Владата не открива колку ќе чини прославата на 35-годишнината од прогласувањето независност, ниту, пак, како е развиена идејата Осми септември во Скопје да се прославува со настап на светската диџеј-ѕвезда Дејвид Гета, кој неделава беше најавен на прес-конференција на која исто така изостанаа финансиските и оперативните детали.
При комуникацијата со владината прес-служба вчера не ги добивме одговорите на конкретните прашања околу организацијата. Детали за настанот не може да се дознаат ниту од јавните бази на податоци, бидејќи за прославата не е распишан јавен оглас, механизам преку кој вообичаено во вакви случаи се прибираат идеи и понуди согласно контурите што ги поставува владината администрација.
Последните огласи за организирање на Денот на независноста може да се најдат од 2021 и од 2022 година, кога тогашната влада предводена од СДСМ преку таканаречна Постапка за посебни услуги, распишала повик за организација на ваков настан.
Од актуелната влада за БИРН, сепак, велат дека подготвуваат „достојно, репрезентативно и современо“ прославување со централен настан од меѓународен карактер, настап на светски артист од А-класа и продукција „од највисоко ниво“.
Процесот, велат оттаму, се реализира „етапно“ и согласно подготовките и договорите со домашни и со странски учесници. Откриваат и дека очекуваат во финансирањето да се вклучат и општествено одговорни компании.
„Во однос на конкретните организациски и финансиски аспекти, јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана во фазите кога ќе бидат финализирани сите програмски, продукциски и договорни елементи“, велат од Владата.
Неделава на заедничка прес-конференција владината портпаролка, Марија Митева и концерт-промоторот, Бобан Милошески од „Авалон продукција“ соопштија дека на 8 септември диџејот Дејвид Гета ќе пушта музика на Националната арена (стадион).
Очекувањата се дека на забавата ќе присуствуваат околу 30.000 луѓе од земјава и од соседството, а присуството ќе чини симболични 35 денари, кои ќе треба да се платат за онлајн резервирање билет.
Покрај ова од Владата велат дека планирани се најмалку 12 настани низ различни градови, кои во изјава за БИРН презицираат дека „ќе бидат во форма на театарски, мултимедијални и визуелни перформанси со над 120 еминентни и автентични македонски уметници“.
Нетранспарентното организирање прослави и слични настани во не толку дамнешното минато беше повод за продолжени политички пресметки преку партиски прес-конференции. Токму ВМРО-ДПМНЕ, како опозициска партија, ја критикуваше тогашната влада предводена од СДСМ за нетранспарентно организирање јавни настани.
Па така, за настанот во 2018 година кога се прославуваше приемот во НАТО на серија прес-конференции ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека владата крие како ја финансира и организира прославата и прашувааше кој ги договара пејачите и како е направена селекцијата на уметниците што настапуваат.
„Како се одбрани фирмите и колку пари чини сето ова за граѓаните?“ инсистираа на одговори од тогашната опозициска партија.
Инаку, ова не е првпат Денот на независноста да се слави на скопскиот стадион.
Во 2012 година на сличен начин беше организиран концерт на македонски и балкански ѕвезди, а симболично беше промовиран албумот „Македонското срце чука во 7/8“, на браќата Тавитијан. Се планираше да присуствуваат 70.000 луѓе, а влезницата чинеше 20 денари, пари што потоа беа донирани во хуманитарни цели. Тогаш, за разлика од сега, беше соопштена и точната сума одвоена за настанот- 58 илјади евра за бина, озвучување, осветлување, како и за пропаганден материјал.
Всушност, веб-страницата за јавни набавки сведочи дека и за други државни прослави се распишувале огласи.
До 2023 година преку овој систем се барале понуди за организација на одбележувањата на 24 мај, Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, Втори август и на низа други.

