Вести

Хотел „Јадран“ на продажба, но прво мора да ѝ биде понуден на државата

Законот за заштита на културното наследство предвидува и поништување продажба

Акционерите во „Македонија турист“, на состанок на 22 мај одлучија да продаваат десетина објекти што му припаѓаа на друштвото, а меѓу нив и познатиот скопски симбол, хотелот „Јадран.“

Објектот, кој многумина го знаат и како Арапска куќа, е изграден меѓу 1936 и 1938 година, во стилот на арапско-маварската архитектура. Токму поради својот автентичен стил е под генерална заштита, а во тек е процедурата да стане и зграда-споменик.

Но, пред да го огласат за продажба, сопствениците прво мора да ѝ го понудат на државата, односно да достават понуда до Управата за заштита на културното наследство.

Законот за заштита на културното наследство предвидува и санкции ако не се испочитува оваа обврска. Имено, ако „Македонија турист“ го продаде без да ѝ го понуди на државата  или го продаде на друг купувач по пониска цена од онаа што ѝ ја понудиле државата, продажбата може да се поништи, а сопственикот и купувачот да добијат тужба.

Тужбата може да се поднесе во рок „од пет години од денот на склучувањето на договорот за продажба.“

ИСТРАЖУВАЊЕ
Кога културното наследство ќе се сретне со градежната машинерија

Покрај хотелот „Јадран“, мнозинството акционери во друштвото одлучија да го продадат и хотелот „Бристол“, уште едно скопско обележје, кое сè уште не е под заштита.

На листата за продажба се и познатата Пивница на плоштадот спроти хотелот „Мериот“ и трикатница спроти поранешен ЗОИЛ, исто така во центарот на Скопје.

Еден од поголемите акционери во „Македонија турист“, познатиот бизнисмен Фатмир Етеми, за БИРН, неодамна изјави дека планот е со парите од продажбата да се финансира реновирање, проширување и изградба на нови туристички капацитети.

„Македонија турист“ ги поседува и хотелите „Белви“, „Бест-вестерн“, „Хотел Карпош“ и „Холидеј ин“, кои, за разлика од овие што се продаваат, се активни и работат.

Од 1990-тите до 2024 година, главни акционери во хотелско- угостителското друштво беа долгогодишните менаџери на компанијата, Доне Таневски и Соња Бибановска.

Пред повеќе од една година, акционерската структура на „Македонија турист“ претрпе сериозни промени. Покрај „Скопски пазар“, во кој мнозински акционери се Етеми и Ацо Дудловски, во друштвото влегоа и МГФ инвестмент на Зоран Антиќ и скопската клиника „Промедика.“