Сè поголема е загриженоста за уредувачката независност на преостанатите медиуми во Србија што им даваат простор на гласови што не се согласуваат со претседателот Александар Вучиќ, по промената на сопствеништвото кај нив, непосредно пред изборите.
Бранислав Шовљански, од телевизијата Н1, вели дека сè уште не добил повик од новите сопственици на неговиот информативен канал со барање да не се објави некоја приказна, да се поканат или да не се канат одредени гости. Тој се надева дека така и ќе остане.
Три месеци по промената на сопствеништвото во компанијата Адрија њуз нетворк (АНН), која го поседува српскиот информативен канал Н1, каде што Шовљански е директор на информативната програма, новинарите внимателно ја следат ситуацијата.
Телевизиските канали Н1 и Нова С, информативниот портал Нова.рс, дневниот весник Данас и неделникот Радар долго време се трн во окото на српската влада. Тие се меѓу ретките медиуми што го критикуваат демократското назадување на земјата под претседателот Александар Вучиќ и владејачката Српска напредна странка (СНС), откако таа првпат дојде на власт во 2012 година.
На 29 мај беше објавено дека Јунајтед груп ќе ја продаде компанијата Адрија њуз С.а.р.л., со седиште во Луксембург, преку која работи Адрија њуз нетворк, на Алпак капитал. Тоа предизвика шок кај дел од српската јавност, во време на интензивни шпекулации дека Вучиќ ќе распише избори наесен. Тој, подоцна, навистина го стори тоа, определувајќи го 25 октомври за датум на изборите.
Алпак капитал, португалски инвестициски фонд, претходно во 2022 година го купи паневропскиот радиодифузер Еуроњуз. Истражувања на францускиот весник Л Монд и на унгарскиот истражувачки медиум Директ36 открија дека аквизицијата во голема мера била финансирана со унгарски државен капитал и со средства од компании блиски до моќниот пропаганден апарат на тогашниот премиер Виктор Орбан.
Во Србија веќе се забележуваат знаци на промена.
На 4 септември беше објавено дека емисијата „24 минути“, чиј водител е Зоран Кесиќ, повеќе нема да се емитува на Нова С. Потоа, во јавноста излегоа информации за несогласувања во Н1.
На 11 септември, девет новинари и уредници на Н1 објавија заедничко соопштение во кое го обвинија Шовљански дека „таргетирал“ двајца новинари и се пожалија на воведување „авторитарен модел на управување.“
„Работиме во средина во која вработените што изразуваат несогласување со постапките на АНН се чувствуваат изложени на притисок, омаловажување и професионална маргинализација“, наведоа тие, пренесе порталот Раскринкавање.
Барем на површина, досега има малку видливи промени во уредувачката линија на Н1. Шовљански, кој е долгогодишен член на тимот на Н1, тврди дека тој и неговиот заменик имаат уредувачка слобода, „која во нашите договори е јасно одвоена од сопственичката структура.“
На прашањето кој би бил првиот јасен знак дека таа слобода е ограничена, тој одговори:
„Тоа би бил повик во кој ќе ни биде кажано дека нешто е забрането, односно инструкција дека нешто смее или не може да биде во програмата. Ништо такво не се случило и сакам да верувам дека така и ќе остане.“
Но, новинарите во медиумите на АНН се вознемирени.
„Секој ден доаѓаме на работа преправајќи се дека работите се нормални, но ништо не е нормално. Секој ден се плашам дека може да ја изгубам работата,“ изјавил новинар од еден од засегнатите медиуми, под услов на анонимност.
Последици што се протегаат и надвор од Србија

Телевизијата Н1 е еден од засегнатите медиуми | Фото: принтскрин
Тензиите се зголемуваат во Србија, во пресрет на клучните избори кон крајот на октомври, додека СНС и Вучиќ се обидуваат да се справат со досега невиден предизвик од протестното движење предводено од студентите.
АНН обединува телевизиски, печатени и дигитални медиумски брендови во Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Србија и во Словенија, меѓу кои се каналите Н1 во регионот и црногорскиот медиум Вијести. Но, промената на сопствеништвото е особено значајна во Србија, каде што независните медиуми работат во високо поларизирана средина, со политички притисоци.
На медиумскиот пејзаж доминира јавниот сервис РТС, како и провладини телевизии и таблоиди, кои вообичаено ги повторуваат ставовите на СНС и му обезбедуваат на Вучиќ континуирано медиумско покривање.
Со Алпак капитал раководат извршниот директор и управен партнер Педро Варгас Давид и управниот партнер Луис Сантос.
Уште пред да биде објавен договорот за АНН, Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) предупреди на „далекусежни последици за медиумскиот плурализам во Европа.“
Европската федерација на новинари (ЕФЏ) и нејзините регионални партнери подоцна изразија слична загриженост, повикувајќи на транспарентност и гаранции за уредувачка независност.
Во август, ЕФЏ, заедно со Балканската иницијатива за слободни медиуми и организацијата Член 19 Европа, официјално побараа од Европскиот одбор за медиумски услуги да ја разгледа трансакцијата и да го процени нејзиното потенцијално влијание врз уредувачката независност и медиумскиот плурализам според Европскиот акт за слобода на медиумите (ЕМФА).
Европската димензија е значајна бидејќи Адрија њуз С.а.р.л. работи од Луксембург, а српскиот телевизиски сервис Н1 поседува луксембуршка концесија и е под надзор на луксембуршкиот аудиовизуелен регулатор АЛИА.
И Нова С е телевизиски сервис регулиран во Луксембург, иако неговата лиценца ја поседува Јунајтед медиа С.а.р.л., а не Адрија њуз С.а.р.л.
Според член 23 од ЕМФА, Европскиот одбор за медиумски услуги може да даде мислење за влијанието на концентрацијата на медиумскиот пазар врз медиумскиот плурализам и уредувачката независност, кога концентрацијата веројатно ќе влијае врз функционирањето на внатрешниот пазар на ЕУ за медиумски услуги.
Портпарол на Европската комисија потврди за БИРН дека одборот формирал ад хок експертска група задолжена да ја анализира оваа концентрација на медиумскиот пазар и, потенцијално, да подготви мислење според ЕМФА.
Сепак, бидејќи „првата задача на групата е да процени дали случајот е дозволен според ЕМФА“, Комисијата соопшти дека не може да открива информации за нешто што е во тек.
Сопствеништво наспроти уредувачки одлуки

Протест за поддршка на Н1 во Белград | Фото: БИРН
Фирмата Јуропиан фјучр медија инвестментс, подружница на Алпак капитал и формален купувач на Адрија њуз, на 8 јуни ја известила српската Комисија за заштита на конкуренцијата за трансакцијата.
Комисијата ја одобрила трансакцијата, оценувајќи дека таа е во согласност со правилата за конкуренција.
Критичарите, сепак, велат дека не било посветено внимание на уредувачката независност.
„Првото нешто што мора да го направиме е да ја одвоиме управувачката страна од уредувачката. Сопствеништвото над медиумот, неговите средства и договорите на новинарите е една работа, додека лиценците се друга“, изјави Раде Ѓуриќ, адвокат во НУНС.
Од Јунајтед груп за БИРН изјавија дека договорот, во голема мера, веќе бил реализиран, но дека останале уште неколку чекори – преносот на луксембуршките лиценци за каналите Н1 и Нова С и преносот на одредени интереси на Јунајтед груп во Црна Гора.
Тие чекори, како што беше наведено, ќе следат „во согласност со условите на договорот, зависно од добивањето на потребните регулаторни одобренија.“
Преостанатите регулаторни постапки поврзани со луксембуршките лиценци се водат во Луксембург, каде што Н1 и Нова С работат врз основа на луксембуршки аудиовизуелни концесии.
Тоа може да обезбеди дополнително ниво на регулаторен надзор.
Луксембуршката независна аудиовизуелна управа (АЛИА) ги надгледува аудиовизуелните услуги што се под луксембуршка јурисдикција и дава претходно мислење за барањата за концесии, додека самите концесии ги доделува луксембуршкиот министер надлежен за медиуми.
На 2 септември, АЛИА, за БИРН, потврди дека Адрија њуз С.а.р.л. поседува луксембуршка концесија за телевизискиот сервис Н1 (кој се емитува на српски јазик). Луксембуршката концесија за телевизискиот сервис Нова С ја поседува Јунајтед медиа С.а.р.л.
АЛИА наведе дека на 16 јуни, Адрија њуз поднела барање за нова радиодифузна концесија за програмата Нова С.
Истиот ден, Адрија њуз побарала и владино одобрение за претстојната промена на управувачката структура на компанијата, поврзано со веќе доделените радиодифузни концесии за програмите Н1 на српски, хрватски и на словенечки јазик.
Два дена подоцна, Одделот за медиуми, поврзаност и дигитална политика побарал советодавно мислење од АЛИА.
„Додека постапката е во тек, Н1 и Нова С можат да продолжат со емитување само доколку правното лице што ја поседува соодветната луксембуршка концесија или дозвола остане овластен давател и продолжи да ги исполнува сите применливи законски, регулаторни и концесиски услови“, соопшти АЛИА за БИРН.
АЛИА дополнително наведува дека, доколку основниот медиумски бизнис фактички е пренесен на нов сопственик или субјект, додека концесијата или дозволата формално останува кај субјект поврзан со претходната сопственичка структура, властите ќе треба да проценат дали носителот на концесијата и понатаму навистина ја обезбедува и ја контролира услугата во согласност со условите на концесијата.
Доколку сите услови за доделување и продолжување на важноста на дозволата останат исполнети, постојната концесија може да продолжи да ја користи нејзиниот сегашен носител.
АЛИА, за БИРН, соопшти дека промените во сопствеништвото, контролата или работењето без потребното одобрение може да доведат до санкции според луксембуршкото право, вклучително и формална опомена, парични казни и одземање на концесијата.
Прашање од јавен интерес

Дел од критичките медиуми во Србија | Графика: БИРН
Новинарите низ групацијата АНН велат дека неизвесноста станала дел од нивната секојдневна работа.
Главниот уредник на Данас, Дража Петровиќ изјавил дека сопственикот на Алпак капитал, Педро Варгас Сантос Давид, лично ја посетил редакцијата по преземањето и „ни кажа дека инсистираат само на професионализам.“
„Тој, исто така, строго инсистираше мислењето да биде одвоено од известувањето. Ние сето тоа веќе го правиме, така што тука нема ништо ново и ништо што сме го идентификувале како притисок“, изјави Петровиќ за БИРН.
Во Данас, Петровиќ укажал на специфичната позиција на весникот во рамките на АНН како најстар медиум во групацијата, велејќи дека новите сопственици го препознале неговото наследство и значењето во медиумскиот пејзаж на Србија.
Но, тоа може да понуди само ограничена заштита.
„Кај приватен сопственик нема сигурен механизам за заштита на уредувачката политика. Сопственикот може да носи стратешки деловни одлуки, што е негово право. Тој не смее да се меша во уредувачките одлуки, но ако сака да се меша, може да го смени главниот уредник, а со тоа и уредувачкиот одбор“, вели Петровиќ.
„Сè на сè, мислам дека Данас ќе опстане“, додаде тој, потсетувајќи дека весникот преживеал и откако Вучиќ го затворил кон крајот на 1990-тите, во периодот кога тој беше влијателен министер за информации на Србија.
Во Н1, притисокот очигледно остава последици.
Во април, долгогодишниот и популарен уредник на информативната програма, Игор Божиќ беше разрешен, а Шовљански беше унапреден.
Шовљански е во телевизијата од нејзиното основање во 2014 година, но дел од новинарите, неговото унапредување го гледаат како дел од преструктурирањето на начинот на кој функционира редакцијата и не се задоволни од тоа.
Како одговор на соопштението од 11 септември, во кое беше критикуван, Шовљански се огласи на Икс, велејќи дека му е жал што „мала група колеги се откажала од борбата за Н1.“
Тој вети дека ќе „се бори за него до самиот крај.“
Во друг развој на настаните, на 16 септември, на главниот уредник на порталот Нова.рс, Михаило Јовичевиќ, му било понудено спогодбено раскинување на договорот, објави српскиот информативен портал Раскринкавање.
Јовичевиќ одби да коментира.
Тој бил разрешен од својата друга функција, директор на Нова.рс, еден месец претходно.
Адвокатот на НУНС, Ѓуриќ, рече дека крајната заштита на уредувачката независност е српската јавност – „навистина, само јавноста.“
„Ова буквално е борба за зачувување на професионалното, критичко новинарство во Србија. И ова буквално е прашање од јавен интерес“, рече тој.
Насловна фотографија: Фејсбук-профил на Александар Вучиќ

