Фотографија од Марија Арсенкова | Фото: Емилија Петреска
Три со три

Арсенкова: Секоја втора недела на протест против родовото насилство

Интервју со Марија Арсенкова, активистка и дел од иницијативата „Ниту една повеќе“

Иницијативата „Ниту една повеќе“, по третпат месецов ги повикува граѓаните да излезат на улица, како реакција на убиството на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци од нејзиниот 21-годишен партнер, останатите убиства на жени и девојки годинава, како и серијата вознемирувачки случаи на насилство што се случија во последниве недели.

На осми ноември организираа протест во Скопје, на кој присуствуваа стотици граѓани, а минатиот петок имаше блокада пред Владата.

Протестираат против родово базираното насилство, односно насилство, кое се заснова на несразмерни односи на моќ, како и родови предрасуди за како една личност, најчесто жена или девојка, треба да се однесува. Најтешката форма на ова насилство е фемицид, или убиство на жена поради родови предрасуди.

Марија Арсенкова, активистка, која е дел од оваа иницијатива, вели дека нивната организација почнала од чист револт пред малку повеќе од една година по убиството на Росица Коцева и нејзиниот татко од Велес од поранешниот партнер, кој подолго време ја демнел.

Истражувањe
Пост-мортем: Кога серискиот насилник е популарен урбан лик

Арсенкова вели дека се здружиле „по женска линија“ и дека се приклучиле жени од различни иницијативи, некои со искуство во невладиниот сектор, кои претходно работеле на родови прашања, но и луѓе што до тогаш воопшто не биле политички активни.

Нивниот протест ќе се одржи во скопскиот парк „Жена борец“, во 17 часот денеска, токму кога почнуваат 16-те денови активизам за родово базирано насилство.

Разговаравме со Арсенкова за политичкото организирање, политиките што придонесуваат до повеќе насилство и идните чекори на оваа иницијатива.

БИРН: Кој сѐ е дел од „Ниту една повеќе“ и дали ви се приклучуваат нови луѓе по фемицидот во Богданци и другите актуелни случаи на родово базирано насилство?

Арсенкова: Кога се формиравме лани по убиството на Росица, за жал, немавме речиси никаков одѕив, едвај дојдоа стотина души. И тогаш се обидовме да повикаме на одговорност, да ги повикаме жените да се охрабрат да земат збор, но тоа не ни успеа.

За жал, сите бевме свесни дека набргу ќе има нов повод за организирање.

Овојпат кога се случи убиството во Богданци, повторно во таа група почнавме да си пишуваме, прашувајќи се дали имаме сила и енергија да направиме нешто. Тогаш за првпат се случи некој да ни пише нам, не да ни бара да организираме протести, туку да рече: „Ајде да организираме протест, сакаме ние, кажете ни како.“

Тоа беше голема мотивација, ни го обнови целиот елан и целата надеж.

Всушност, беа само две нови жени што ни се приклучија и заедно со нив го организиравме протестот на осми ноември. А на протестот, кога ја споделивме оваа приказна и кога покажавме дека само еден човек може да донесе голема сила, енергија и промена и дека секој може да биде тој еден човек, се охрабрија да зборуваат повеќе жени, вклучително и една од Богданци.

А по протестот веќе пораките не запираа. Сè повеќе и повеќе жени ни пишуваа, така што сега веќе сме многу поголема и поразновидна група со жени со различни заднини, но сите сме обединети против фемицидот.

БИРН: Какви политики, односи на моќ и општествени убедувања сметате дека придонесуваат до ова ниво на родово базирано насилство и дури седум фемициди годинава?

Арсенкова: Родово базираното насилство е многу комплексно прашање, кое не може да се реши само со еден нов закон или со една нова служба. Се работи за систем што е стар илјадници години, наречен патријархат, кој се темели на машка доминација врз женското тело и врз женските права за акумулација на моќ и капитал.

Поконкретно, кога станува збор за политики, може да зборуваме за моменталната партија на власт, која е конзервативна и демохристијанска. Конзервативизмот обично се труди да ги задржи работите какви што се, но сега на светски план, десничарските движења веќе не сакаат само да го задржат статус квото, туку да ги вратат работите назад.

Односно, станува збор за една регресија, па така и нашата влада по истиот тој терк почнува да ги одзема или да ги намалува победите што биле остварени претходно со долгогодишна борба.

На пример, предметот за сеопфатно сексуално образование е преименуван во нешто генеричко: „Здравје и заштита на здравје.“ Прочистен од неговата родова димензија, целата суштина на предметот е уништена.

Кога некој ќе ми рече, „И на девојчињата треба некој да им каже да не одат по такви фаци.“ Па, токму за тоа е овој предмет, за момчињата и за девојчињата да го препознаваат насилството, доминацијата и контролата.

Кој да ги научи девојчињата ако не го направиме ние тоа во нашиот образовен систем?

Одлика на десницата е и да ги втурне овие проблеми во приватната сфера. Често сметаат дека родителите ќе ги научат децата за овие односи, а што ако и родителите самите не знаат? Така што, целата таа индивидуализација на проблемот придонесува за да расте бројот на фемициди, бидејќи не ги поврзуваме работите, не го гледаме проблемот како системски или како општествен, туку како проблем на одредени поединци.

Поради индивидуализацијата на ова прашање, луѓето често сметаат дека се работи за изолирани случаи. Не се доволно свесни за опасноста што им се заканува на нивните блиски или на самите нив.

Треба да сфатиме дека станува збор за помор на жените во Македонија. Значи не е тоа фемицид како едно единечно убиство, туку фемицид како бран на убиство на жени.

БИРН: Денес почнуваат 16–те денови активизам против родово базирано насилство и токму денес ќе се одржи протестот организиран од „Ниту една повеќе.“ Дали е овој датум симболично избран и кои се вашите барања и следните чекори по овој протест?

Арсенкова: Да, овој датум е намерно одбран и е една критика упатена кон институциите и организациите, кои за овие 16 дена наеднаш се активираат, се бојат сите во портокалово, одржуваат конференции, настани и дискусии, но, всушност, гледаме дека сите тие работи се само формалност и дека нема никакви реални ефекти од тоа.

Поради тоа ние сакаме да преминеме на една вистинска, автентична кампања што произлегува од самите жени и поради тоа го одредивме овој ден.

Барањата денеска ги претвораме во наредби, поради тоа што сметаме дека нема што да бараме ние од овој систем, кој не нè слуша и не е изграден за нас. Но, можеме да му наредиме, да го притиснеме и да се самоорганизираме.

Прво, бараме одговорност за сето непостапување во секој случај, не само кога ќе заврши со фемицид, туку и како во случаите во Битола и Охрид каде што девојки биле претепани.

Второ, бараме законски измени, односно да се врати целиот напредок постигнат претходно во врска со свеста за родово базираното насилство во образованието и да се откочат предлог-измените за Законот за спречување родово насилство, кој од август е заглавен во Собранието.

И последно бараме да се издвојат поголеми средства во буџетот на државата за поддршка, реинтеграција и специјализирани услуги за жени кои преживеале насилство.

Планот е секоја втора недела во среда да одиме на протест, а неделата помеѓу да одиме на блокада во петок. Разликата меѓу двата настани би била тоа што протестот ќе биде јасна конфронтација со државата и со владата, додека блокадата би сакале да биде повеќе простор каде што ќе можеме ние меѓу себе да се поврземе.

На протестот ќе имаме говори и разни перформанси, а на блокадите сакаме да отвориме простор каде што луѓето ќе се поврзат, ќе дискутираат, ќе се изразат уметнички и ќе се градат силни односи меѓу заедницата, бидејќи заедницата е таа што во моментов може да ги одбрани жените.

Доколку сте жртва на семејно или родово базирано насилство, можете да побарате помош тука.