Анализи

Србија по Вучиќ повторно ќе се поврзе со Европа, но не следува меден месец

Структурните процеси ќе одредат како ќе комуницираат ЕУ и новата српска влада

На 25 октомври 2025 година, српските студенти и коалицијата што ја формираа, наречена „Студентска листа“, го шокираа светот со тоа што ја поразија владејачката Српска напредна партија со убедлива изборна победа. Со тоа заврши 14-годишното владеење на Српската напредна партија (СНС) и нејзиниот лидер Александар Вучиќ, период во кој СНС доминираше со јавните институции, медиумите и безбедносните служби на државата.

По изборите, европската комесарка за проширување, Марта Кос изјави дека „за Србија може да почне ново поглавје. Вратата кон ЕУ е отворена и подготвени сме заедно да продолжиме напред.“

Но, не толку бргу. Крајот на стариот режим не значи дека може да почне медениот месец меѓу ЕУ и Србија, ниту, пак, значи дека членството на Србија во ЕУ е сигурна работа.

Што е реално да се очекува во периодот по изборите? Новата влада ќе испрати гестови на добра волја кон Брисел и кон европските престолнини. Илија Срдановиќ, прв на Студентската листа, изјави дека Србија останува посветена на европската интеграција и дека новата влада ќе продолжи со разговорите за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, со посредство на Брисел.

Навистина, новата влада, исто како и секоја друга српска влада, мора да го има предвид фактот дека Србија е континентална држава сместена на европско тло, која се граничи со четири земји-членки на ЕУ, и дека ЕУ е нејзиниот главен економски партнер, со учество од речиси 59 проценти во вкупната трговија на земјата.

Може да се очекува и помалку негативна реторика кон ЕУ во српските медиуми, бидејќи таблоидите на Вучиќ постојано известуваа негативно за ЕУ, со цел режимот да ја претстави Унијата како виновник за внатрешните престапи и проблеми на СНС.

Проблемот е во тоа што Вучиќ и неговиот систем не беа единствената причина зошто патот на Србија кон ЕУ е во лоша состојба. Различни српски влади и лидери пред Вучиќ, исто така, не успеаја да донесат вистински промени во периодот по Милошевиќ. Суштината на проблемот е во тоа што објективните структурни процеси во Европа влијаат врз начинот на кој ЕУ и новата српска влада ќе комуницираат меѓусебно.

Намалување на кредибилитетот на ЕУ

Граѓани следат предизборен собир на Студентската листа | Фото: Гаврило Андриќ (protesti.pics)

Во изминатите 18 години, граѓаните на Србија речиси постојано слушале лоши вести за ЕУ. Од 2008 година, Балканот беше сведок на низа кризи поврзани со ЕУ: глобалниот финансиски колапс, кризите во еврозоната и со миграцијата, Брегзит, пандемијата, руската инвазија врз Украина и постојаните поделби во рамките на Европа.

Заедно, овие случувања го ослабнаа угледот на ЕУ како извор на стабилност и просперитет, создавајќи можности за незападните сили да го прошират своето влијание во регионот.

Во истиот контекст може да се направи споредба меѓу протестните движења во Франција и Србија. Додека протестите во Франција беа поттикнати од социо-економското незадоволство и од лошите услови во образовниот систем, тие постепено прераснаа во вандализам на национално ниво, со што се доведе во прашање ефикасноста на општествениот договор врз кој се темелеше западната политика во изминатите неколку децении.

Наспроти тоа, протестите во Србија целосно ја преобликуваа српската политика, создавајќи атмосфера на надеж, единство и оптимизам што се чувствува во целото општество. Како последица на тоа, многумина ќе се прашаат дали Европејците ги имаат сите одговори и дали европскиот модел претставува универзален лек за сите проблеми.

За работите да бидат уште покомплицирани, ЕУ значително го потроши и сопствениот кредибилитет. Доволно е да се погледне примерот на Северна Македонија – земја која направи болни политички компромиси и отстапки, вклучително и решавањето на долгогодишниот спор за името со Грција, само за потоа да се соочи со блокада од Бугарија.

Тоа не му избега на Вучиќ, а не им бега ниту на неговите демократски наследници. Во случајот со Србија, Марта Кос веќе нагласи дека Србија не може да стане членка на ЕУ без целосно усогласување со надворешната политика на Унијата, вклучително и со санкциите против Русија.

Ова е едно од ветувањата што Студентската листа се обврза дека нема да го исполни.

За новото српско раководство, исто како и за режимот што го поразија, дилемата е следна: зошто би ги прекинале врските со земји, како Русија и Кина, или би ризикувале политичко самоубиство со признавање на независноста на Косово, само за на крајот да ризикуваат да бидат третирани како Северна Македонија?

Навистина, новата српска влада сè уште не е формирана, а Јанез Јанша, премиерот на Словенија и чест сојузник на Александар Вучиќ, веќе изјави дека патот на Србија кон ЕУ зависи од тоа дали Србија ќе ја предаде документацијата на поранешните југословенски безбедносни служби.

Оваа изјава дополнително го зајакнува впечатокот дека секогаш некој ќе го блокира Белград, ќе поставува услови за неговото членство и постојано ќе ги поместува целите што Србија треба да ги исполни.

По години во кои Србија и регионот беа ставени во втор план, многумина се прашуваат дали ЕУ навистина сака Србија да стане нејзина членка.

Еден мој добар пријател од српското граѓанско општество, кој е длабоко посветен на европскиот проект, ми рече пред неколку месеци:

„Од соборувањето на Милошевиќ поминаа 26 години. Ако навистина сакаа да бидеме дел од Унијата, досега ќе станевме членки трипати.“

Ако некој како мојот пријател размислува на овој начин, тогаш ЕУ има сериозен проблем со кредибилитетот во земјата, што ја прави идејата за членство многу потешка за прифаќање отколку порано.

Српските студенти ја поразија старата структура на моќ заради сопствената иднина, а не заради некаква наводно светла европска иднина. Ова е во остра спротивност со антимилошевиќевската револуција од 2000 година, кога враќањето на Европа имаше значајна улога.

Покрај тоа, многумина не прашуваат само дали Европа ја сака Србија во своите редови, туку и дали Европа воопшто има капацитет да ја прими Србија, дури и доколку тоа го сака.

Со оглед на тоа што снимките од Париз ги покажуваат размерите на европската криза, а лидери како францускиот претседател Макрон и германскиот канцелар Мерц се соочуваат со пад на јавната поддршка во сопствените земји, какви гаранции може да ѝ понуди оваа ранета Европа на Србија?

На крајот, ЕУ дополнително го поткопа својот кредибилитет како заштитник на демократијата и владеењето на правото, бидејќи ги занемаруваше авторитарните практики на Вучиќ во замена за соработката на Белград во врска со миграцијата и Косово, како и за профитабилните договори за одбрана и можноста да обезбеди пристап до српските наоѓалишта на литиум.

Навистина, ерата на Вучиќ почна во 2012 година, кога неговиот партиски сојузник Томислав Николиќ победи на претседателските избори, а Европската комисија објави соопштение со честитки за неговата победа три часа пред затворањето на избирачките места.

Тоа беше во целосна спротивност со начинот на кој ЕУ постојано ги ставаше под лупа владите по Милошевиќ, и покрај нивниот демократски легитимитет.

Зоран Ѓинѓиќ, прозападниот српски премиер во периодот од 2001 до 2003 година, постојано се соочуваше со притисоци од Западот во врска со соработката со Хашкиот трибунал и прашањето за Косово, без притоа да добие доволно отстапки што би му овозможиле да ги претстави тие тешки компромиси како прифатливи пред незадоволното население.

Тој беше убиен во 2003 година.

Навистина, до моментот кога прозападните лидери завршија со екстрадирањето на осомничените за воени злосторства во Хаг, граѓанското движење во Србија веќе беше истрошена политичка сила, која немаше речиси ништо конкретно да им покаже на граѓаните, а сега се очекуваше да се справи со уште поголемиот предизвик – спорот за Косово.

Тоа го отвори патот за владеењето на СНС.

Обнова на довербата

Прослава на победата на Студентската листа во Белград | Фото: Гаврило Андриќ (protesti.pics)

За да бидеме целосно објективни, Марта Кос беше една од ретките функционери на ЕУ што отворено го критикуваа поранешното српско раководство.

Исто така, за време на нејзината балканска турнеја кон крајот на септември, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен не ја посети Србија, со што на кампањата на Александар Вучиќ ѝ беше ускратена можноста да добие европски легитимитет.

Сепак, ЕУ не застана зад ниту една друга страна на изборите, како што тоа го правеше во минатото.

По години толерирање на Вучиќ, ЕУ сега ќе мора да се соочи со многу поскептична влада и со уште поскептично население.

Европејците, сепак, можат да очекуваат одредени позитивни придобивки од новата влада. Доколку биде успешен, реформскиот процес што новата влада ќе мора да го спроведе ќе го зајакне владеењето на правото на локално ниво, што се совпаѓа со дел од реформските критериуми што ги бара формалниот процес на пристапување во ЕУ.

Новата влада, исто така, ќе настојува да ги подобри односите со соседите на Србија, како што ветија некои претставници на Студентската листа.

Ова е ветување што е во интерес на ЕУ, бидејќи Брисел и другите европски престолнини сакаат мир и стабилност во своето балканско соседство.

Ќе бидат потребни многу време и напор за да се обнови меѓусебната доверба.

Европа може да ја врати довербата и да ги поправи односите доколку ѝ даде на новата влада време и трпение да ги среди состојбите во сопствената држава.

Со оглед на тоа што членството во ЕУ е неизвесна перспектива, ова трпение истовремено ќе ѝ овозможи и на Европа да ги среди сопствените проблеми.

Алтернативата би била уште еден неуспешен процес на транзиција и уште порадикализирано општество, кое, не само што нема да сака да биде дел од Европа, туку нема ни да сака да соработува со неа.

Вук Вуксановиќ е предавач по надворешна политика и голема стратегија на Катедрата за воени студии при Кралскиот колеџ во Лондон (King’s College London) и соработник во LSE IDEAS, тинк-тенк за надворешна политика во рамките на Лондонската школа за економија и политички науки (LSE).

Тој е автор на книгата „Балансирањето на Србија: меѓу Русија и Западот“ (Serbia’s Balancing Act: Between Russia and the West), објавена од издавачката куќа Bloomsbury Academic во 2025 година.

Изразените ставови се ставови на авторот и не мора да ги одразуваат ставовите на БИРН.

Насловна фотографија: Гаврило Андриќ (protesti.pics)