Вести

Обвинителството со месеци без софтвер за форензика

Не се отвораат телефоните во Обвинителството за гонење организиран криминал

Речиси три месеци истражителите во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција не можат самостојно да ги отвораат и форензички да ги анализираат одземените мобилни телефони, бидејќи лиценцата за софтверот што го користат истекла, а не била навреме обновена.

Причината за тоа е што лиценцата за софтверот „Селебрајт“ што Обвинителството го доби како донација вредна половина милион долари од Американската амбасада во 2024, истекла во септември годинава. Од Обвинителството за БИРН потврдија дека лиценцата истекла на шести септември.

Станува збор за софтвер што овозможува извлекување и обработка на податоци од мобилни телефони, податоци за телефонски повици, пораки, контакти, фотографии, видеоснимки, локации и податоци од различни апликации.

Тие податоци можат да бидат докази во судски постапки, да помогнат во утврдување на комуникација меѓу осомничените и поврзаноста со одредени настани. Во истрагите за организиран криминал и корупција, ваквите информации можат да бидат важен дел од доказниот материјал.

ИНТЕРВЈУ

Петровски: „Селебрајт” е премоќен за општества со историја на злоупотреби

Проценките на Обвинителството се дека обновата на лиценцата за овој софтвер би чинела околу 170 илјади евра годишно.

Постапката за обнова на лиценцата требало да почне во време на мандатот на поранешниот шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази. Но, навремена постапка не се случи. Mесецов шефовското столче го презеде обвинителката Искра Хаџи Василева.

На прашањето зошто навреме не е спроведена постапка за обнова на лиценцата, од Обвинителството конкретно не одговорија.

Рекоа дека постапката за обнова на лиценцата започнала откако „во буџетот на Јавното обвинителство беа обезбедени средства за таа намена и била контактирана фирмата што ги издава лиценците.

Велат дека во тек е постапката за набавка на овој „исклучително важен софтвер“, која очекуваат да заврши до крајот на годината.

Додека тоа се случува, екстракцијата и анализата на материјали од електронските уреди се врши во Одделот за форензички истражувања при МВР.

Насловната илустрација е изработена со помош на вештачка интелигенција.