Iskra Hadzi Vasileva
Извештај

Искра Хаџи Василева: Нова шефица, стари предизвици

Обвинителката за гонење организиран криминал ја презеде функцијата

Искра Хаџи Василева од денеска го презеде кормилото на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Досега најмладата шефица на оваа институција, со 43 години, даде заклетва пред членовите на Советот на обвинители. Рече дека ѝ е чест што стапува на функцијата и дека ја обврзува на одговорност.

Нејзиното име во јавноста почна да се спомнува, пред сè, преку неколку звучни предмети од високата корупција.

Таа го води случајот со 350 илјади евра пронајдени кај апелацискиот судија Ѓоко Ристов, потоа случајот за поранешниот директор на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, за поткуп, води истрага против поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, а го водеше и случајот против ексградоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, за случајот со марихуаната. Хаџи Василева беше обвинителка и кога почна случајот против кардиологот Жан Митрев.

Новата шефица не наследува само функција, туку и отворени прашања, чувствителни предмети и случаи што бараат обвинителски одговор. Во последниве недели, во јавноста се разговара за влезот на Алта банка во Македонија, за што државниот обвинител Ненад Савески само кратко изјави дека ја следат состојбата.

Претходно на чело на ОЈО ГОКК беа Јован Илиевски, Вилма Русковска и Ислам Абази.

БИРН ја праша Хаџи Василева дали има обвинителски став за случувањата со Алта банка, рече дека е неупатно да одговори во моментот, затоа што за тоа треба да види „материјал.“

„Доколку имаме посериозни траги или основи, се разбира дека ова се теми што се следат будно“, алудирајќи на предметите што Обвинителството може да ги отвори по допрен глас.

На потпрашање дали тоа значи дека ќе комуницираат со колегите од српското обвинителство за организиран криминал, беше внимателна во оценката.

„Тоа е и начин на работа и нешто на кое нè обврзува законот. Конкретно со Србија имаме добра меѓународна соработка.“

Ова е еден од последните случаи за кој политичките партии на опозицијата бараат кривична одговорност.

Претходно, опозициските партии побараа обвинителството да отвори предмет за намената и трошењето средства од Државната лотарија за организација на прославите по повод Денот на независноста. Но, до денеска, барем јавно, нема информација дека Обвинителството постапува за овие случаи.

Незгодно „наследство“

Потпишување на свечената изјава | Фото: БИРН

Хаџи Василева, на маса ја чекаат и неколку предмети што се заглавени со години.

Еден од нив е обвинението за „Талир“, во кој ВМРО-ДПМНЕ е обвинета за перење пари, а судската постапка се влече речиси осум години без пресуда.

Годинава, сите рочишта за „Талир“ се одложени или отповикани. Одговорноста за овој случај не е само кај судот. На судските рочишта, БИРН не забележа ниту дека обвинителката Енѓелуше Кадриу, која го презеде предметот од Ленче Ристоска, вложува видлив напор да му даде поголема динамика на процесот.

На новата шефица ѝ остануваат и двата отворени предмети поврзани со наводите за незаконско следење на премиерот Христијан Мицкоски. Сомнежите за следење, тој самиот ги изнесе во јавноста, повикувајќи се на информации од тајните служби – Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање.

Едниот предмет е отворен во декември 2024 година, но во ниту еден од двата досега не е отворена истрага, ниту, пак, има осомничени.

Дополнителен предизвик е и случајот со набавката на мазут, кој предизвика силни политички реакции. Обвинителката Катерина Коларевиќ ја отфрли кривичната пријава, но вишиот обвинител Јован Цветановски го укина нејзиното решение и го врати предметот во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Случајот доби и силна политичка димензија, откако за него јавно зборуваа премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Тоа се само дел од предметите преку кои новата шефица ќе мора да покаже дали најавените приоритети ќе останат програмски декларации или ќе се претворат во конкретни резултати.

Во програмата со која ја доби функцијата најави поефикасно и поажурно постапување, финансиски истраги и конфискација на имот, зајакнување на капацитетите и дигитализација, како и поголема транспарентност и јавна доверба.

Хаџи Василева, која е обвинителка од 2009 година, на новата функција ќе работи со 11 обвинители.