Работите не изгледаат добро за поранешната владејачка партија во Унгарија, Фидес, и за нејзиниот лидер Виктор Орбан. Шест месеци по убедливиот пораз на парламентарните избори во април, партијата се соочува со серија корупциски скандали од висок профил, додека нејзината меѓународна мрежа на десничарски популисти и тинк-тенк организации што долго време ја градеше почнува да се распаѓа.
Тројца поранешни министри на Орбан веќе се уапсени, а еден од нив е поврзан со речиси 17,5 милиони евра во готовина, закопани во шуми и скриени на други места низ земјата. И помладиот брат на Орбан се наоѓа зад решетки под сомнение за криумчарење мигранти – обвинение, кое може да се покаже како особено непријатно за поранешниот премиер, чиј мандат беше одбележан со неговиот строг став кон имиграцијата.
Меѓународната мрежа на Орбан се соочува со низа неуспеси по изборните порази. Неговиот близок сојузник, српскиот лидер Александар Вучиќ, беше соборен од власт од страна на Студентската листа додека американските републиканци го загубија мнозинството во двата дома на Конгресот на меѓуизборите. Во Бразил, синот на Жаир Болсонаро, уште еден од клучните сојузници на Орбан, избега во САД по поразот на претседателските избори.
„Вучиќ беше клучен сојузник на Орбан и неговиот пораз претставува значителна загуба. Тој беше и важен фактор во регионалната проруска и прокинеска мрежа“, објаснува Жужана Вег, програмска координаторка во иницијативата за европска отпорност на Германскиот Маршалов фонд, која е специјализирана за истражување на екстремно десничарските партии.
Влијанието на Орбан во Вашингтон значително се намали. Републиканците од движењето МАГА, кои му се блиски, претрпеа убедливи порази на меѓуизборите, а во такви околности, ниту Орбан, ниту Фидес повеќе не претставуваат корисни сојузници, вели Вег.
Повеќе не им се достапни ниту значителните финансиски средства од унгарските даночни обврзници, кои претходно ги поттикнуваа овие врски. Напротив, нелибералниот екосистем на Фидес, односно мрежата на поврзани тинк-тенк организации, сега бара нови извори на финансирање.
Поранешниот менаџер на изборната кампања на партијата, а сега европратеник, Балаж Орбан, сепак се обидува да ги одржи овие врски и претходно оваа есен го посети Вашингтон, во период кога се отворија нови официјални извори на финансирање.
Според истражувањето на Вег, американскиот Стејт департмент нуди грантови во вредност од приближно 10 милиони долари за организации што „го штитат националниот суверенитет“, „ги развиваат цивилизациските врски“ и „ги промовираат цивилизациските вредности во Европа“.
Сепак, сè уште не е јасно колку пари, доколку воопшто добиле, успеале да обезбедат унгарските организации или иницијативата „Слобода и суверенитет – Европа“ со седиште во Брисел, наследник на тинк-тенк организацијата „Ем-си-си Брисел“, која ја води британскиот академик Френк Фуреди.
„Иако, на пример, Фондацијата Херитиџ сè уште редовно ги коментира случувањата во Унгарија и ги пречекува политичарите од Фидес, особено Балаж Орбан, републиканците од движењето МАГА престанаа да го наведуваат унгарскиот премиер како пример за угледување“, истакнува Вег.
Закопаното богатство

Гостување на Орбан на десничарскиот поткаст „Ултраханг“ | Фото: Фејсбук-страница на Виктор Орбан
Срамниот случај со откривањето на 17,3 милиони евра во кеш на 13 ноември може да ги оддалечи дури и најголемите меѓународни поддржувачи на партијата.
„Овој случај и фотографиите од него би можеле сериозно да му наштетат на угледот на Фидес“, признава Золтан Кисели, директор на Центарот за политички анализи на организацијата Сазадвег, тинк-тенк организација блиска до Фидес, во интервју за БИРН.
Парите – 5,07 милијарди унгарски форинти, 2,65 милиони евра и 1,25 милиони долари – биле пронајдени во шума, делумно закопани под земја, во складишни објекти, па дури и во неколку хранилки за птици.
Според министерот за финансии, Андраш Карман, 12 вработени во Државниот трезор поминале осум часа броејќи ги парите со помош на пет машини за броење банкноти.
Откритието предизвика безброј мемиња на социјалните мрежи, при што некои ги повикуваа Унгарците да ги земат лопатите и самите да тргнат во потрага по богатство во блиските шуми.
Други коментатори укажаа на фактот дека Орбан и неговиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто отворено ја застапуваа употребата на готовина, дури и во време кога голем дел од општеството преминуваше на плаќање со банкарски картички. Тие шпекулираа дали претпочитањето на готовинските плаќања е дел од поширока стратегија за прикривање на потеклото на украдените пари.
Премиерот Петер Маѓар заклучи дека Фидес е „мафијашка партија“, а подоцна во парламентот изјави:
„Фидес живееше 38 години. Готово е. Вие сте без можност за искупување.“
Националната канцеларија за враќање и заштита на имотот соопшти дека парите биле пронајдени во рамките на истрага за финансиите и деловните активности на Миклош Сештак, министер за национален развој во третата влада на Орбан, во периодот од 2014 до 2018 година, кој моментално е пратеник од Христијанско-демократската народна партија, политички сојузник на Фидес.
Тој е во притвор поради наводен корупциски случај поврзан со тендер за набавка на автобуси за државната компанија „Воланбус“, при што е обвинет дека примил мито во износ поголем од 11 милијарди форинти.
Откривањето на скриеното богатство предизвика и одредени реакции во странство, иако засега тие не се големи.
Полскиот премиер Доналд Туск му испрати иронична порака на Орбан:
„Драг Викторе, отсекогаш ѝ се восхитував на твојата креативност, но сега морам да кажам дека сум импресиониран како никогаш досега.“
Во Австрија, Социјалдемократската партија (СПО) бргу го искористи унгарскиот случај за да ја обвини екстремно десничарската Партија на слободата – сојузник на Фидес, која моментално е на врвот на анкетите во Австрија – за лицемерство.
СПО постави прашање како Партијата на слободата може да се претставува како антикорупциска партија, а истовремено да молчи за откриената готовина во рамките на истрага во која е вмешан поранешен министер од владата на Орбан.
Партијата на слободата ги отфрли критиките, тврдејќи дека сè уште не се поднесени обвиненија и дека корупцијата треба да се гони насекаде, без оглед на земјата или лицата што се вмешани.
Повеќето екстремно десничарски партии одлучија да молчат за скандалот, кој сè уште се развива.
БИРН побара коментар од групацијата „Патриоти за Европа“, составена главно од екстремно десничарски партии во Европскиот парламент, чиј основачки член е и Фидес, но не доби одговор.
„Корупциските случаи никогаш не ѝ помагаат на сликата за една политичка партија“, вели Вег, иако додава дека не верува оти ова би можело да значи крај на меѓународната мрежа на сојузништва на Фидес во Европа.
Националниот собир на Марин Ле Пен и шпанската партија Вокс – кои во минатото имале корист од сомнителни унгарски банкарски заеми за време на владеењето на Орбан – засега не се огласуваат многу за ова прашање. Случајот сè уште не е искористен ниту од нивните политички противници.
„Повеќето избори првенствено се решаваат врз основа на домашните прашања“, истакнува Вег. „Во САД, поврзувањето на корупцијата во владејачката елита со секојдневните општествени проблеми се покажа како успешна политичка порака на демократите.“
Зад решетки

Орбан на самит на десничарските партии во Брисел | Фото: Фејсбук-страница на Виктор Орбан
Последиците од сето ова најверојатно многу повеќе ќе се почувствуваат во самата Унгарија.
Сештак е вториот министер што служел во владата на Орбан, а кој е уапсен по изборниот пораз на партијата во април.
Поранешниот министер за култура, Балаж Ханко се наоѓа во притвор пред судење од почетокот на октомври поради наводна злоупотреба на 17 милијарди форинти јавни средства.
Во притвор е и поранешниот министер за економија и двократен гувернер на централната банка Ѓерѓ Матолчи, додека за неговиот син е распишана меѓународна потерница.
Притворен е и помладиот брат на Орбан, Арон, кој наводно бил вмешан во шема за регрутирање виетнамски странски работници во Унгарија преку фиктивни договори за вработување.
Според извештаите, работниците исчезнувале во Западна Европа откако влегувале во Унгарија со визи од Шенген-зоната.
Владата на Маѓар почна голема антикорупциска кампања, наречена „Операција Чистилиште“, со цел да се справи со корупцијата и да ги повика на одговорност оние што украле јавни пари.
Политичкиот аналитичар Кисели, сепак, смета дека операцијата првенствено претставува политичка алатка.
„Ова е многу ефикасен политички производ, златна резерва за партијата Тиса, со чија помош може да ја одржува својата политичка популарност и да ги обликува политичките наративи“, вели тој.
Некои набљудувачи дури сугерираат дека времето на откривањето на готовината не било случајно.
Тоа се случи во период кога се водеа дебати за новиот буџет и кога растеше вниманието кон пропустите на Тиса во исполнувањето на некои од нејзините предизборни ветувања поврзани со социјалната заштита.
Сепак, снимките од скриената готовина ги шокираа дури и некои политичари на Фидес.
Лидерот на парламентарната група, Јанош Бока, во видеоизјава призна дека глетката на купиштата готовина му предизвикала „непроспиена ноќ“ и побара Сештак веднаш да се откаже од пратеничкиот мандат.
Аналитичарите велат дека ова откритие можеби е највидливата манифестација на корупциските обвинувања, кои со години ја следат партијата Фидес.
Различните реакции – еден унгарски новинар ги опиша политичарите на Фидес како „луѓе што трчаат наоколу како кокошки без глава“ – зборуваат за дезориентираноста во рамките на партијата.
Времето на откривањето беше особено незгодно и поради тоа што само еден ден претходно, Орбан дал интервју за екстремно десничарскиот поткаст „Ултраханг“, во кое ја уверувал јавноста дека сите негови министри се „чисти како солза“ кога станува збор за корупција.
Нема иднина без Орбан?

Популарно „меме“ што се шири на социјалните мрежи во Унгарија | Фото: Фејсбук
Фидес, која според анкетите има поддршка од само 16 проценти, односно само пет процентни поени повеќе од екстремно десничарската партија Ми Хазанк, а далеку зад Тиса со 55 проценти, се соочува со сериозна кадровска и стратешка криза.
Поради уставниот амандман усвоен во јули, на Орбан му е забрането повторно да ја извршува функцијата премиер, а не може да се врати ниту во парламентот како пратеник.
Амандманот го ограничува мандатот на премиерите на два мандата, односно осум години, а мандатот на пратениците на три мандати, односно 12 години.
„Во моментов, Фидес е партија со средна големина“, признава Кисели, „но сè уште има повеќе од еден милион лојални гласачи.“
Сепак, како што посочуваат многу аналитичари, повеќето од нив се на возраст од над 60 години и остануваат посветени поддржувачи на Орбан.
Секое обновување на партијата би барало привлекување помлади гласачи, кои на последните избори беа цврсто против Орбан.
„Бидејќи на Орбан му е забрането да се кандидира во 2030 година, мора да се пронајде официјален кандидат што ќе ја предводи партијата. Но, сепак, Орбан е тој што ја одржува базата на поддржувачи обединета. Можеби би можел да преземе улога слична на онаа што ја има Јарослав Качински во Полска“, предлага Кисели, мислејќи на основачот на поранешната владејачка партија Право и правда.
Во меѓувреме, многу Унгарци сметаат дека Орбан треба да се соочи со судско гонење, било поради корупција или поради предавство.
Анкета спроведена од агенцијата „Медиан“, во ноември 2026 година покажала дека 68 проценти од Унгарците веруваат дека тој сторил сериозни прекршувања на законот за кои треба да сноси одговорност.
Дури и меѓу гласачите на Фидес, 16 проценти поддржуваат покренување правна постапка против него.
Сè повеќе се шпекулира дека контроверзниот случај со таканаречениот „златен конвој“ – во кој унгарските антитерористички сили пресретнале две оклопни банкарски возила што превезувале готовина и злато за украинската државна банка „Ошчадбанк“ – би можел да обезбеди доволно основи за покренување правна постапка против Орбан.
За разлика од некои политичари од Полска и од Северна Македонија, кои, соочени со обвиненија за корупција, по губењето на изборите и на функциите избегаа во Унгарија и побараа азил, Орбан изгледа не сака да ја напушти земјата.
„Орбан не ја напуштил Унгарија. Ако избега, нема никакви шанси да се врати, а тоа би значело и крај на Фидес“, вели Кисели.
„Тој очигледно изгуби дел од својот углед по изборниот пораз во април, но и понатаму му се припишуваат заслуги за организирањето на меѓународната мрежа на таканаречени суверенисти. Овие структури и врски ќе опстанат“, предвидува Кисели.
Насловна фотографија: Фејсбук-профил на Виктор Орбан
