Ноември се претвори во месец на интензивна дипломатска активност за Русија.
Москва, не само што ги обнови трилатералните разговори со Киев и Вашингтон за решавање на војната против Украина, туку успеа и да ја прошири агендата, опфаќајќи го и прашањето за тоа како треба да изгледа новата безбедносна архитектура на цела Европа по завршувањето на воените дејствија.
Во четвртокот, лидерите на Русија, Соединетите Американски Држави и на Кина одржаа досега невидена трилатерална средба во рамките на Азиско-пацифичката економска соработка во Шенжен, Кина.
Постојат сериозни сомнежи дека која било од овие активности ќе донесе конкретни резултати, но нивниот јавен ефект, во голема мера, го засени големиот удар што Москва го претрпе на Балканот – падот на српскиот лидер Александар Вучиќ, кој нашироко беше сметан за редок европски сојузник на Русија.
По 14 години на власт и две години масовни протести, Вучиќ поднесе оставка од функцијата претседател и распиша предвремени парламентарни избори, надевајќи се дека повторно ќе се врати на власт како премиер. Но, ризичниот потег не успеа, бидејќи на изборите победи Студентската листа, нов политички субјект на српската политичка сцена, кој произлезе од протестите против Вучиќ.
Навидум, новото српско раководство, кое сè уште не ги распределило министерските ресори, вети дека ќе се концентрира на домашните реформи, истовремено задржувајќи ја надворешната политика на Вучиќ, барем кога станува збор за соработката со Русија. Но, исполнувањето токму на тоа ветување ќе се покаже како тешко, освен ако движењето не се откаже од своите клучни реформски приоритети.
Иако Вучиќ никогаш не бил безусловен сојузник на Русија, тој бил единствен по тоа што неговите главни интереси се преклопувале со интересите на Москва.
Голем дел од агендата на Кремљ на Западен Балкан бил составен дел од сопствените напори на Вучиќ да ја одржи својата корумпирана и националистичка автократија, која политички и финансиски профитираше од тоа што Србија остануваше заглавена во геополитички вакуум. Како резултат на тоа, секој обид за уривање на кој било дел од системот на Вучиќ неизбежно ќе ги наруши и руските интереси.
Медиуми и енергетика

Поразот на Вучиќ означува старт на предизвикувачка ера за руското влијание | Фото: Flickr на Влада на РСМ
Да го земеме за пример прочистувањето на медиумскиот простор во Србија, процес што Студентската листа веќе го почна дури и пред формирањето на владата.
Формално, тоа нема никаква врска со Русија, трговијата со неа или санкциите против неа. Но, во суштина, медиумската империја наклонета кон Вучиќ беше главната движечка сила зад ширењето на проруски, прокремљовски и антиевропски наративи на Западен Балкан, додека медиумите под контрола на Москва, како што се „Спутник“ и „РТ Балкан“, имаа споредна улога.
Промовирајќи токсична верзија на српскиот национализам, луѓето од доверба на Вучиќ ја пренесуваа руската пропаганда до поширока публика и до оддалечени делови од регионот до кои Кремљ никогаш не би можел самостојно да допре.
Поголемиот плурализам и независноста на српските медиуми ќе ја прекинат оваа симбиоза, со неизбежен резултат – намалување на антиевропската пристрасност и слабеење на прокремљовските симпатии во српското општество и во српските заедници низ Балканот.
Истото важи и за ветувањето на Студентската листа дека ќе ја искорени корупцијата и непотизмот во српските државни институции и претпријатија, што индиректно го поткопува и нивното ветување дека ќе ја продолжат енергетската соработка со Москва.
Енергетските договори со Русија се озлогласени по својата нетранспарентност и сомнителност и во толкава мера зависат од неформални лични договори што дури и Вучиќ, за време на своите 14 години на власт, претпочиташе да не ги заменува клучните преговарачи во оваа област.
Директорот на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ е на својата функција од 2008 година, додека врските на Александар Вулин со Русија, кој моментално претседава со Надзорниот одбор на „Србијагас“, датираат уште од времето на Слободан Милошевиќ, кон крајот на минатиот век.
И двајцата се олицетворение на проблемите на стариот режим и тешко дека би можеле да ги задржат своите позиции во една реформирана Србија. Но, тие истовремено им се особено драги на руските високи безбедносни функционери во Кремљ, со кои соработуваат и се познаваат со децении.
Самото нивно отстранување од функциите, а уште повеќе нивното апсење или протерување, сигурно би предизвикало затегнување на односите меѓу новата српска влада и Кремљ, кој особено ја цени личната лојалност.
Во комбинација со општата недоверба на Кремљ кон секое движење што произлегува од улични протести, тоа дополнително ќе ги засили сомнежите на Москва дека новата влада во Белград не е ништо повеќе од марионета на Западот.
Ново поглавје во односите со ЕУ
Стареејќи и станувајќи сè пореакционерно во текот на долгите години на власт, руското раководство разви параноичен поглед кон уличните протести, гледајќи ги како клучен инструмент на Западот за ограничување на руското влијание во светот.
Затоа, не е изненадувачки што Москва со задоволство ги прифати тврдењата на Вучиќ дека опозициските собири во Србија претставуваат уште една „обоена револуција“, финансирана и организирана од западни куклари.
Во такви околности, Студентската листа се соочува со тешка задача да го убеди Кремљ во своите добри намери и во искрениот интерес за зачувување на соработката.
Движењето е широка политичка коалиција со многу разновидни ставови за меѓународните прашања. Сигурно е дека некои од неговите претставници јавно ќе дадат изјави во кои ќе ја пофалат Европската Унија или ќе ја критикуваат Русија, што Москва ќе го протолкува како потврда на своите стравувања.
Ниту, пак, таквите стравувања се целосно неосновани. Без оглед на ветувањето на Студентската листа за водење балансирана надворешна политика, реалноста е дека промената на власта во Белград отвора нова можност за Србија во односите со нејзините соседи и со Европската Унија.
Брисел е подготвен да ја искористи оваа можност и да му понуди на новото српско раководство институционална и финансиска поддршка за спроведување реформи слични на оние наведени во програмскиот манифест на движењето. Од друга страна, она што Русија може да го понуди е ограничено, во најдобар случај, на недоверба и сомнителни енергетски договори.
Соочена со оваа дилема, определбата на Студентската листа за транспарентност, одговорност и реформи неизбежно ќе има последици и врз надворешната политика. Се разбира, невозможно е целосно да се елиминира Русија од балканската политика, со оглед на длабочината и историската вкоренетост на нејзините врски со регионот.
Сепак, заминувањето на Вучиќ означува почеток на нова, многу попредизвикувачка ера за руското влијание во овој дел од Европа.
Со години, Москва уживаше во привилегијата најголемиот дел од своите активности поврзани со Балканот да ги препушти на Белград, кој ги споделуваше нејзините интереси регионот да остане надвор од Европската Унија и НАТО.
Во замена за поддршка во односите со јавноста и мали попусти во енергетските договори, Кремљ можеше да се потпре на ресурсите на најголемата држава во Западен Балкан, заеднички одржувајќи ги регионалните конфликти во состојба на постојана напнатост и етничките тензии на доволно високо ниво за да му создаваат дополнителни главоболки на Западот.
Сега тоа веќе го нема, и без оглед на тоа колку успешно новото српско раководство ќе успее да ја спроведе својата реформска агенда, малку е веројатно дека на Русија ќе ѝ понуди договор што би бил приближно толку поволен за Москва.
Максим Саморуков е соработник во Центарот „Карнеги Русија Евроазија“ во Берлин.
