Крајбрежното туристичко гратче Монтањита, на полуостровот Санта Елена во Еквадор, привлекува љубители на сурфањето од целиот свет. Во 2018 година, Моника Силва-Кониушек се преселила во оваа мирна оаза, популарна дестинација за туристи кои патуваат со ранец.
Таму отворила хостел и брзо се вклучила во животот на гратчето.
„Нѐ инспирираше и ѝ се восхитувавме“, се сеќава еден сосед.
„Всушност, таа беше единствената личност што имаше храброст да присуствува на состаноците на локалната власт и да каже дека некој закон е лош.“
Низ годините полската активистка почнала да се интересира за повеќе проблематични прашања, дури и основала фондација „La Integridad“, а разоткрила и шема за незаконска продажба на земјиште во покраината каде живеела, тврдејќи дека во неа биле вмешани локалните политичките елити.
Постепено станувала сѐ попозната низ Еквадор, стекнувајќи популарност преку своето присуство на социјалните мрежи и бескомпромисниот, директен начин на изразување.
„Мафија за земјиште“
Во ноември 2025 година, пред домот на новинарот Робинсон дел Пезо во Ла Либертад експлодирала бомба. Тоа не било предупредување, туку неуспешен обид за атентат. Неколку дена подоцна, вооружени напаѓачи пукале на новинарот на локален пазар. Тој починал на самото место, а сторителите побегнале со мотоцикли.
Дел Пезо, заедно со Силва-Кониушек ја истражувала таканаречената „мафија за земјиште“. Незаконската трговија со државно земјиште од страна на корумпирани службеници е вообичаен метод што го користат наркокартелите во Еквадор за перење пари.
Ден по убиството на нејзиниот колега, Силва-Кониушек забележала безбедносни камери насочени кон нејзиниот дом. Според локалните гласини, тие биле поставени против волјата на жителите, од страна на влијателен бизнисмен поврзан со регионални политичари.
Во март годинава, активистката поднела барање за заштита до обвинителството на Еквадор и побарала помош од повеќе извори, меѓу кои и делегацијата на ЕУ во Кито. Се обидела да ја напушти земјата со своите две ќерки, размислувајќи за заминување во Шпанија или враќање во Полска.
Меѓутоа, таткото на децата, кој во тоа време живеел во Бразил, одбил да даде согласност тие да ја напуштат земјата.
Во тој период, очајната активистка се обратила и до Амбасадата на САД во Кито, главниот град на Еквадор, носејќи со себе „куп документи“. На пријателите им кажала дека сѐ зачувала на хард диск и му го предала на човек од доверба.
По таа пролетна посета на амбасадата, таа почнала често да ја користи фразата „Сѐ уште сум жива“ во своите објави на социјалните мрежи.
Поминале неколку месеци, сѐ до 8 јуни 2026 година, кога партнерот на Силва-Кониушек ја пронашол мртва во нејзиниот дом.
Следниот ден Џон Рајмберг, министерот за внатрешни работи на Еквадор, објавил дека Полјачката извршила самоубиство. Локалните медиуми почнале да објавуваат приказни за нејзината наводна депресија, нож пронајден покрај нејзиниот кревет, па дури и проштална порака што наводно му ја испратила на партнерот.
Но, во Монтањита никој не верувал во тоа. Соседите биле огорчени. Организирале мирен марш, насликале мурал со ликот на Полјачката и јавно повикале на правична истрага.
Била направена втора обдукција која открила дека активистката била убиена: причината за смртта бил силен удар во главата, по што следело давење со стегање на вратот.
Хард диск и исчезнати досиеја

Хостелот во Монтањита, во сопственост на убиената полска активистка | Фото: Фејсбук/Monika Silva
Во тој период, преку посредник, до БИРН се обрати маж кој тврдеше дека го поседува хард дискот што ѝ припаѓал на Силва-Кониушек, а како доказ, до редакцијата испрати и дел од датотеките.
Неколку недели подоцна, го предаде и целиот хард диск со документацијата што Силва-Кониушек ја собрала за скандали со државното земјиште и врските меѓу политичари и трговијата со дрога.
На дискот има речиси 500 датотеки, од кои некои детално ги опишуваат активностите на панамската компанија „Sunshine Management Limited“.
Во овие документи, Силва-Кониушек наведува дека обемна мрежа од фиктивни компании поврзани со фирмата била користена за прекугранична шема за перење пари меѓу Еквадор и Панама.
Во операцијата биле вклучени шест американски државјани наведени како акционери. Меѓу нив имало лице што поседувало удели во повеќе од 900 компании, од кои многу биле основани истиот ден, како и уште две лица претходно осудени за учество во шверц на дрога.
Во датотеките, Силва-Кониушек наведува дека на 14 јули 2025 година ги испратила сите собрани информации, во одделни писма, до Лоренс Петрони, американскиот амбасадор во Кито, до кабинетот на претседателот на Еквадор, Даниел Нобоа и до министерот за внатрешни работи, Џон Рајмберг.
Во писмата таа укажува на клучен проблем: купувањето земјиште од страна на покраината Санта Елена, за време на мандатот на градоначалникот Ото Вера, од приватен конзорциум поврзан со „Sunshine Management“.
Трансакцијата, вредна повеќе од 10 милиони долари, била платена со таканаречени „кредитни записи“. За возврат, било отстапено земјиште за станбен проект што никогаш не бил изграден. Наместо тоа, мрежа од компании поврзани со „Sunshine Management“ стекнала, меѓу другото, атрактивни крајбрежни имоти во Мангларалто, вклучително и заштитени области со мангрови шуми.
Силва-Кониушек презентирала докази дека покраински службеници фалсификувале катастарски кодови и записи во имотниот регистар, со што овозможиле присвојување приватни парцели во Пунта Бланка, недалеку од местото каде што во март 2023 година било пронајдено телото на Рубен Давид Черес Фаљони, со видливи знаци на тортура.
Черес Фаљони управувал со нелегална мрежа за тргување со влијание, која нудела корпоративни функции во замена за мито. Според еквадорското обвинителство, тој бил поврзан и со албанската мафија. Скандалот поврзан со него бил еден од факторите што довеле до покренување постапка за импичмент во 2023 година против тогашниот претседател Гиљермо Ласо.
Обвинителската истрага за „Sunshine Management“ и проневерата на јавни средства била затворена во 2018 година. Тоа му овозможило на тогашниот градоначалник на Санта Елена, Ото Вера, да стане пратеник и потпретседател на Националното собрание.
Во ноември 2025 година, заменик-министерот за внатрешни работи Хорхе Андрес Риваденеира Браун одговорил на известувањето што Силва-Кониушек го доставила до неговото министерство во врска со истрагата за „Sunshine Management“.
Тој навел дека предметот бил упатен до Маурисио Торес, генералниот контролор на државата, кој спроведувал „специјална ревизија“.
Како одговор, Силва-Кониушек поднела барање за парламентарна истрага против генералниот контролор, обвинувајќи го дека попречувал истраги за корупција во кои биле вмешани истакнати политичари. Го обвинила и за непотизам.
Тој, пак, поднел тужба за клевета против неа.
До пролетта 2026 година, кога бил закажан датумот за првото рочиште за клевета, Силва-Кониушек навистина се плашела за својот живот. Поради тоа, судијата се согласил рочиштето да се одржи онлајн.
Во тоа време таа се обидувала да го напушти Еквадор со своите две ќерки. Во очај, побарала помош од американската амбасада во Кито, нудејќи им на Американците доверливи документи, како што самата напишала на социјалните мрежи.
На хард дискот, БИРН откри дека имало преписка меѓу Силва-Кониушек и претставник на американската мисија и утврди дека таа отпатувала во Кито за да побара заштита од американската Агенција за борба против дрогата, позната како ДЕА. Се надевала на американска помош, имајќи предвид дека САД активно се борат против картелите во регионот.
Според наводите, таа требало да им предаде на Американците и доверливи документи што ги инкриминираат не само влијателните личности вмешани во скандалите со земјиште, туку се однесуваат и на „Noboa Trading“, огромна извозна компанија во сопственост на семејството на актуелниот претседател на Еквадор.
Јавна тајна е дека покраината Санта Елена, каде што живеела Силва-Кониушек, е под контрола на соработниците на претседателот. И самиот Нобоа ја започнал својата политичка кариера како пратеник што го претставувал овој регион.

Убиената полска активистка | Фото: Фејсбук/Monika Silva
Пред една година и еквадорскиот новинар Андрес Дуран обвинил дека „Noboa Trading“ била вмешана во шверц на дрога во Европа и потврдил дека пратка од 600 килограми кокаин, запленета во Турција во 2023 година, била скриена во картонски кутии со банани што ѝ припаѓале на компанијата.
Тој презентирал и докази за пратки со кокаин кон земји како Италија и Хрватска во периодот од 2020 до 2024 година – период што го опфаќа и времето кога Нобоа веќе бил претседател.
По објавувањето извештаи на официјалниот канал „Ecuador en Directo“ на YouTube, во кои претседателот и неговите роднини биле обвинети за врски со картели, Дуран бил повикан да сведочи пред Националното собрание на Еквадор.
Соочен со смртни закани, ја напуштил земјата и сега живее во Шпанија.
„Кога се вклучив во случајот, Моника ми се обрати“, изјави за БИРН.
„На почетокот не го сфатив тоа сериозно, но во еден момент ми даде низа документи и неколку траги поврзани со лица поврзани со корпорацијата „Noboa Trading“ – информации што, очигледно, ги добила од поранешни вработени во компанијата. Веднаш ја повикав да избега од Еквадор. Таа се спротивставила на моќна мафија што длабоко се вкоренила во нашата земја.“
По новинарските истраги за шверцот на дрога, претседателот Нобоа и раководството на компанијата категорично негирале каква било директна вмешаност на фирмата во овие кривични дела.
Тие тврделе дека наркокартелите често се инфилтрираат во синџирите на снабдување на глобалните логистички компании, криејќи наркотични средства во легален товар.
Врски со албанската мафија
Во двата наводни случаи поврзани со „Noboa Trading“ и „Sunshine Management,“ шемата е слична: мрежа од офшор-компании што се протега сѐ до Панама, лица вмешани во трговија со кокаин и, во заднина, сомнителни трансакции поврзани со личности блиски до албанската мафија.
Во последните години, Еквадор, со својата доларизирана економија заснована на готовински плаќања, порозните граници и корумпираните полициски и судски системи, стана привлечен засолништен простор за криминални групи од Латинска Америка и Европа, особено за банди од Албанија.
Откако пред една деценија воспоставиле доминација врз синџирот на снабдување со кокаин кон Стариот континент, овие албански групи сега ги контролираат рутите за шверц кон Европа. Како резултат на тоа, денес 70 проценти од кокаинот произведен во Перу и Колумбија се испорачува преку еквадорските пристаништа, а најголемиот дел е наменет за европските пазари.
Албанците во Еквадор донеле повеќе од врски со мексиканските картели и оперативно искуство стекнато во европските пристаништа. Се зголемило и насилното отстранување на луѓето што им стојат на патот. Убивани се и активисти, службеници, адвокати и обвинители што се спротивставувале на трговијата со дрога.
Начинот на дејствување на овие албански банди е сличен на шемите што ги истражувала Силва-Кониушек. Албанските криминалци користат посредници за основање компании во Еквадор или Панама што извезуваат тропско овошје, користејќи ги како параван за своите нелегални активности.
Готовинските средства ги перат преку инвестиции во атрактивни недвижности, често во соработка со државни службеници.
Но, во случајот со убиството на Силва-Кониушек, постои уште една „балканска трага“.
Црвена потерница на Интерпол

Мурал во чест на Силва-Кониушек, на ѕид во Монтањита | Фото: Шимон Опришек
Вечерта кога било пронајдено телото на Силва-Кониушек, еквадорската полиција извршила рација во вила оддалечена околу 2,5 километри од нејзиниот дом.
Операцијата, со кодно име „Варшава“ била насочена против маж по име Томаш Ј. – 48-годишен полски државјанин, кој поседува и еквадорски пасош и по кого била распишана црвена потерница на Интерпол.
Неговото име се појавило во истрагата на огранокот во Лублин на полското Национално обвинителство за меѓународна мрежа за трговија со дрога.
Според полските обвинители, Томаш Ј. бил посочен во сведочењето на Бартош Б., поранешен водач на хулиганска фракција на фудбалскиот клуб Лехија Гдањск, кој станал соработник на истрагата и почнал да ги открива своите поранешни соработници.
БИРН утврди дека и Томаш Ј. и неговата партнерка ја познавале Силва-Кониушек. Жената дури била и меѓу групата луѓе што се собрале пред домот на Силва-Кониушек откако низ гратчето се проширила веста за нејзината смрт.
БИРН доби пристап и до досиејата од повеќеслојна истрага што започнала пред осум месеци. Ја води Специјализираната единица за истраги на транснационалниот организиран криминал при Генералното обвинителство на Еквадор, во соработка со Интерпол.
Со анализирање на пораките и разговорите, пресретнати од платформата за пораки „Sky ECC“, истражителите успеале да ја реконструираат мрежата на контакти на лице познато под прекарот „Диабло“.
„Утврдивме дека станува збор за Томаш Ј., кој бил еден од водачите на меѓународна криминална организација и дејствувал како клучна врска меѓу локалните картели и албанската мафија“, објаснува еквадорскиот обвинител Борман Пењарера во разговор за БИРН.
Заедно со Полјакот, биле приведени и неколку други лица: албански државјанин по име Даци П., кого истражителите го сметале за „емисар на албанската мафија во Еквадор“, како и повеќе од десет еквадорски државјани, меѓу кои возачи на камиони, пристанишни работници и припадници на обезбедувањето кои помагале во криењето кокаин во пратките.
Две од овие лица веќе биле обвинети за помагање во шверц, пет години претходно.
Членовите на организацијата, поврзана со албански и полски мафијашки фракции, како и со колумбиски вооружени групи, користеле различни псевдоними, како „Гринго“, „Малдини“ и „Патрон“.
Кокаинот го криеле во контејнери полни со легална стока, вклучувајќи банани, морска храна, дрвна граѓа, цвеќиња и какао. Потоа дрогата била испраќана од главните еквадорски пристаништа кон Европа, меѓу другото, во Полска, Холандија, Белгија и Германија.
Истражителите проценуваат дека во текот на неколкугодишното дејствување групата можеби прошверцувала повеќе од 10 тони од оваа супстанција.
Утрото на 15 октомври, група од околу десетина луѓе, главно пријатели и соседи на Силва-Кониушек од Монтањита, како и активисти, се собрале пред обвинителството на Санта Елена за да се простат со Силва-Кониушек, чие тело дента властите конечно го предале на семејството.
Таа треба ќе биде погребана во Полска, но и покрај истрагите што ги водат две обвинителства, едно во Полска и едно во Еквадор, нејзиното полско семејство не верува дека случајот со нејзиното убиство некогаш ќе биде разрешен.
