Balkan Insight

ЕУ учи колку e експлозивна балканската музика

Националистичка песна пуштена во Брисел покажа колку се длабоки поделбите

Многу од бирократите на Европската комисија, кои деновите ги минуваат во студените канцеларии на огромните згради на оваа институција, можеби сега ќе мора да ја загреат работната атмосфера со музика од Западен Балкан, и тоа не заради забава.

По несреќниот инцидент на неодамнешниот Форум за проширување 2026, некои од нив ќе мора да ги преведуваат текстовите на песните, обидувајќи се да разберат која песна е политички прифатлива, која не е и зошто. Ова можеби е најкорисната домашна задача што некој во процесот на проширување на ЕУ ја добил оваа година.

За време на викендот, словенечки бенд бил ангажиран да ги забавува гостите на Форумот и одлучил да изведе по една песна од секоја земја од групата земји опфатени со процесот на проширување. За Косово избрале српска националистичка песна. Ја извеле само мелодијата, но на големиот екран бил прикажан насловот на српски јазик, а песната била претставена како песна што го претставува Косово.

Секој што доаѓа од регионот ги знае зборовите: Косово како вечна и света српска земја од која никогаш нема да се отстапи. Песната „Ој Косово, Косово“ била напишана во 1989 година, инспирирана од прославите по повод 600-годишнината од Косовската битка. За оние што тврдат дека го познаваат регионот, на оваа годишнина не ѝ е потребно дополнително објаснување: тоа бил моментот што го круниса подемот на Слободан Милошевиќ. И секој во Брисел треба и мора да знае што се случи потоа.

За само неколку часа, вечерта, која требаше да им овозможи на гостите да се релаксираат пред долгиот ден исполнет со панел-дискусии, се претвори во инцидент. Протестираа косовски претставници, и од владата, и од опозицијата. Тоа го направија и неколку европратеници.

Следниот ден, песната беше главна тема на разговор во ходниците каде што се одржуваше Форумот за проширување 2026. Таа беше спомената и во некои од панел-дискусиите.

Комесарката Марта Кос изрази жалење и се извини. Претставници на Комисијата објаснија дека бендот самостојно ги избрал песните, без претходно одобрение од институцијата. Извинување упатил и лидерот на бендот.

Во сето ова има иронија. Бендот доаѓаше од Словенија, првата република што ја напушти Југославија, а Словенија ја напушти поради она што следуваше по прославата на таа годишнина во 1989 година. Словенците тогаш разбраа дека она што му се случува на Косово, еден ден може да им се случи и ним.

Иронично, вечерта беше наречена „Мелодии на единството.“ Песната, која предизвика токму спротивен ефект, го расипа водечкиот проект на комесарката за проширување, која и самата е Словенка. Кос го почна Форумот за проширување минатата година и сака тој да стане годишен настан, ден кога Брисел ќе ја слави идејата за проширување на Унијата.

Верувам во тврдењето на Комисијата дека станува збор за вистински пропуст, за искрена грешка. Исто така, верувам дека никој во „Берлемон“ немал намера да ја навреди Приштина. Сепак, ако една искрена грешка може за само една вечер да предизвика дипломатски спор, тоа покажува колку малку е потребно за да се разгори пожар на Западен Балкан и колку малку денешните бирократи ја познаваат историјата на регионот за кој велат дека еден ден ќе биде дел од европското семејство.

Грешки се случуваат. Но, луѓето, кои со месеци го организирале овој настан, се добро платени со парите на европските даночни обврзници за да го проверат секој детаљ. Во регион каде што, не толку одамна, песните ги придружуваа тенковите, музичката листа на еден концерт посветен на Западен Балкан требаше да биде еден од деталите на кои особено ќе се внимава.

Парите го отежнуваат едноставното отфрлање на одговорноста. Во јануари 2026 година беа доделени речиси 2,5 милиони евра за комуникација, информирање и ангажирање во врска со проширувањето на ЕУ во следните 24 месеци. Трошоците за Форумот, одржан на 15 и на 16 ноември, сè уште не се јавно објавени, но би се изненадила доколку изнесуваат помалку од една четвртина од таа сума. За толку пари, некој можел да праша што претставува секоја од песните.

И тука не завршува приказната. Форумот е настан посветен на проширувањето, кој ги обединува засегнатите страни, експертите и активистите на граѓанското општество од земјите кандидати. Втора година по ред, никој од институциите на Косово не беше поканет. Косово не беше на сцената. Беше присутно единствено преку српска песна, која ја присвојува неговата територија.

Франција – можен кочничар на процесот на проширување?

Еврокомесарката Марта Кос се обраќа на форумот | Фото: Аудиовизуелен сервис на ЕК, Лукаш Кобус

Штета е, бидејќи ова е периодот од годината кога процесот на проширување треба да звучи најдобро. Во Брисел, последните два месеца од годината секогаш му припаѓаат на процесот на проширување.

Ноември почнува со годишниот пакет за проширување на Комисијата, придружен со извештаи за секоја земја. Декември ги носи Советот за општи работи, меѓувладините конференции што се одржуваат непосредно пред Божиќ и самитот со лидерите на Западен Балкан.

Во поголемиот дел од изминатите децении, ова беше ритуал: истите уверувања секоја година, истите целни датуми што постојано се поместуваа за следната година. Оваа година, за првпат, датумите навистина нешто значат, барем за една земја.

На 4 ноември, Европската комисија соопшти дека преговорите за пристапување со Црна Гора би можеле да завршат до крајот на оваа година, а договорот за пристапување би можел да биде потпишан уште во јуни 2027 година. Текстот на договорот веќе се подготвува, а земјите-членки го одобрија финансискиот пакет за членството на Црна Гора.

Тоа би бил првиот договор за пристапување потпишан по оној на Хрватска во 2011 година, односно по пауза од 15 години – најдолгата во историјата на ЕУ.

Но, временската рамка е чувствителна од две причини.

Едната е Хрватска. Загреб постави осум конкретни услови што Црна Гора треба да ги исполни пред пристапувањето. Нејзините забелешки повторно се однесуваат на минатото и датираат од 1990-тите.

Другата е Франција. Можното потпишување на одобрението за пристапување на Црна Гора во јуни 2027 година би се случило само неколку недели по претседателските избори во Франција. Кој и да победи, ќе наследи процес на ратификација за кој ќе биде потребен, или референдум, или трипеттинско мнозинство од дадените гласови во Конгресот, во кој заеднички заседаваат двата дома на францускиот парламент.

Во Франција, која денес е толку поделена, ниту едната, ниту другата опција нема да бидат лесни, а референдумот за Црна Гора наскоро би можел да се претвори во референдум за сè друго, освен за самата Црна Гора.

На Самитот за проширување на „Еуроњуз“, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ предупреди дека француската политика може да влијае врз проширувањето многу повеќе отколку што луѓето во моментов мислат. Тој им посака среќа на сите што ќе треба да добијат дозвола преку француски референдум и ги потсети присутните на 2005 година, кога Французите гласаа против европскиот Устав од причини што имаа малку врска со самиот Устав.

Г-дин Стабилност доживува пад

Претседателите на Молдавија, Финска и на ЕК | Фото: Аудиовизуелен сервис на ЕК, Ауроре Мартињони

Годишниот извештај на Европската комисија за Србија беше последниот подарок за администрацијата на „драгиот Александар.“ Во него беше забележано назадување во областа на владеењето на правото.

Според документот, Србија на Александар Вучиќ дефинитивно се оддалечила од своите понапредни соседи и се приклучила на „блокот на Турција и Грузија“, составен од земји што постојано бележат демократско назадување.

Но, до моментот кога извештајот беше објавен, тој до кого беше адресирано веќе си замина.

На 25 октомври, Србите излегоа на избори во бројки какви што не биле забележани повеќе од десет години, а опозициската Студентска листа освои апсолутно мнозинство.

Речиси деценија и половина, „драгиот Александар“ беше миленикот на Брисел на Балканот. Тој беше симбол на стабилноста; човек со кого можеше да се соработува.

Утрото на 26 октомври, се чинеше како никој никогаш да не го познавал. Речиси сите веднаш се дистанцираа од него. Тој стана паднат идол.

За разлика од Демократската опозиција на Србија (ДОС), коалицијата на партии што се обедини во 2000 година за да го собори Милошевиќ, српското студентско движење никогаш не доби отворена поддршка од Брисел во текот на двете години протести.

Сега сите овде зборуваат позитивно за нешто што никогаш претходно не се случило: движење без имиња и без лица што победува со убедливо мнозинство.

Едно од препознатливите лица на студентското движење беше вклучено во програмата на Форумот за проширување 2026, како главен говорник во последен момент. Агендата на Форумот беше ажурирана само неколку часа пред неговото појавување, а публиката го поздрави со стоечки овации уште пред да изговори и еден збор.

Последниот танц на Црна Гора како земја кандидат

Дел од атмосферата на форумот | Фото: Аудиовизуелен сервис на ЕК, Лукаш Кобус

Лидерите на ЕУ и Западен Балкан ќе се сретнат во Брисел на 25 ноември. Најверојатно, ова ќе биде последниот состанок на високо ниво на кој Црна Гора ќе учествува како земја кандидат.

Доколку сè помине без проблеми, на следниот самит ЕУ – Западен Балкан, Црна Гора ќе биде земја во процес на пристапување, со активен набљудувачки статус во ЕУ.

Ќе биде интересно да се види кој ќе дојде на самитот од Белград и во кое својство. Премиер од новото мнозинство, доколку дотогаш биде формирана влада? Претставници на старата власт во технички мандат? Или уште едно празно столче, како минатиот декември?

Кој и да се појави, или воопшто да не се појави, лидерите на ЕУ ќе имаат конкретни барања.

Нацрт-декларацијата, која треба да биде усвоена на самитот, нагласува дека нема да има компромис во однос на величањето на воените злосторници, усогласувањето со санкциската политика на ЕУ и спроведувањето на договорите постигнати во дијалогот со Косово, вклучително и обновувањето на преговорите.

Можеби некој треба да ја провери и музиката за таа вечер.

Ако Брисел сака мелодии на единство на Западен Балкан, треба да почне со учење на симболиката на стиховите.

Насловна фотографија: Аудиовизуелен сервис на ЕК, Лукаш Кобус