Истражувањa

Не се укинуваат „златните пасоши“, се укинуваат критериумите за нив

Наспроти барањата на ЕУ, дискреционо ќе се одлучува за државјанство

Пред пет години, контроверзен бизнисмен, со адреса на пацифички остров, вложи невообичаено голема сума во скопска фризерница (400.000 евра) и вработи десет луѓе, со што ги исполни условите за „златен“ пасош. Откако ја доби патната исправа, ги повлече парите и ја продаде фирмата, ама го задржа бордо-пасошот. 

Американецот Шон Андре Скот зеде македонско државјанство, искористувајќи ja опцијата за „државјанство врз економски интерес“, систем кој беше замислен да привлекува инвеститори со поволностите што ги нуди пасошот на една земја-кандидат за Европската Унија (ЕУ). 

Унијата, со години, ги критикува земјите, како нашата, што даваат државјанство за инвестиција. Тоа се смета за ризична пракса зашто лица со сомнителни бекграунд и пари може да добијат пристап до шенген-зоната, во случај да потфрлат безбедносните проверки. Затоа, под притисок на ЕУ, земјите-членки Шпанија и Бугарија ја укинаа оваа опција.  

Следејќи го овој принцип, ЕУ истото го бара и од Македонија како држава, која е дел од безвизниот систем и кандидат за членство. 

Истражување
Игри со пасоши: До „златно“ државјанство преку фризерски салон во Скопје

Но, институционалниот одговор на нашите власти, во форма на законски измени, е далеку од соодветен, иако беше промовиран како задоволување на европските барања и заострување на критериумите за „златни“ пасоши. 

Предложените измени на Законот за државјанство се спротивни на европските упатства. Со нив, не само што не се укинува можноста за пасош по основа на посебен економски интерес, туку таа опција се олеснува и се зголемува арбитрарноста при издавањето државјанства. 

Имено, законските измени предвидуваат укинување на уредбата што ги утврдува минималните сума и број на вработени, како услови за аплицирање, а одлуката за државјанство, без разлика колку пари се вложени, ја остава на Министерството за економија. 

Делегацијата на ЕУ во Скопје, во одговор за БИРН, наведува дека препораката на Европската комисија е јасна и земјата треба да ја укине шемата. 

„Укинувањето на прагот од 400.000 евра, а истовремено задржувањето на можноста за доделување државјанство по основа на посебен економски интерес, не би ја адресирало препораката на Комисијата.“  

„Напротив, укинувањето на прагот би можело да ја прошири шемата и да го направи доделувањето државјанство уште подискреционо“, велат од делегацијата на Европската Унија. 

Реформа без суштински промени  

Од МВР велат дека со измените се исполнуваат препораките на ЕУ | Фото: БИРН

Залудни беа настојувањата на БИРН за брифинг во Министерството за внатрешни работи (МВР), кое ги подготвува законските измени, зашто оттаму инсистираа писмено да комуницираат за разликите меѓу она што ЕУ го бара и тоа што се испорачува. 

И покрај јасниот ЕУ-став дека проблем е самата опција „пасош за пари“, а не долниот лимит од 400.000 евра, МВР упорно тврди дека европските забелешки се адресираат со отстранување на прагот.

„Главната забелешка во извештаите на Европската комисија (ЕК) и Шестиот извештај во рамки на механизмот за суспензија на визната либерализација се однесува на практиката на т.н. ‘економски државјанства’ (шеми за инвеститори), каде што токму постоењето ТОЧНА СУМА е главниот проблем на ЕУ“, стои во дописот на МВР до БИРН, во кој со големи букви ја потенцираат главната поента. 

Министерството ги претстави измените на Законот за државјанство во јуни, кога и беа поставени на Електронски национален систем на прописи (ЕНЕР).  Во медиумите, измените беа промовирани како заострување на критериумите.

Но, анализата на БИРН покажува дека нема суштинска разлика со досегашниот систем, освен што е укината владината уредба, која ја прецизираше процедурата за „златни“ пасоши. 

Во таа уредба се прецизираше и дека по исполнувањето на условите се прават и проверки, па така, на пример, ако се работи за инвестиции, нив ги прават министерствата за финансии и за економија, или ако се работи за уметник, Министерството за култура, а ако спортист сака да добие државјанство, проверките ги прави поранешната Агенција за млади и спорт, која сега прерасна во министерство. 

Но, и покрај нашите укажувања, од МВР настојуваат дека „на овој начин се обезбедува поголема селекција, институционална одговорност и индивидуална процена на секое барање“. 

А, речиси истиот начин на проверка досега повеќепати потфрли, бидејќи институциите дозволуваа низ него да се протнат сомнителни бизнисмени од кои Македонија немаше посебен интерес или, пак, контроверзни личности со спорни биографии. 

Историја на пропусти 

Онишченко ги прескокна проверките во македонските институции | Фото: Социјални мрежи

Во 2013 година, владата предводена од Никола Груевски одлучи да им даде државјанство на Семанто и Сушанто Рој, синовите на индискиот бизнисмен Субрата Рој, сопственик на „Сахара груп“, кој ветуваше инвестиции во македонските туризам и земјоделие. 

Паралелно, додека во Македонија беше претставуван како економски месија и се организираа музички спектакли во негова чест на скопскиот плоштад, Субрата Рој, во сопствената држава, се соочуваше со сериозна финансиска истрага, која заврши со негово приведување по што пропаднаа грандиозните најави за инвестиции во државава. 

Истражување
Избеган украински политичар под санкции на САД, добил македонско државјанство

СДСМ, најмногу поради скандалот со Субрата Рој, како опозиција, жестоко ги критикуваше „златните“ државјанства, но откако ја презеде власта во 2017 до 2023 година, според податоците на БИРН, издаде 51 пасош врз основа на економски интерес. 

Во ланскиот извештај, ЕУ нотираше дека  во 2024 година, економско државјанство им било доделено на двајца турски државјани, а во 2025 година  на еден државјанин на Босна и Херцеговина. Досега, вкупно 121 лице добило државјанство врз оваа основа, а 40 биле одбиени. 

Еден од поголемите скандали со давање на македонско државјанство, иако не беше даден по основа на инвестиција, е епизодата со украинскиот натпреварувач во коњички скокови, Олександр Онишченко, случај што БИРН го откри во 2022 година.  

Онишченко, во моментот кога аплицираше за македонско државјанство, веќе беше на црната листа на САД поради мешање во нивните изборни процеси, а од Украина беше баран со потерница поради корупција.  

Од сите алки во синџирот, пропустот се детектираше кај разузнавачите, кои не ја провериле детално неговата биографија. По објавувањето на нашиот текст, директорот на Агенцијата замина од функцијата, а на Онишченко му беше одземено државјанството. 

Олеснувања за пасош и за брачните партнери на странци 

Последните измени што се предложени предвидуваат олеснувања и за партнерите на странците што би добиле државјанства.  

Повеќе нема да биде потребно брачниот партнер да има седум години законски и постојан престој, обезбедено живеалиште, постојан извор на средства, основно познавање на македонскиот јазик и да се откаже од претходното државјанство.  

Од МВР велат дека се одлучиле да предложат бришење на овие правила затоа што во практиката се покажале „како прекумерно оптоварување за брачните партнери на македонските државјани, доведувајќи ги семејствата во правна несигурност.“ 

„Со олеснување на овие услови се овозможува побрза интеграција и правна заштита на брачните партнери, притоа задржувајќи ги сите потребни безбедносни проверки што ги врши Министерството за внатрешни работи“, велат од таму. 

Насловната илустрација е направена со помош на вештачка интелигенција