Една малку подотоврена врата во програмата за музичко-сценска дејност значеше дека државата е заинтересирана да поддржи издавање македонска музика на плоча или компактен диск. Така беше до пред три години. Денес, таа врата е затворена.
Вака во разговор за БИРН ја објаснува моменталната ситуација со музичкото издаваштво, Тошо Филиповски, публицист, издавач и архивар на алтернативната музичка сцена.

Тошо Филиповски | Фото: Фејсбук
„Проблемот не е од вчера“, вели Филиповски, кој со години укажува на несоодветниот третман на музичкото издаваштво од страна на државата.
„Средствата најчесто беа симболични и далеку од реалните производствени трошоци, но, сепак, претставуваа одредена поддршка и признание за оваа дејност“, посочува тој.
Последен пат кога биле поддржани неколку носачи на звук, во 2023 година, за нив државата одвоила по околу 2.000 евра.
Ваквата поддршка се „протнуваше“ во категоријата „друго“ во музичко-сценската дејност, во Годишниот конкурс за проекти во културата.
Со исклучување од Конкурсот, како најголема можност за поддршка на уметноста и културата, во Македонија практично нема начин за поддршка за музички албуми во тврда копија со јавни средства.
„Така, еден одамна постоечки проблем станува уште поизразен и сериозно го загрозува опстанокот на независното музичко издаваштво“, вели Филиповски.
Министерството за култура без конкретно решение

Пари за винили и дискови немаше и во конкурсот што заврши месецов | Фото: БИРН/Емилија Петреска
И покрај неговите реакции, пари за винили и дискови немаше и во скорешниот конкурс што заврши на 6 ноември. Од ресорното Министерство велат дека програмата за музика и музичко-сценска дејност е првенствено насочена кон поддршка за ново музичко творештво.
„Непостоењето на опцијата за финансирање носачи на звук произлегува од потребата конкурсните приоритети да се усогласат со современите текови во музичката индустрија и променетите начини на дистрибуција и достапност на музиката“, објаснуваат од Министерството за култура.
Како можност за поддршка е и откупот на домашни музички изданија, како што државата откупува ликовни дела, но Министерството нема ни таква програма
Oттаму се свесни дека музичките албуми се значајни за негување на културниот идентитет, како и за зачувување на авторскиот опус на домашните музичари.
„Затоа, прашањето за нивната поддршка и достапност останува дел од поширокото разгледување на механизмите за поттикнување на домашната музичка продукција.“
Друга можност за поддршка на издавачката дејност, според издавачот Филиповски, е и откупот на домашните изданија, како што државата откупува ликовни дела.
„Изданијата би можеле да бидат распределувани во јавните библиотеки, културните центри, архивите, музеите, па и во македонските дипломатски претставништва во странство. Така истовремено би се поддржувале домашните издавачи, би се создавале трајни јавни музички фондови и би се промовирала македонската музичка култура“, предлага тој.
Сепак, како што ни изјавија и од Министерството, во моментов нема конкретни програми ни за откуп на музички изданија.
Носачите на звук се важни за културната меморија

Музиката не се доживува само на концерт | Фото: Angie CV.
„Музиката не е само нешто што ќе го доживееш на концерт и потоа исчезнува“, вели Дејан Дојевски, басист во составот „Conquering Lion“ од Тетово, кој веќе две децении активно твори реге-музика на македонската сцена.
За Дојевски, музиката е документ на едно време, на една генерација, на општествените состојби и на начинот на кој луѓето размислувале и живееле во дадениот момент.
„Затоа треба да постои поддршка да им се даде шанса и на оние уметнички изрази што не можат да опстанат исклучиво преку пазарот“, смета Дојевски.
Освен што носачот на звук е документ на едно време, купувањето плочи и цедеа претставува можност парично да се поддржат музичарите, бидејќи бендовите од малите музички сцени речиси и не заработуваат од стриминг-сервисите. Плочите и дисковите се важни и за колекционерите зашто обвивката, која во физичка форма доаѓа со нив, всушност ги дополнува уметничкиот израз и пораката на бендот.
Реге-составот „Conquering Lion“ зад себе има шест студиски албуми и бројни настапи и концерти дома и надвор. Дојевски, за БИРН, вели дека досега не побарале финансиска поддршка од државата за издавање на нивните албуми на носач на звук.
Купувањето плочи и цедеа е можност парично да се поддржат музичарите, бидејќи бендовите од малите музички сцени речиси и не заработуваат од стриминг-сервисите
„Но, тоа не значи дека ваквата поддршка не е потребна, туку напротив, сметам дека треба да постои систем, кој ќе им овозможи на музичарите да ги зачуваат и документираат своите дела“, апелира тој.
Покрај регето, како што вели Дојевски, на удар се и другите некомерцијални, алтернативни жанрови.
Тоа го потврдува и Тошо Филиповски, кој е автор и на „Македонската рок-енциклопедија“, во која заведува истории на 333 македонски групи и артисти од 1963 до 2018 година.
„Потребна е поддршка за нови авторски албуми, но и за реизданија на значајни македонски музички остварувања, ретки и заборавени снимки, архивски изданија, компилации и антологии“, вели музичкиот документарист.
Македонскиот металкор бенд „Смат“, годинава полни 30 години активно творење, јубилеј на постоење речиси колку и независна Македонија. Во три децении не добиле директна поддршка од некоја државна институција.
„Овој бенд, по толку години, нема да моли и да коленичи за нешто што е од државен интерес. Тоа се пари веќе земени од луѓето што нѐ слушаат. Петко и Станко во Министерството не ги даваат од свој џеб!“, револтиран е фронтменот Ѓорѓи Иловски.
Според него, потребно е враќање на македонската касетна продукција и архивирање на досегашните изданија.
„Тоа би било со цел за зачувување на нашиот идентитет“, коментира Иловски.
Физички носачи на звук, освен на музика, може да се однесуваат и на аудиоизданијата со поезија, драма и романи.
„И тие можат да бидат вредни авторски и културни документи, а кај нас речиси и да не постојат како издавачка практика“, наведува Филиповски.
„Џен Зи бум“ на винилот

Винилот се врати и во скопски ГТЦ | Фото: БИРН/Емилија Петреска
Носачите на звук документираат и цели концерти, па така, покрај албум, одреден настап снимен на плоча, диск или касета ќе биде засекогаш „уловен“ во домашната колекција.
Плочите, дисковите и касетите доживеаја и уште доживуваат „враќање на сцената.“ Статистиките за 2025 година покажуваат дека сумата на продадени плочи глобално достигнала над две милијарди американски долари. Или, околу 100 милиони примероци.
Според истражувањата, зад ваквиот „бум“ најмногу стои генерацијата Зет. Анализата на „Винил алијанса“, водечки колектив за истражување податоци во индустријата, покажува дека дури 76 проценти од „џензи“ популацијата купува плоча на месечно ниво.
„Во Македонија, винилите се луксуз за младите музичари“, вели Марко Печеновиќ од „Мртов коњ“, независна дискографска куќа.
Освен што издава музика, „Мртов коњ“ се занимава и со организирање музички настани низ целата земја, одржувајќи ја во живот алтернативната сцена.
„Не постојат нормални културни и младински центри, така што далеку сме од издаваштво… Јасно е и дека не им е дојдено до зачувување на културата на државата. Едноставно е неважно, па затоа остана на луѓето на кои навистина им значи да го чуваат и негуваат тоа“, коментира Печеновиќ.
За разлика од ова, сликата во регионот е драстично поинаква. Од нивните активни соработки со музичари од соседните земји, Печеновиќ заклучува дека, освен што има соодветно опремени вежбалници, и програмски се поддржува музичката сцена.
„Постојат организации како ‘Export office’, кои финансиски поддржуваат музичари во нивниот развој, најчесто се поддржани настапи надвор од нивната држава со цел промовирање на музиката од таа држава“, вели Печеновиќ.
„Тука на свој концерт во нашиот МКЦ не смееш да продаваш своја продукција, освен ако имаш своја фискална сметка или се снајдеш“, додава тој.
Според него, евидентна е непостоечката поддршка за издаваштво во Годишниот конкурс, но таа е многу мала или недостапна и за алтернативната музичка сцена воопшто.
„Се молиме да ни дадат јавен простор на еден ден за користење за настан… и да платиш плус, нормално. Зар можеме да очекуваме нешто повеќе?“, поентира младиот музичар.
Даноците ги „јадат“ средствата за физички изданија

Сцена од скопската винил-конвенција | Фото: Ангела Бошкоска
На домашната алтернативна сцена, со децении „се држат“ и други независни издавачи, како „ПМГ Рекордингс“, „Шарла“ и „Трето уво“. Истовремено, еминентни македонски музичари често издаваат музика во регионот, на пример во „Кроација рекордс“ или „Интерстелар“ од Хрватска.
Во такви услови, тешко е да се размислува на потребата од реиздавање постари музички албуми. Сепак, со подемот на грамофонските плочи во последниве години, таквата потреба е видлива.
Скопската винил конвенција годинава го одбележа својот 10-ти јубилеј со над 20 локални и регионални продавачи на плочи. Меѓу нив имаше и македонски изданија, но многу помалку.
Некои култни албуми, како „Архангел“, можеа да се најдат во ретки, колекционерски примероци и чинеа над 10.000 денари.
Освен грамофонските плочи, „носталгичниот бран“ ги зафати и цедеата и касетите, и во 2026 година раст бележи и интересот за компактни дискови
„Наместо да градиме стабилна музичка индустрија, ние постојано почнуваме одново. Имаме кратки периоди на подем по кои следуваат долги периоди на стагнација. Тоа е приказна што се повторува со децении“, апелира музичкиот издавач Филиповски.
Според него, особено внимание треба да се посвети на музиката што тешко доаѓа до комерцијалните канали, а претставува важен дел од нашиот културен идентитет.
„Една држава што сака младите генерации да го познаваат сопственото културно наследство мора да создава услови тоа наследство да биде достапно“, додава тој.
Освен грамофонските плочи, „носталгичниот бран“ ги зафати и цедеата и касетите, и во 2026 година раст бележи и интересот за компактни дискови. Едно истражување покажува дека продажбата на цедеа глобално се зголемила за 16 проценти годинава, додека во првата четвртина од 2025 година, во САД биле продадени 63.288 касети.
Во меѓувреме расте и потребата за поправка на аналогната опрема за слушање музика.
Од друга страна, Филиповски укажува дека во земјава нема производство на винилни плочи, компакт-дискови или касети, па издавачите се принудени производството да го реализираат во странство, со дополнителни трошоци за транспорт, царински постапки, даноци и дистрибуција.
А, за увоз на физички носачи на звук во земјава се применува општата даночна стапка од 18 проценти ДДВ.
„Неопходно е да се преиспита даночниот третман на музичките изданија“, смета Филиповски.
Како понатаму?

Засега министерството подготвено само за дијалог | Фото: БИРН
Во интерес на македонското музичко издаваштво, Филиповски е дециден дека треба да се отвори посебна категорија, по примерот на книжевното издаваштво.
Оттука, повикува на заеднички состанок со Министерството за култура, со цел наоѓање на вистинскиот начин.
„Ние ги познаваме реалните производствени трошоци, проблемите со увозот и дистрибуцијата и условите во кои опстојува оваа дејност“, вели тој.
Од Министерството за култура не отфрлаат можност за дијалог, за што тврдат дека јавноста ќе биде навремено информирана.
Според Филиповски, тоа е неопходно. Но, како што вели, потребен е и конкретен предлог, со јасни услови и рокови, а не неодредена најава.
„Нема никаква логика да зборуваме за национално културно богатство, а истовремено да не создаваме услови тоа богатство да биде снимено, објавено, архивирано и достапно за следните генерации“, заклучува тој.
Овој текст е изработен како дел од БИРН обуката за истражувачкo новинарство, наменета за млади новинари и за студенти
