Вести

Хотелот „Јадран“ понуден на државата, цената се крие

Информацијата за цената е важна за да се спречат идни манипулации

Хотелската групација „Македонија турист“ го понудила хотел „Јадран“ на државата, следејќи ја процедурата за првенство при продажба на заштитени објекти, меѓутоа и покрај напорите на БИРН, државните институции не ја кажуваат побараната цена за објектот, познат и како Арапска куќа поради архитектурата со која се издвојува во центарот на Скопје.

Обврската да го понудат прво на државата, пак, произлегува од Законот за заштита на културното наследство.

Тој дава можност таа прва да го купи заштитено културно добро под идентични услови под кои тоа би му било продадено на друг купувач. Меѓутоа, ако продажната цена не е позната, како во овој случај, јавноста не може да провери дали државата навистина имала можност да го купи објектот и свесно се откажала, или едноставно проценила дека не вреди да ја плати бараната сума.

Понудата е испратена до Управата за заштита на културното наследство, меѓутоа од таму не одговараат на директното прашање за цената. Наместо тоа инсистираат податокот да се бара преку механизмот- пристап до информации од јавен карактер, иако тој вообичаено се користи за документи и информации кои треба да ги подготват, а не кои ги поседуваат како во случајот со понудата за Арапска куќа. Одговорот пак може да стигне најдоцна за дури 20 дена.

Безуспешен беше обидот да се добие информацијата и од Министерството за култура и туризам, под чиja надлежност е Управата за заштита на културното наследство, како и од Владата која го има финалниот збор за тоа дали ќе го купи или не.

И двајцата поголеми акционери во „Македонија турист“ Фатмир Етеми и Зоран Антиќ во разговор за БИРН рекоа дека не знаат колку пари хотелската групација побарала од државата.

Објектот, кој многумина го знаат и како Арапска куќа, е изграден меѓу 1936 и 1938 година, во стилот на арапско-маварската архитектура. Токму поради својот автентичен стил е под генерална заштита, а во тек е процедурата да стане и зграда-споменик.

Акционерите во „Македонија турист“, на состанок на 22 мај годинава одлучија да продаваат десетина објекти што му припаѓаа на друштвото, а меѓу нив и овој познат скопски симбол.

Минатата недела, го испочитувале законот и ја испратиле сумата што ја бараат до Управата. Законот предвидува дека оваа институција мора да им одговори во рок од 30 дена. Ако ја одбие понудата, сопственикот има право да го продаде објектот на друг, но не по цена пониска од онаа која ја побарал од институциите.

Ако, пак, го стори тоа, односно на следниот купувач му побара помалку пари или пак подобри услови, законот отвора можност и за санкции.

Имено, државата може да ги тужи и продавачот и купувачот и да бара поништување на договорот. Тужбата може да се поднесе во рок „од пет години од денот на склучувањето на договорот за продажба.“

Инаку, покрај хотелот „Јадран“, мнозинството акционери во друштвото одлучија да го продадат и хотелот „Бристол“, уште едно скопско обележје, кое сè уште не е под заштита.

На листата за продажба се и познатата Пивница на плоштадот спроти хотелот „Мериот“ и трикатницата спроти поранешен ЗОИЛ, исто така во центарот на Скопје.

„Македонија турист“ ги поседува и хотелите „Белви“, „Бест-вестерн“, „Хотел Карпош“ и „Холидеј ин“, кои, за разлика од овие што се продаваат, се активни и работат.

Од 1990-тите до 2024 година, главни акционери во хотелско- угостителското друштво беа долгогодишните менаџери на компанијата, Доне Таневски и Соња Бибановска.

Пред повеќе од една година, акционерската структура на „Македонија турист“ претрпе сериозни промени. Покрај „Скопски пазар“, во кој, мнозински акционери се Етеми и Ацо Дудловски, во друштвото влегоа и МГФ инвестмент на Зоран Антиќ и скопската клиника „Промедика.“