Државата си ја врати парцелата покрај Собранието, на која скопската фирма „Анго“, десет години не успеа да изгради катна гаража, но сè уште не е јасно дали е исплатено обесштетувањето од близу 700.000 евра.
Недостапни се и пресметките што доведоа до тоа надоместокот да порасне повеќе од двојно од сумата што компанијата ја плати за парцелата во 2013 година, бидејќи стручното вештачење е недостапно за јавноста.
Во деценијата зад нас, „Анго“, и покрај застојот, го задржа правото за градење, имајќи го крај себе како адвокат Панче Тошковски, кој долго време ги застапуваше во правните битки со Општина Центар. Нивната соработка се темели на тоа што актуелниот министер за внатрешни работи и семејството Трпковски, кое стои зад фирмата „Анго“, се пријатели и соседи во мала зграда во Буњаковец.
И покрај јасниот јавен интерес во овој случај, веќе неколку месеци, одговорните институции, Собранието и Министерството за финансии, или ги игнорираат нашите прашања, или си ја префрлаат одговорноста за информациите околу исплатата.
Во меѓувреме, БИРН открива дека владата предложила промена во начинот на обесштетување со отворање посебна наменска сметка на Собранието. Тој потег, комбиниран со молкот на институциите, отвора сомнеж дека се заобиколуваат вообичаените процедури за исплата на буџетски средства, со што би се избегнало јавно објавување на трансакциите преку платформата Отворени финансии.
Молк околу исплатата

Состојбата на градилиштето летото 2024 | Фото: БИРН
Државата се вклучи во решавањето на децениската сага со гаражата откако летото во 2024 година, „Анго“ ја огради парцелата и ги извади багерите, само неколку недели пред да истече десетгодишниот рок за завршување на градбата.
Тогаш новата влада, на чело со Христијан Мицкоски, како аргумент за обесштетување го усвои и она што повеќе од една деценија, надлежните упорно го занемаруваа, а тоа е сериозниот потенцијал, гаражата да биде безбедносен ризик за пратениците.
Следното лето се донесе закон што треба да ја гарантира безбедноста на Собранието и во него се вгради механизмот со кој државата ќе ја одземе парцелата од близу 2.500 квадратни метри и соодветно ќе ја обесштети фирмата.
Потоа владата му наложи на Министерството за финансии да ја исплати „Анго“, откако Државното правобранителство, институција чија работа е да ги штити интересите на државата, ќе направи проценка за тоа колку пари треба да ѝ се вратат.
Вештачењето e испратено до Министерството за финансии во март годинава, додека во меѓувреме, земјиштето стана државна сопственост.
БИРН, во тој период, постојано поставуваше прашања за исплатата и од инволвираните институции добиваше одговори од типот „предметот е сè уште во постапка.“
Информацијата што дури сега ја дознавме, „закопана“ во записник од владина седница – објавен пет месеци подоцна, открива дека Министерството за финансии, откако го добило вештачењето, во април побарало промена на процедурата за исплата.
ИСТРАЖУВАЊA
Катна кај Собрание: Паркирани интереси и негрижа
По тоа, барање, според записникот, владата му препорачала на Собранието да отвори посебна наменска сметка и таму да бидат исплатени парите за „Анго“, но дури по ребалансот на буџетот од ова лето.
Во документот е нотирано дека министерот Панче Тошковски се изземал од одлуката.
И покрај нашето повеќенеделно инсистирање, ниту Собранието, ниту, пак, Министерството за финансии не откриваат дали е отворена наменска сметка и дали парите од Финансии легнале на сметката и оттаму биле префрлени на „Анго.“ На државниот портал Отворени финансии, каде што се бележат исплатите од буџетот, не успеавме да откриеме дали парите го поминале овој претходно зацртан пат.
Од друга страна, пак, обидот нешто да дознаеме од сопственичката на „Анго“, Анкица Трпковска, доби комична димензија.
Првично не одговори на нашиот повик. Подоцна, откако видела дека има пропуштен повик, таа ни се јави. Откако ги слушна прашањата, побрза да го прекине разговорот со нелогично образложение.
„Извинете, не можам да зборувам! Сега сум на состанок, ќе ви се јавам подоцна“, одговори Трпковска, очигледно заборавајќи дека таа нас повратно нè контактираше.
Иако вети, подоцна не се прејави.
Вештачење недостапно за јавноста
Јавноста нема увид и во вештачењето што утврди дека, покрај првичната инвестиција за купување на парцелата, обесштетувањето треба да ги покрие и другите трошоци што фирмата ги имала во обидот да ја изгради гаражата, како што се парите за комуналии, елаборати, проекти и даноци.
Во изминативе неколку месеци, додека БИРН трагаше по овој документ, институциите само си ја префрлаа одговорноста.
На 22 јули годинава, Државното правобранителство нè информираше дека, иако го нарачало стручното вештачење, веќе не го поседува.
„Во однос на бараната информација – копија од вештачењето, односно процената врз основа на кoja e изготвено наведеното барање, укажуваме дека е вратена во оригинал на Министерството за финансии, поради што Државното правобранителство за подрачје Скопје не располага со наведениот документ.“
„Оттука, барателот се упатува, за прибавување на бараната информација да се обрати до Министерството за финансии“, стои во решението по нашето барање за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Една недела подоцна, по претходно испратено друго барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, Министерството за финансии нè врати кај Правобранителството.
„За бараните документи е надлежно Државното правобранителство, оттука е потребно да се обратите до Државното правобранителство како надлежна институција, имател на информацијата, кој ја создал и ја поседува.“
Во меѓувреме, во ноември 2024 година, бргу по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на власт, сопственичката на „Анго“, Анкица Трпковска беше избрана за член на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), државната институција што го регулира телекомуникацискиот сектор.
На собраниската седница, за неа гласаа 61 пратеник од владејачкото мнозинство.
Трпковска не е вработена во АЕК. Таа треба да учествува на седниците на Комисијата, која на некој начин функционира како управен одбор, усвојува годишни извештаи и програми, ја следи нивната реализација и разрешува и избира директор.
За ангажманот прима месечен надоместок во висина од четири просечни плати, односно околу 2.700 евра.
Насловната илустрација е едитирана со вештачка интелигенција
