Премиерот Христијан Мицкоски во минатонеделното интервју за американскиот конзервативен портал „Брајтбарт“ изјави дека американски воени авиони вклучени во воената операција против Иран секојдневно слетуваат на македонските аеродроми.
„Секој ден авиони на американското воено воздухопловство слетуваат и полетуваат од нашите аеродроми. Некои од нив ги користат нашите аеродроми за паркирање, за малку одмор, а потоа повторно заминуваат кон Заливот“, изјави Мицкоски.
Тој не откри за какви типови воени авиони станува збор, а изјавата ја даде во контекст на поддршката за американскиот претседател, Доналд Трамп.
Наводите на Мицкоски за македонската поддршка во војната против Иран отворија дилеми како и дали владата може да нуди логистичка поддршка во туѓа војна и дали тоа ја прави земјава легитимна цел.
Новинарското прашање дали со оваа изјава ја загрозил безбедноста на земјата, Мицкоски го прогласи за „несмасно и злонамерно“.
БИРН се обиде да провери дали информациите за авионите се воопшто точни.
Ако американски авиони секојдневно слетуваат и полетуваат, за тоа треба да постои и институционална трага – пред сè кај Македонската навигација (М-НАВ), чија основна дејност е да го следи секој лет над македонското небо.
Директорот на М-НАВ, Владимир Ристески, за БИРН беше јасен: „Колку што знам, немаме воени авиони кај нас, нема ниту барање да слетааат.“
Тој објасни дека за секое слетување треба да има одобрение – за цивилни летови, тоа го дава Еуроконтрол, а за воени авиони, упати да прашаме во две министерства: за одбрана и за надворешни работи, затоа што, преку нив се одвива постапката за одобрение за воздухоплови на странски држави.
Од МНР не одговорија конкретно на прашањата на БИРН, туку ја објаснија процедурата. Дипломатско-конзуларното претставништво до нив доставува вербална нота со листа на воздухоплови, кое пак, бара согласност од Министерството за одбрана.
„За секој поединечен лет на воздухопловите опфатени со годишното одобрение потребно е навремено доставување план за летање“, велат од МНР.
Од Министерството за одбрана ни рекоа дека тие податоци се класифицирани.
БИРН разговараше со неколкумина извори во македонската навигација, но тие велат дека нема ниту масовно, ниту секојдневно слетување на македонските аеродроми од американски воени авиони.

