совет на Тирана го разреши, со образложение дека отсуствувал од работа повеќе од три месеци.
Но, во ноември 2025 година, Уставниот суд ја поништи одлуката на Советот на министри за негово разрешување, како и претседателскиот указ со кој беа распишани нови избори во главниот град.
Оттогаш, тој ги извршува градоначалничките должности од својата затворска ќелија.
