Вести

Државни 700.000 евра за да нема гаража кај Собранието

Парите за обесштетување сè уште не ѝ се исплатени на фирмата

Државата проценила дека треба да ѝ исплати обесштетување од речиси 700.000 евра на фирмата „Анго“, зашто лани ѝ ја одзеде парцелата до Собранието, каде што компанијата една деценија не само што не успеа да подигне гаража, туку практично и не почна да ја гради.

До овој заклучок се доаѓа од информацијата што Државното правобранителство неделава ја сподели со БИРН, а која се базира врз стручно вештачење. На прашањето на БИРН дали Министерството за финансии ги исплатило парите, како што Владата предвиде да тече процедурата, оттаму велат дека „предметот е сè уште во постапка.“

„Анго“ плати нешто повеќе од 330.000 евра за парцелата во 2013 година, откако победи на јавното наддавање, а сега ќе добие повеќе од двојно. Разликата до 700.000 евра, што треба да ѝ бидат исплатени, покрај првичната инвестиција за купување на парцелата, треба да ги покрие и останатите трошоци што фирмата ги имала во обидот да ја изгради гаражата, како што се парите за комуналии, елаборати, проекти и даноци.

ИСТРАЖУВАЊЕ
Катна кај Собрание: Паркирани интереси и негрижа

На ова земјиште со години ништо не се работеше, а во меѓувреме Општина Центар, на чија територија е парцелата, неколку пати судски се обиде да ја одземе градежната дозвола и да го раскине купопродажниот договор. Правните битки „Анго“ ги доби, имајќи го покрај себе како адвокат Панче Тошковски, човекот што сега ја води полицијата.

Тошковски претходно за БИРН потврди дека е пријател и сосед, во иста зграда, со семејството Трпковски, кое стои зад фирмата, меѓутоа инсистираше дека секогаш се изземал при државните одлуки поврзани со парцелата.

Парцелата веќе е државна

Државата се вклучи во решавањето на децениската сага со гаражата откако есента 2024 „Анго“ ја огради парцелата и ги извади багерите, само неколку недели пред да истече десетгодишниот рок за завршување на градбата.

Тогаш новата влада, на чело со Христијан Мицкоски, како аргумент за обештетување го усвои и она што повеќе од една деценија надлежните упорно го занемаруваа, а тоа е сериозниот потенцијал гаражата да биде безбедносен ризик за пратениците.

Минатата година беше донесен посебен закон што треба да ја гарантира безбедноста на Собранието и во него се вгради механизмот со кој државата ќе ја одземе парцелата од близу 2.500 квадратни метри и соодветно ќе ја обештети фирмата. Потоа Владата му наложи на Министерството за финансии да ја исплати „Анго“, откако Државното правобранителство, институција чија работа е да ги штити интересите на државата, ќе направи проценка за тоа колку пари треба да ѝ се вратат.

Проценката е готова и испратена до Министерството за финансии уште во март годинава, а земјиштето е веќе во државна сопственост.

Вест
Сопственичката на „Анго“ избрана за член на комисијата на АЕК

Во меѓувреме, во ноември 2024 година, бргу по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на власт, сопственичката на „Анго“, Анкица Трпковска, беше избрана за член на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), државната институција што го регулира телекомуникацискиот сектор.

На собраниската седница за неа гласаа 61 пратеник од владејачкото мнозинство.

Трпковска не е вработена во АЕК. Таа треба да учествува на седниците на Комисијата, која на некој начин функционира како управен одбор, усвојува годишни извештаи и програми, ја следи нивната реализација и разрешува и избира директор.

За ангажманот ќе прима месечен надоместок во висина од четири просечни плати, односно околу 2.700 евра.

Семејството Трпковски и компанијата „Анго“ вообичаено се воздржани за коментари, а така и беше овој пат.