Анализи

Западнонилски аларм за поинаков пристап

Лекции што треба да се усвојат по неочекуваната епидемија

Со речиси 60 случаи што бараа болничко лекување, од кои дури осум починаа, распространетоста на западнонилската треска предизвика паника. Иако оваа тропска болест во Македонија за првпат била забележана во Драчево во 2011 година, обемот на случаи годинава ги фати институциите полуподготвени.

Законот за заразни болести не ги обврзуваа инстуциите да водат задолжителна евиденција за западнонилската треска, се прска со застарени методи и потенцијално на места што не се нужно високо ризични, не сите општини си ги преземаат обврските и недостасува соодветен научен кадар надвор од Скопје.

Во разговор со БИРН, министерот за здравство, Сашо Клековски вели дека по искуството годинава треба да се ревидираат методите што до сега се користени за менаџирање на комарците.

„Треба да се појаснат одговорностите на институциите бидејќи се работи за мултисекторска соработка“, вели министерот.

Годинава, Комисијата за заразни болести била ставена на директорско ниво и ги координиала комуникациите со Институтот за јавно здравје, Центрите за јавно здравје, Министерството за здравство, општините во скопскиот регион и Град Скопје за справување со западнонилската треска.

Како министер планира да предложи зголемување на буџетот за прскање и надзор за комарци, како и контрола на ефективноста од прскањето, што до сега не се правело.

Но, за сега не е јасно каков точно пристап ќе има државата во следната година. Министерот самиот признава дека системот е инертен и дека за значајно подобрување на заедничкото работење на институциите ќе треба време.

Проблемот лежи токму во недостигот од време за подготовка за овие нови опасности донесени од климатските промени, кои од година во година се интензивираат.

Еден ефект од зголемените температури е создавање поволни услови за нови инсекти што носат нови видови болести, како што е тигрестиот комарец, кој пренесува денга, зика и чукунгулија.

Тешко предвидлива закана

Клековски смета дека треба да се ревидираат методите за справување со комарците | Фото: БИРН

Освен во Македонија, годинава, епидемии на западнонилска треска имаше во повеќе европски држави, како Италија и Грција, каде што беа регистрирани стотици случаи.

Важно е да се напомене дека апсолутниот број случаи во европските држави и Македонија, всушност, е многу поголем бидејќи во болница завршуваат само околу еден отсто од заболените.

Тоа значи дека во Македонија, веројатно, имало околу 5.800 случаи, од кои повеќето поминале без или со благи симптоми.

Д-р Николина Соколовска, единствениот медицински ентомолог (научник што се занимава со изучување инсекти) во државата, која работи во Центарот за јавно здравје во Скопје, вели дека тешко е да се каже зошто токму оваа година се случила епидемијата во Македонија.

„Можеби оваа година се погодиле условите за ширење на болеста. Некогаш во еден регион може да имате резервоар на болеста, што се птиците, и да имате вектор, што се комарците, но да нема луѓе на кои ќе се прошири“, објаснува таа.

Николина Стојановска | Фото: БИРН

Министерот Клековски напомена дека еден индикатор за западнонилската треска се гавраните, бидејќи тие умираат од заразата и се стационарни птици.

„Двата мртви гаврани што ги најдовме во скопскиот регион беа во Општина Карпош, каде што ниту има големи водни површини каде што комарците би се размножувале, ниту има регистрирани случаи кај луѓе“, посочи Клековски.

Меѓутоа, тоа што е јасно е дека климатските промени придонесуваат до зголемен ризик за вакви болести.

„Повисоките температури и промените во режимот на врнежи можат да создадат поповолни услови за преживување и размножување на комарците, а со тоа и за подолг период на пренос на инфекци“, вели за БИРН, Александра Цветковска-Ѓорѓиевска, професорка на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Токму затоа, во последните години на Балканот се појавува тигрестиот комарец, кој потекнува од азиските и од африканските региони.

Соколовска потенцираше дека западнонилската треска не ја пренесува тигрестиот комарец, туку обичниот комарец, кој е автохтон тука.

Сепак, појавата на тигрестиот комарец останува потенцијална опасност што треба да се следи. Според нејзиниот мониторинг, во мамките за комарците што Соколовоска ги поставувала во 2017 година имало по две-три единки, а веќе во 2023 година, бројот се зголемил на 50-60.

Потреба од промени и поинтегриран пристап

Фотографија од комарец, инсект кој ја шири западнонилска треска

Земјеното прскање против комарци е поефективно | Фото: Tommes Frites/Pexels

Како ентомолог, кој ги води активностите за комарците во Скопје, Соколовска со години има поставувано мамки што фаќаат комарци.

Ваквата пракса се нарекува ентомолошки надзор и тој во најголема мера се врши во скопскиот регион.

Соколовска смета дека тоа треба да се прави на ниво на цела држава и дека освен тоа, треба да се врши и ветеринарен надзор на птици, бидејќи тие може да бидат резервоари на болеста.

„Ако има поголем кадар и ако се спроведе низ целата територија на државата, ние рано ќе го откриеме кој било друг вирус, не само западнонилска треска“, објасни таа.

Односно, ако точно се оцени преку мониторинг каде се заразните комарци, тогаш потаргетирано ќе може да се прска.

Угинатите птици се индикатор за вирусот

Соколовска, исто така, смета дека треба да се прекине со авионско прскање и го дала тоа како препорака поради тоа што, од една страна, не е ефективно бидејќи комарците летаат ниско, и, од друга страна, е поштетно за животната средина.

„Кога одам на конференции ми се чудат кога им кажувам дека сè уште имаме авионско прскање“, вели Соколовска, која смета дека ваквото прскање треба да се употребува само на непристапни места и при елементарни непогоди.

Наместо тоа, таа вели дека треба да врши потаргетирано земјено прскање.

Ова мислење го дели и министерот Клековски, но вели дека „нема капацитет тоа да се случи преку ноќ.“

Смета дека е потребно тендерите за прскање да бидат на три години, бидејќи смета дека компаниите не би купувале скапа опрема само за едногодишна работа.

Вели дека треба да применуваме методи, како прскање со дронови на недостапни места и зголемено ларвицидно прскање со бацили бактерија, која ги уништува ларвите на комарците во водни површини, но не штети на другиот жив свет.

Исто така, смета дека треба да се врши контрола на резултатите од прскањето, што досега не е правено и да се преиспита на кои места прскаме. Сега тоа се прави во езерцата во градскиот парк, но бидејќи таму се пумпа вода и има жаби и риби што се хранат со ларвите на комарците, можно е ризикот на таа локација да е, всушност, понизок.

„Сега ние прскаме во градскиот парк бидејќи таму има голема фреквенција на луѓе. Но, според искуството на Грција, поважно е да се прска онаму каде што има вода и органска материја, но не и жив свет, како што се септичките јами“, вели Клековски, потенцирајќи дека имаме многу да научиме од грчкиот пример.

Клековски го лоцира проблемот во помалиот степен на прскање во приградските општини што не се водат под Град Скопје.

Најголемиот број случаи биле во Драчево, каде што бил регистриран и првиот случај во оваа држава пред 15 години. Токму до Драчево се наоѓа Општина Студеничани, каде што, според сознанијата на министерот, не се прскало.

Има ли терапија?

Освен маларија за која постојат конкретни лекови и специфични болнички протоколи, за повеќето такви болести само се дава животна поддршка како респирација и инфузии. Од Инстутутот за јавно здравје велат дека имаат тестови за овие тропски болести.

„Има поплаки од центрите за јавно здравје дека општините, покрај тоа што им е јасно што треба да прават, не прават. Таков е случајот со Студеничани“, вели министерот.

Соколовска посочи дека жаришта се токму овие населби бидејќи таму има канали за наводнување, земјоделски површини, домашни животни итн.

Од тие причини, таа и министерот сметаат дека прскањето треба да се врши координирано во целиот скопски регион, а не само во општините што се под Град Скопје.

Според ентомологот Соколовска, за справувањето со вакви епидемии потребно е функционалност на повеќе нивоа, а кај нас тоа се случува само делумно.

Мерките вклучуваат едукација на граѓаните, кои тие може да ги применуваат во своите домови, како одржување на дворните места и базените, до активности на општините, како соодветно третирање на отпадот и чистење на каналите.

Од Министерството за здравство, моментално подготвуваат извештај за годинешното искуство.

„Мора да има научени лекции, тоа е единствен начин. Јас ќе се потрудам да го ставиме тоа на хартија“, заклучи министерот Клековски.