Анализи

Пливање во Македонија: Скапо и во скромни услови

Со проблеми се соочуваат пливачите, рекреативците и пациентите

Во скопското невреме летоска, покрај стотиците дрвја што настрадаа, меѓу оштетените објекти беше и базенот „Карпош“ , во рамки на спортскиот центар „Борис Трајковски.“ 

Базенот веднаш го затворија, меѓутоа реконструкцијата ќе потрае.

Објектот, изграден кон крајот на седумдесеттите години, е едно од местата на кои се создаваат генерации скопски пливачи. Во главниот град, само уште Олимпискиот е голем и затворен базен, кој нуди слични услови и сега проблем е да се опслужат неколкуте стотици пливачи.

Од друга страна, пак, во голем дел од градовите во внатрешноста, невремето немаше што да уништи.

На прстите од една дланка се бројат големите затворени базени и многу пливачи не можат редовно да тренираат надвор од летната сезона. Така им се нарушува континуитетот, кој е неопходен за резултати на натпреварувачко ниво.

Покрај логистичките проблеми, младите пливачи и нивните семејства се справуваат и со финансиски товар за трошоците за членарина, опрема и за учества и патувања на натпревари во земјава и во странство.

Меѓутоа, недостигот од базени не е проблем што ги засега само спортистите и рекреативците. Тој се одразува и врз пациентите на кои водата им е неопходна за закрепнување.

Скопје уште долго со само еден голем базен

Олимпискиот сега е единствениот функционален голем базен во Скопје | Фото: БИРН

Лани пролетта, од таванот во базенот „Карпош“ паднаа делови од конструкцијата. Санацијата траеше речиси пет месеци и базенот повторно се отвори, со големо црно заштитно платно под таванот.

Уште тогаш беше јасно дека тоа не е трајно решение.

Имено, летово, големото скопско невреме однесе и дел од покривот, а, според медиумските извештаи, делови од него паднаа близу пливачките патеки во кои имало посетители по што базенот беше евакуиран. 

Овојпат одлуката беше сериозно да се реконструира базенот.

„Реконструкцијата на базенот ќе опфати 90 проценти од просторот“, велат во изјава за БИРН од СЦ „Борис Трајковски.“

Сепак, не може да се процени кога базенот повторно ќе биде во функција зашто се чекаат пари за реконструкцијата од владата, а, според проценките на раководството, градежните работи би требало да завршат во период меѓу 12 и 15 месеци од нивниот почеток.

„Најзначаен зафат е изградбата на целосно нов кров, со придружните елементи, кој треба да обезбеди сигурност и долготрајност“, велат оттаму.

Ќе потрае внатрешната реконструкција на базенот „Карпош“ | Фото: СЦ „Борис Трајковски“

Без базенот „Карпош“, товарот падна врз Олимпискиот базен. Клубовите што веќе имаа термини, таму почнаа да го делат просторот со оние што останаа без базен.

„Речиси сите клубови сме сега тука“, вели за БИРН искусен пливачки тренер што го сретнавме во базенот.

„Релативно бргу се адаптиравме на можностите што ги имаме. Не е исто како порано, но се трудиме да го извлечеме максимумот.“

Претседателот на Националната пливачка федерација, Сашо Лазаровски, кој дојде на оваа функција пред нешто повеќе од една година, во изјава за БИРН признава дека постојната инфраструктура не е доволна, особено по затворањето на базенот „Карпош“, и дека пренасочувањето кон Олимписки создава дополнителни финансиски и организациски предизвици.

„Согласно условите што ги имаме, се трудиме да го дадеме максимумот да извлечеме многу идни таленти и од школите за пливање, но и од натпреварувачите“, вели тој во изјава за БИРН.

Како се снаоѓаат пливачите од внатрешноста

Новоотворениот базен „Партизан“ прифати дел од пливачите од „Карпош“ | Фото: Министерство за спорт

Меѓутоа, има пливачи, кои поради затворањето на „Карпош“, мораа одреден период да престанат со пливање.

„По затворањето на базенот, паузирав со тренинзи. Олимпискиот базен не ми одговараше ниту локациски, ниту финансиски“, велат Максим, пливач кој претходно посетувал тренинзи во „Борис Трајковски“, и неговата мајка Ангела.

Според податоците собрани за ова истражување, пакет од осум термини месечно за едно дете-пливач во „Борис Трајковски“ чинел околу 2.750 денари, додека на Олимпискиот базен чини околу 3.850 денари.

Разлика во цените има и за рекреативците. За пливање трипати неделно, односно 12 влеза во месец со четири недели, месечниот билет во „Борис Трајковски“, пред затворањето, чинел 2.300 денари. На Олимпискиот базен пакет од 12 влеза чини 3.400 денари.

Континуитетот е клучен во спортското пливање. Искусните натпреварувачи објаснуваат дека ако една недела не се тренира, потребни се три седмици да се надополни заостанувањето.

Малиот Максим, по паузата, продолжил да плива во новиот затворен базен кај „Партизан“ во Карпош.

„Засега добро ја прифаќа промената“, вели неговата мајка Ангела.

Училишните базени, како овој во Кисела Вода, не можат целосно да ги заменат големите | Фото: Влада на РСМ

Токму пливачката федерација го презема управувањето со овој базен, а претседателот на НПФ, Лазаровски, најавува и користење на базените во Кисела Вода и во Ѓорче Петров.

Со четири патеки и мала длабочина, базенот „Партизан“ е погоден за обука, рекреација и работа со деца. Меѓутоа, неговиот капацитет не може да го надомести просторот потребен за тренинзи на повеќе натпреварувачки групи и екипи за ватерполо.

Континуитетот е посебен предизвик за пливачите од внатрешноста.

Десетина општини имаат отворени базени, меѓутоа градовите со затворени базени, каде што може да се тренира и во зима, се само Скопје, Куманово и Струга. Охрид, сѐ уште го чека довршувањето на затворениот базен, чија изградба почна во 2015 година.

Училишните базени можат да ја подобрат достапноста. Во најавите и проектите се појавуваат училишни базени во Штип, Струмица, Велес, Неготино, Прилеп, Битола, Гостивар, Кичево и во повеќе скопски општини, во различни фази на реализација.

Членарината е само дел од сметката

Членарината е само дел од трошокот на младите пливачи | Фото: БИРН

Кога детето ќе премине од школа во натпреварувачко пливање, членарината е само почеток. Следуваат опрема, стартарини за учество во натпревари, патувања, сместувања, подготовки, кампови и лекарски прегледи.

Според податоците собрани за ова истражување, месечните членарини во Македонија, во зависност од бројот на термините и базените, се движат меѓу 3.700 и 6.500 денари, а дополнителен трошок се факултативните посети на пливачките кампови. Со сите дополнителни трошоци, годишната сметка за еден натпреварувач или репрезентативец може да достигне повеќе илјади евра.

„Моето дете плива двапати неделно на Олимписки и плаќаме околу 3.850 денари месечно, односно над 46.000 денари годишно. Само пливачката опрема нѐ чини околу 100 евра, а за гориво од дома до базен низ Скопје одат уште околу 50 евра месечно“, вели еден од родителите.

За пливачка опрема често се оди во соседните држави | Фото: Pexels

Семејствата на пливачите велат дека проблеми се и достапноста на опремата и нејзината цена. Во Скопје и во Македонија, ограничен е бројот на специјализирани продавници и оттаму цените на опремата се високи, па затоа за многу семејства поевтино е да отпатуваат до Солун и Софија за опрема.

Финансискиот товар се зголемува кога пливачите влегуваат во натпреварувачките категории. Често, семејствата ги покриваат патните трошоци и специјалните професионални костими, без кои се невозможни спортски успеси.

„Еден натпреварувачки костим, кој може да се користи најмногу осумпати, чини некаде околу 380 евра“, вели родител на млад пливач што се натпреварува во земјава и во странство.

Во однос на финансиската поддршка, претседателот на НПФ, Лазаровски, како значаен исчекор го издвојува одблокирањето на сметката на Федерацијата по 12 години. Со тоа, според него, се отвораат можности за поголема поддршка на репрезентативците, учество на меѓународни натпреварувања, стручни обуки за тренерите и подобрување на условите за подготовки.

Финансирањето се планира преку соработка со клубовите, државните институции и спонзорите, со цел постепено намалување на финансискиот товар врз семејствата.

Тој се надева дека од следната буџетска година, Федерацијата ќе располага со сериозен буџет за остварување на овие цели.

Поради непредвидливостите што се појавувале во изминатите години, родители од повеќе клубови во мај 2026 година формирале неформален Иницијативен одбор, барајќи подобри услови за тренинг, појасна комуникација, подобра организација на натпреварите, поголема поддршка за репрезентативците и повеќе професионализам и транспарентност во македонското пливање.

Меѓутоа, пливањето како спортска дисциплина бара многу повеќе од тренер и часови во вода. Потребни се спортска медицина и физиотерапија, сув тренинг во фитнес-сала, нтуриционистички совети и психолошка поддршка и закрепнување по повреди. 

Кога тоа не го обезбедуваат клубовите или институциите, и тој товар паѓа врз семејството.

Базените не се јавен интерес само кога се освојува медал

Недостатокот на базени проблем и за дел од пациентите | Фото: Pexels

Дел од граѓаните ги користат базените и за рехабилитација.

„Овие пациенти често се жалат на ограничената достапност на базените и недостигот од слободни термини. Овој проблем постоеше и пред затворањето на базенот ‘Карпош’, кога во Скопје функционираа двата најкористени базена“, вели за БИРН, д-р Александра Димова, ортопед.

„Сега состојбата е дополнително отежната. Надеж претставува новоотворениот училиштен базен ‘Партизан’, особено за најмладите пациенти.“

Таа посочува дека пливањето е корисно за правилен раст и развој кај децата, особено како дополнителна активност при сколиоза, кифоза и неправилно држење на телото, но и за пациенти со ослабена мускулатура по повреди или подолга неподвижност.

„Постојат и базени што се лоцирани во специјализирани установи за физикална рехабилитација, но тие не можат целосно да ја заменат потребата од достапни јавни базени“, објаснува д-р Димова.

Недостигот од базени во Скопје и во Македонија ги ограничува можностите за здрав развој на децата, вели д-р Аница Хаџи-Петрушева Јанкијевиќ, специјалист по физикална медицина и рехабилитација.

„Пливањето е особено добра форма на активност бидејќи ангажира голем број мускулни групи, ја подобрува кардиореспираторната издржливост и овозможува движење со помало оптоварување на зглобовите“, објаснува таа.

Пливањето позитивно влијае и врз психичката состојба, а активноста треба да биде приспособена на возраста и здравствената состојба.

Со затворањето на еден базен, како оној во Карпош, граѓаните губат простор за обука, рекреација и терапевтско вежбање. Затоа неговата вредност се мери и со детето што ќе научи да плива, пациентот што ќе вежба во вода и граѓанинот што ќе остане физички активен.

Овој текст е изработен како дел од БИРН обуката за истражувачкo новинарство, наменета за млади новинари и за студенти. Авторот е ангажиран и како тренер по пливање