Balkan Insight

Германски политичар од АфД стои зад српска фирма санкционирана поради руски сајберкриминал

Андреас Маул е советник од партијата Алтернатива за Германија во градот Селм

Андреас Маул, германски државјанин роден во Казахстан и советник во градскиот совет на германскиот град Селм од редовите на крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД), стои зад белградска компанија, која САД ја санкционираа поради помагање на рускиот технолошки субјект, „Аеза Груп“ открива БИРН.

Маул (38) ја отворил компанијата „Смарт Диџитал Ајдиас“ во октомври 2022 година, во запуштен трговски центар од 1990-тите, во белградската населба Нов Белград, покажуваат податоците од српскиот Централен регистар.

Компанијата била регистрирана како трговец со ИТ-опрема. Но, американското Министерство за финансии тврди дека нејзините вистински активности се многу посериозни.

На 19 ноември минатата година, Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАК) при американското Министерство за финансии соопшти дека ја ставила „Смарт Диџитал Ајдиас“ под санкции поради помагање на руската компанија „Аеза Груп“, која беше санкционирана четири месеци претходно како таканаречен „давател на bulletproof hosting услуги.“

Ова е термин што се користи за компании што продаваат пристап до специјализирани сервери и друга ИТ-инфраструктура дизајнирана токму за избегнување детекција и прикривање сајберкриминални активности.

ОФАК соопшти дека „Смарт Диџитал Ајдиас“ била користена од руската „Аеза Груп“ „за да ги избегне санкциите и да постави техничка инфраструктура, која јавно не е поврзана со брендот Аеза.“

Во моментов, српската фирма нема регистрирани вработени, а според Народната банка на Србија, од декември 2025 година не може да располага со средствата на своите банкарски сметки. Банката не наведе зошто.

На 1 ноември, нешто повеќе од две недели пред неговиот српски бизнис да биде погоден со американски санкции, Маул стана градски советник во германскиот град Селм, на околу 20 километри северно од Дортмунд, како претставник на АфД, втората најголема партија во германскиот парламент.

Маул не одговори на барањата на БИРН за коментар.

Неговата поврзаност со „Смарт Диџитал Ајдиас“, а преку неа и со „Аеза Груп“, дополнително би ги поттикнало обвинувањата на дел од германските пратеници за наводната „лојалност“ на АфД кон Русија и за намерите на партијата доколку дојде на власт.

Врски со „Аеза Груп“

Скриншот од американското министерство за финансии со санкциите против „Смарт Диџитал Ајдиас“

„Аеза Груп“ беше санкционирана од САД во јули минатата година поради наводно обезбедување инфраструктура за сајберкриминални групи вклучени во уценувачки софтвер, кражба на лични податоци и трговија со дрога.

Една година претходно, германскиот истражувачки медиум „КОРЕКТИВ“, врз основа на анализа на шведската невладина организација за дигитална форензика „Квориум“, објави дека „Аеза Груп“ поддржувала широка и тековна руска тајна кампања за влијание и дезинформации позната како „Допелгангер“, која била почната по целосната руска инвазија врз Украина во 2022 година.

Според извештајот од ноември 2025 година на „Инсикт Груп“, истражувачкото одделение за разузнавање за закани на компанијата за сајбербезбедност „Рекордед Фјучер“, во рок од 24 часа по воведувањето на санкциите, руската „Аеза“ почнала да ги пренасочува своите американски ИП-ресурси кон српската „Смарт Диџитал Ајдиас.“

Неколку дена подоцна, „Смарт Диџитал Ајдиас“ ги пренела ресурсите на британската компанија „Хајперкор Лтд.“ Според извештајот на „Инсикт Груп“, најверојатната цел била „да се задржи контролата врз сите средства погодени од санкциите.“

„Хајперкор Лтд.“ беше санкционирана од САД заедно со „Смарт Диџитал Ајдиас“ на 19 ноември.

Во извештајот на „Инсикт Груп“ дополнително се наведува дека ИП-опсезите што ги користеле „Аеза“, „Хајперкор“, „Смарт Диџитал Ајдиас“ и неколку други даватели на „bulletproof hosting“ услуги биле доделени од поголем адресен простор, кој му припаѓал на Иранската истражувачка организација за наука и технологија (ИРОСТ), која е под контрола на иранското Министерство за наука.

Кој е Андреас Маул?

Маул е роден во казахстанскиот град Рудни, во близина на северната граница на земјата со Русија.

На своите приватни профили на Тик-ток и Телеграм, Маул го користи името Андрей, односно „Андреј.“

Податоците за летовите до кои дојде БИРН покажуваат дека во ноември 2022 година, месецот откако ја основал „Смарт Диџитал Ајдиас“ во Белград, Маул патувал од Москва до Калининград, руска ексклава сместена на Балтичко Море меѓу Полска и Литванија.

Маул има германски пасош и живее во Селм, каде што управува со две компании – фирмата за чистење „Маул Сервисес УГ“, основана во 2018 година, и консултантската компанија „ПХРИС Консултинг“, регистрирана во јануари 2021 година. Двете компании се регистрирани на неговата домашна адреса.

На официјалната веб-страница на локалната власт во Селм, Маул е наведен како член на неколку комисии на локалното собрание со почеток на 13 ноември 2025 година. На фејсбук-страницата на локалниот огранок на АфД, Маул е прикажан на партиски настан во Селм, во мај годинава, каде што ги повикува граѓаните да се пријават како донатори на матични клетки.

Според скриншот од крајот на 2025 година, направен од „Инсикт Груп“, документите од РИПЕ НЦЦ – организацијата што функционира како регионален интернет-регистар и обезбедува интернет-ресурси и поврзани услуги за давателите на интернет-услуги во Европа, на Блискиот Исток и во делови од Централна Азија – покажуваат дека „ Смарт Диџитал Ајдиас“ го навела „Кварта“, веб-хостинг компанија и компанија за изнајмување виртуелни приватни сервери со седиште во Москва, како субјект со административна контрола и права за уредување на нејзините јавни записи.

„Кварта“, во документите на регистарот на РИПЕ НЦЦ, била наведена со истата улога и за руската „Аеза Груп.“

„Квориум“ ја идентификуваше „Кварта“, како дел од инфраструктурата за поддршка на руската кампања за дезинформации „Доплгенгер.“

Според наодите од ова истражување, „Кварта“ е наведена и како давател на истата услуга за компанија од Саратов, наречена „ИП Одинцов Степан Владимирович“, чиј сопственик, 22-годишниот руски државјанин Степан Одинцов, исто така регистрирал компанија на свое име во Белград во септември 2025 година.

„ИП Одинцов Степан Владимирович“ огласува еден ИП-опсег што ѝ припаѓа на „Кварта.“ Исто така, огласува и еден сопствен ИП-опсег преку кој во 2021 година биле хостирани фишинг веб-страници.

На почетокот на 2026 година, според податоците за рутирање во реално време од „БГП Тулс“, Одинцов почнал да го рутира интернет-сообраќајот од Србија. Заклучно со мај, белградската фирма е наведена како неактивна.

Одинцов, исто така, рутира сообраќај за „ДДоС-Гард ЛТД“, руски давател на услуги, кој ја хостирал официјалната веб-страница на палестинската милитантна група Хамас, каналите користени за дискредитирање на продемократски активисти во Хонг Конг и обезбедувал ДДоС-заштита за кампањата „Допелгангер.“

Одинцов не одговори на барањата на БИРН за коментар.

Регистрирани на истата адреса

Зградата во Белград каде што се сместени „Смарт Диџитал Ајдиас“ и „Сајфер Оперејшнс“ | Фото: Гугл Мапс

„Смарт Диџитал Ајдиас“ на Маул е регистрирана на истата адреса во Белград, како уште еден субјект, кој претходно бил идентификуван како повеќекратно поврзан со сајбернапади – „Сајфер Оперејшнс“, основан во декември 2022 година од 29-годишниот Александар Генадиевич Јенакиев.

Минатата година, француската компанија за сајбербезбедност „Интринсек“ соопшти дека постои голема веројатност „Сајфер Оперејшнс“ да е ребрендирана верзија на иранскиот давател на „bulletproof hosting“ услуги „Робат Блу Дајмонд Нетворк.“

„Интринсек“ соопшти дека „Сајфер Оперејшнс“ била ставена на црна листа од непрофитниот проект „Спамхаус Проџект“, со седиште во Андора.

Некои од ИП-опсезите што ги користи „Сајфер Оперејшнс“ се меѓу најактивните извори на масовно скенирање на интернетот, покажуваат податоците на платформата „WhatToBlock.“

Сепак, компанијата и понатаму работи во Србија и во моментов огласува ИП-опсег од истиот поголем ИП-блок контролиран од иранското Министерство за наука, од кој ресурси добиле и санкционираните „Смарт Диџитал Ајдиас“, „Аеза“ и „Хајперкор.“

Според наодите на „Интринсек“, компании во Литванија, Иран и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), како и „Сајфер Оперејшнс“, го огласувале истиот ИП-опсег. Компанијата од ОАЕ потоа пренела дел од опсегот на „Сајфер Оперејшнс“, „Аеза“ и „ИТ-Хостлајн“, компанија за која „Интринсек“ вели дека и понатаму обезбедува инфраструктура за „Аеза Груп.“

Јенакиев, за БИРН, изјави дека немал сознанија за „Робат Блу Дајмонд Нетворк“ или за која било од другите компании споменати во извештајот на „Интинсек.“

„Ниту едно од имињата што ги наведовте во ова прашање, освен Сајфер Оперејшнс, не ми значи ништо“, рече тој во писмен одговор за овој текст.

„Иако сум запознаен со случај во кој на друга компанија ѝ бил ставен нејзиниот ASN на црна листа бидејќи била поврзана со истите субјекти со кои е поврзана Сајфер Оперејшнс, преку претходната сопственост на дел од IPv4-мрежите. Сепак, не сум свесен за каква било намерна поврзаност. Сето тоа било резултат на изнајмување мрежа, која претходно ја користела проблематичната компанија или била под проблематичен ASN.“

Тој рече дека „Спамхаус“, за кој „Интринсек“ наведува дека ја ставил „Сајфер Оперејшнс“ на црна листа, е „сомнителен извор на авторитет.“

„Постојат безброј – лесно пребарливи на Гугл – случаи на субјекти и средства, кои по грешка биле ставени на нивната листа, спротивно на доказите што се во спротивност со тврдењата на Spamhaus за злонамерна активност, при што Спамхаус не успеал соодветно да одговори и да соработува со тие субјекти.“

Тој додаде дека „кога ќе се добијат пријави за злоупотреба, се преземаат мерки за запирање на активностите што ги предизвикуваат.“

Во врска со ИП-опсегот од поголемиот блок контролиран од иранското Министерство за наука, Јенакиев рече:

„Навистина имаме IPv4-опсези што потекнуваат од блок контролиран од ирански субјекти. Сопствениците и контролорите на поголемиот блок не нè интересираат и никогаш не нè интересирале. Не знам дали некогаш сте работеле во телекомуникацискиот бизнис – освен ако не сте платен шпион – но често користите брокери за да ги најдете најевтините мрежи што можете да си ги дозволите, а кои ќе овозможат вашите VPS-сервери да работат. Тоа често значи дека добивате мрежи што претходно биле користени за различни незаконски активности.“