Вести

„Адора“ купува државно земјиште за спортски објекти во Аеродром

Постигната е цена од 46 евра за квадратен метар

Компанијата „Адора“ ја купува парцелата од околу 23 илјади квадратни метри во скопската населба Аеродром, веднаш до спортската сала „Јане Сандански“. На денешното јавното наддавање, таа понудила нешто над 66 милиони денари, или околу еден милион евра, потврди за БИРН Дејан Митевски, градоначалникот на Општина Аеродром, со што го победила својот конкурент, компанијата „Битем“, кој исто така учествувал во наддавањето за атрактивното земјиште на кејот на Вардар.

На парцелата, која има површина приближна на три фудбалски игралишта, а за која веќе пишуваше БИРН, е предвидено да се градат спортски и рекреативни содржини, но има простор и за хотел или објект за собири.

Анализа
Аеродром продава плац до Вардар за спортски објекти и за хотел

Од вкупните околу 23 илјади квадратни метри, приближно 20 илјади се површина наменета за градба. Според урбанистичкиот план, 60 отсто од просторот е со намена Д3 – спорт и рекреација, додека 40 отсто е наменет за комерцијални објекти. Во оваа категорија се предвидени Б5 – хотели и Б6 – објекти за собири.

Предвидените објекти може да имаат максимална висина од 16 метри, односно приземје и три ката. Инаку, „Адора“ е една од најголемите градежни фирми во земјава, која главно се занимава со изградба на станбени згради.

Почетната цена по која општината ја понуди оваа парцела е 2.032 денари за квадратен метар, која, на јавното наддавање пораснала на 2.844 денари или околу 46 евра за квадратен метар. Во моментов, како што појаснуваат од општината, течат роковите за жалба, по што ќе треба да се формализира продажбата.

Купувачот има рок од една година да подготви проект и да обезбеди градежна дозвола, а рокот за реализација на предвидената градба е до 10 години.

Просторот долж кејот на Вардар во Аеродром и Ново Лисиче со урбанистичките планови е предвиден како комплекс со спортски и рекреативни содржини. Овие намени досега не предизвикуваа доволен интерес кај градежните инвеститори, кои на големо работат во зоните предвидени за станбени згради од спротивната страна на Вардар, како и во други делови од градот.