Анализи

Градежен надзор – потпиши се и не мора да доаѓаш

Системот за надзор полн со дупки

Петнаесетина конкретни задачи, од кои голем дел подразбираат одење на терен, треба да изврши надзорниот инженер, кој надгледува како се одвива некоја градба. Уште пред инвеститорот да почне да гради, надзорот треба да утврди дали работите ги почнува во согласност со основниот проект што го добил од општината.

Потоа мора да биде таму при обележувањето на градилиштето, па кога ќе се копаат темели. Ниту тогаш не престанува неговата работа. Треба да набљудува и кога ќе се подига нов кат, па се до покривот, фасадата и завршните занаетчиски работи.

Барем такви обврски им припишува Законот за градење. Од кога сево ова ќе го проследат и евидентираат, може да ја пуштат зградата во употреба, односно да го направат таканаречениот технички прием. Тие, всушност, го даваат и последниот збор дали инвеститорот си ја завршил својата работа и луѓето може да се вселат.

Но, во пракса, работите се одвиваат многу поинаку.

Граѓани на социјалните мрежи сведочат за проблемите со кои се соочуваат откако ќе се вселат во своите станови. Има примери на жалби до општините дека зградата е пуштена во употреба, а сè уште нема покривна изолација. Барем таков е случајот на жител на Аеродром, кој јавно се пожалил до општината, која, пак, вели дека нема ингеренции.

Центарец, пак, посочува на необезбедено градилиште, а жител на Ѓорче Петров јавно бара од градежниот инспектор, градоначалникот и од пратеникот од општината, да реагираат за градежните работи што се изведуваат до нивниот објект оти вели дека тој и неговото семејство се чувствуваат небезбедно.

Клучна улогата на приватниот надзор

Често надзорот е сведен само на потпишување извештаи, а не и на контрола на градбата | Фото: БИРН

Упатените, проблемот го лоцираат во тоа што оној што го прави надзорот е најмен и платен од оној што гради, односно од инвеститорот.

Според професорот од Градежниoт факултет, Горан Марковски, ова е конфликт на интереси бидејќи, иако надзорот би требало да го штити квалитетот на градба, кај нас во „најголем број случаи се сведува исклучиво на потпишување на завршниот извештај, со кој се потврдува дека објектот е изведен со потребниот квалитет и во согласност со одобрениот проект.“

„За жал, значително е помал бројот на оние што вршат вистински стручен надзор и суштински се грижат за квалитетот и безбедноста на градбите. Имено, надзорните органи, ангажирани од инвеститорите, честопати се изложени на притисоци и влијанија што произлегуваат од интересите на оние што ги ангажираат, со што се доведува во прашање нивната независност и објективност“, вели Марковски.

Од друга страна, пак, нивната улога е клучна, оти како што додава надзорот, може да го „контролира бетонот или арматурата или како се залепени плочките, а инспекторот кога ќе излезе на терен може да провери висини и ширини.“

Лични примери, како стручно лице што вршело надзор има и архитектот Никола Велковски. Тој, за БИРН, вели дека во дваесетина случаи се откажал да биде надзор.

„Тоа биле случаи кога само ми рекле ‘Биди ми надзор, ама не мора да доаѓаш на објектот, само дојди на крај да направиш завршен извештај за извршен технички прием, потпиши и завери го.’ А тоа еден совесен и професионален инженер не смее да го направи. Но, за жал, многумина тоа го прават затоа што инвеститорите се физички лица и нив на крај ги интересира само профитот, а не стабилноста и квалитетот на изведените градежно занаетски работи на објектот“, вели Велковски.

До пред 15 години, пак, работите беа поинакви и техничкиот прием не беше оставен само на надзорот. За една зграда да биде пуштена во употреба, требаше да одлучи комисија, која ја формираше општината.

„Таа комисија за технички прием внесуваше страв кај надзорните инженери дека некој утре може да го отвори тоа прашање и да побара испитувања на квалитетот на бетоните, квалитет на армирање, квалитет на изведената електроинсталација и мораше да се одговорат тие прашања пред комисијата“, вели Велковски.

Решението, сугерира тој, е повторно крајниот збор за тоа дали еден објект е готов за вселување да го имаат општинските комисии во кои би требало да се ангажираат стручни лица што имаат искуство во оперативата и градежната изведба.

Засега, пак, контролата на работата на надзорните компании е сведена само на административна проверка, односно дали компаниите имаат вработено инженери со овластувања, што е услов компаниите да добијат лиценца.

Една од поголемите акции на одземање лиценци беше во 2024 година по пожарот во Кочани, по кој владините челници најавија „рестартирање на системот.“

Тогаш, Министерството за транспорт објави дека ги прегледале документите на вкупно околу 3.000 фирми за градење, проектирање и надзор и дека одзеле лиценци на околу 430.

Проверката, пак, за тоа како работат на терен, како што вели за БИРН, директорот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Зухејр Реџепи, треба да ја прават општинските инспектори.

Нема кој да ги контролира

Во државниот инспекторат има само тројца инспектори | Фото: БИРН

А нив ги нема во доволен број. Последните податоци што БИРН ги доби од Државниот инспекторат покажуваат дека од 80 општини, инспектори има на територијата на 52. Некои имаат свои, некаде си ги позајмуваат една на друга, а некаде, пак, воопшто нема.

Очајната состојба со овие кадри може да се отслика и преку две скопски  општини, кои се меѓу најатрактивните за градење – Центар и Кисела Вода. Првата нема инспектор, па позајмува од соседната, така што контролата на стотиците градби во исто време се врши со скромни човечки ресурси.

Сарај, пак, општина во која, во последниве години, исто така, масовно се гради, воопшто нема инспектор.

Во такви случаи, граѓаните може да се обратат до Државниот градежен инспекторат, чија основна задача е да ги контролира државните градби, како мостови, брани итн., но излегува на терен и за станбени згради по потреба.

Но, и таму имаат проблеми со кадар. Во моментов, вработени се тројца инспектори, од кои само еден со овластување за контрола на терен, а другите двајца имаат овластувања да ги проверуваат само проектите на хартија.

„Една од причините зошто немаме доволно инспектори се и ниските плати, кои се неконкурентни. Некој потенцијален градежен инспектор попрво ќе конкурира во општините, каде што е слободна позицијата, бидејќи таму платите се повисоки отколку што се кај нас“, изјави Реџепи.

Во меѓувреме, додека врзаниот систем за контрола на квалитетот на градба потфрла, професорот Марковски нагласува дека клучна е совеста.

„Губењето на совеста и свеста за професионалната и општествената одговорност не може да се надомести со воведување дополнителни механизми за контрола. За жал, се чини дека денес токму овие вредности сè повеќе се губат“, вели професорот.

Овој текст е изработен како дел од БИРН обуката за истражувачкo новинарство, наменета за млади новинари и за студенти.