Двата табора на традиционалниот политички естаблишмент во Албанија, социјалистите и демократите, ги засилуваат подготовките за изборната кампања во пресрет на локалните избори во мај 2027 година.
Во меѓувреме, на фудбалскиот натпревар меѓу Албанија и Финска, одигран вечерта на 12 ноември на стадионот „Ер Албанија“, навивачите, исто така, го искажаа својот став за политичката ситуација во земјата.
Навивачите на албанската репрезентација ги презедоа прославите по победата, скандирајќи „Рама, поднеси оставка!“ и „Рама, оди си!“, алудирајќи на премиерот Еди Рама, првиот човек на Социјалистичката партија на Албанија.
Политичките аналитичари во Албанија велат дека протестите вршат притисок, не само врз владата, туку и врз опозицијата
На трибините беше развиорен и голем транспарент со лик на крваво око, посветен на 28-годишниот Ерјон Вишкулли, кој беше погоден во окото со гумен куршум за време на тековните антивладини протести во Тирана.
Повиците Рама да поднесе оставка и да се стави крај на стариот политички партиски дуопол се слушаат на улиците на Тирана секоја вечер уште од крајот на мај.
Протестите, кои првично беа организирани против изградбата на туристички развоен проект поврзан со зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, во меѓувреме прераснаа во поширок израз на гнев против владата и политичкиот естаблишмент, кој доминира со Албанија веќе три децении, од крајот на комунистичкото владеење.
Во пресрет на локалните избори следната година, кои ќе бидат првите избори од почетокот на протестите, јавното незадоволство влијае врз однесувањето и стратегиите на двете политички партии.

Сцена од протестите во Тирана | Фото: Paolo Bici/Pexels
Владејачкото мнозинство предводено од Рама се обидува да го минимизира влијанието на ова незадоволство со цел да ја задржи власта на локално ниво, додека опозицијата, предводена од лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, се соочува со предизвикот да ја насочи оваа енергија во своја корист.
Сепак, тоа може да биде тешко, бидејќи демонстрантите повеќепати скандираа слогани против двајцата лидери.
И покрај тоа, Рама и Бериша се искусни политичари, кои, се чини, немаат намера да ја напуштат политичката сцена.
Социјалистичката партија на Рама минатата година освои рекорден четврти мандат, со убедлива победа на парламентарните избори. Бериша, кој претходно беше и премиер и претседател на државата, продолжува со политичката кампања на 82-годишна возраст, и покрај тоа што против него се води постапка за корупција.
Политичките аналитичари во Албанија велат дека протестите вршат притисок, не само врз владата, туку и врз опозицијата.
Сè уште не се појавила нова политичка сила или лидер, кој би можел да го искористи моментумот на протестното движење и да го оспори двопартискиот монопол на Рама и Бериша.
„Протестите влијаат врз политичката клима, но клучното прашање е дали тие ќе влијаат и врз конфигурацијата на политичките сили во пресрет на локалните избори“, изјави новинарот Луфти Дервиши за БИРН.
Според Дервиши, остануваат неодговорени три прашања:
Сè уште не се појавила нова политичка сила или лидер, кој би можел да го оспори двопартискиот монопол на Рама и Бериша
„Дали од протестите ќе произлезе нова политичка сила, дали ќе се преиспита стратегијата според која сите политички барања се поврзуваат со оставката на премиерот и дали битката за Тирана ќе се претвори во натпревар за управувањето со главниот град или во политички референдум за 13-те години на Рама на власт?“
Осврнувајќи се на Тирана, општина чија политичка тежина значително ги надминува нејзините административни граници, Дервиши истакнува:
„Токму тука ќе стане јасно дали јавното незадоволство ќе доведе до создавање нови политички платформи, нови кандидати и нови сојузи или едноставно ќе ја обнови традиционалната конфронтација меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата.“
И новинарот Бленди Салај смета дека протестите влијаат не само врз претстојните локални избори, туку и врз иднината на земјата во поширока смисла.
„И покрај промените во бројноста на учесниците, протестите го одразуваат широко распространетото и јасно изразено незадоволство на јавноста од политичкиот апарат што се формираше во Албанија во изминатите децении“, изјави Салај.
„Како резултат на тоа, првиот показател за оваа промена ќе се манифестира на локалните избори напролет, особено во Тирана“, нагласи тој.
Битката за Тирана

Таканаречената фламинго-револуција влијае врз политичката клима | Фото:БИРН
Трката за градоначалничката функција во Општина Тирана ќе биде една од најважните изборни битки на локалните избори, но сè уште не е јасно кој ќе ги претставува ниту владејачкото мнозинство, ниту опозицијата.
Демократската партија почна процес на избор на кандидат, повикувајќи заинтересирани лица да поднесат кандидатури, вклучително и личности надвор од нејзините партиски редови, како претставници на граѓанското општество и граѓанските движења.
Аналитичарот Адри Нурелари го гледа овој потег како директен одговор на протестите, за кои смета дека ја разоткриле кризата на политичката репрезентација, која не ја засега само владата, туку и традиционалната опозиција.
Трката за градоначалничката функција во Општина Тирана ќе биде една од најважните изборни битки на локалните избори
На улиците, ова расположение е сумирано во слоганот:
„Рама во затвор, Бериша во затвор.“
„Протестите го разбија монополот што Демократската партија го имаше врз претставувањето на незадоволството од владата“, изјави Нурелари за БИРН.
„Доколку граѓаните ја гледаа Демократската партија како веродостојна алтернатива, тие ќе се мобилизираа преку партијата наместо да дејствуваат самостојно“, додаде тој.
Во тој контекст, Нурелари смета дека протестите претставуваат голема можност за традиционалната опозиција, но можност што бара вистински промени.
„Не е доволно само да се кооптираат личности од протестното движење или едноставно да се сменат имињата на кандидатите. Мора да се промени процесот на избор на кандидати, односот со граѓаните и самата политичка платформа“, рече тој.
Кандидат надвор од партиските структури, кој потенцијално би произлегол од граѓанското движење, е едно од сценаријата што аналитичарот Адри Нурелари ги смета за реални во Тирана.
Тој истакнува дека главниот град има специфични изборни карактеристики, со оглед на концентрацијата на професионалци, средната класа, организациите на граѓанското општество и активистите. Според него, тоа создава повисоки очекувања во однос на профилот и интегритетот на кандидатите.
„Дилемата останува: дали целта е да се предложи заеднички опозициски кандидат против владејачкото мнозинство или да се понуди посебна граѓанска алтернатива на двете големи партии? Тоа се две различни стратегии“, рече тој.
Сè уште не е јасен ниту профилот на кандидатот што ќе ги претставува социјалистите во главниот град.
Актуелниот социјалистички градоначалник Ерион Велиај се наоѓа во притвор пред судење, соочен со неколку кривични обвиненија, а истовремено е вовлечен и во отворен политички конфликт со премиерот Рама.
„Не е доволно само да се кооптираат личности од протестното движење или едноставно да се сменат имињата на кандидатите. Мора да се промени процесот на избор на кандидати”
Бленди Салај вели дека изборната трка во Тирана претставува голем тест за Социјалистичката партија, која, според него, се соочува со тешкотии при изборот на кандидат што ќе биде прифатлив за гласачите.
„Кандидат на Социјалистичката партија, кој е тесно поврзан со владата, би можел да биде отфрлен на изборите, делумно како последица на случувањата од почетокот на протестите“, изјави Салај.
Тој додава дека обидот на опозициските партии да постигнат договор за заеднички кандидати би можел да предизвика домино-ефект, проширувајќи се од Тирана кон другите големи општини, како Драч и Скадар, а истовремено одразувајќи го и духот на протестното движење.
„Доколку опозициските партии покажат мудрост, ги остават настрана сопствените суети и се обединат зад непартиски кандидат кој го претставува граѓанското движење и општествениот интегритет демонстриран преку протестите, поразот на Социјалистичката партија во Тирана е сосема можен, заедно со пошироките последици што би ги предизвикал таквиот исход“, заклучи Салај.