Вести

Имаше, па снема обвинение за Коце Трајановски за фонтаната на плоштадот

Денеска застаре обвинението против ексградоначалникот на Скопје

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција на претпоследниот ден од 2025 поднело обвинение против поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, осудениот бизнисмен Сеад Кочан и фирмата „Трансмет“ која е во стечај.

Трајановски е обвинет дека ја злоупотребил службената положба и овластување за дополнителни градежни работи на фонтаната со водоскоци (џампинг-џет) во 2016 година, а Кочан и неговата фирма дека ја злоупотребиле постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство.

За Трајановски, кој од 2024 е директор на Јавното претпријатие за државни патишта, денеска настапува целосна застареност на кривичното гонење.

Коце Трајановски | Фото: ЈПДП

Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција потврдија за БИРН дека го поднеле обвинението на 30 декември 2025, иако тогаш не ја известија јавноста за тоа.

Предметот го суди судијата Ивица Стефановски. Судот ни одговори дека Кочан редовно се јавувал на трите закажани расправи, „но не е обезбедена уредна достава ниту присуство на третообвинетиот (н.з. Коце Трајановски)“. Од судот одговорија дека освен Трајановски, на закажаните рочишта не доаѓал ниту стечајниот управник на „Трансмет“ во стечај, Богољуб Макревски.

Од судот објаснуваат дека ги запазиле сите рокови.

„Прашањето зошто обвинението за кривично дело сторено во 2015/2016 година е поднесено во толку краток рок пред настапување на застареноста е прашање кое е во надлежност на овластениот јавен обвинител“, велат од Кривичниот суд.

Оттаму нагласуваат дека откако обвинението било поднесено судија го оценил. Предметот бил распореден од одделението за дела против организираниот криминал во одделението за кривично полнолетни сторители, затоа што обвинението не е од областа на организираниот криминал. „Било донесено формално решение со право на жалба и законски предвидени рокови“, велат оттаму.

Два активни судски предмети за „Скопје 2014“

Судски постапки се водат за два предмети за „Скопје 2014“,„Феникс“ за спомениците, и предметот за фасадата на владината зграда.

Трајановски, пак, за БИРН вели дека тој не добил покана за да присуствува на ниедно судско рочиште. Зошто е тоа така, рече дека треба да се праша судот. Кажа дека станува збор за предмет, во кој, како што тврди, постапувал законски како градоначалник на Скопје.

„Жал ми е што не можам во судска постапка тоа да го докажам“, вели Трајановски за БИРН.

Рече дека со Кочан, кој беше правосилно осуден во предметот „Трансмет“, биле обвинети за различни дејствија, но се ставени во ист предмет, бидејќи станува збор за градежни работи плоштадот во Скопје.

Според судскиот календар, следното рочиште за овој предмет, во кој остануваат обвинети само Кочан и неговата фирма е закажано за 13 јули, кога веројатно ќе биде и констатирано застарувањето на делото против Трајановски.

Во меѓувреме, Градот Скопје, најави дека по многу години нефункционирање и пропаднати камиони, ќе ја реновира фонтаната со водоскоци.