Зградите-обележја на главниот град, поранешните хотели „Бристол“ и „Јадран“ (Арапска куќа) се најдоа на список за продажба за кој ќе одлучуваат акционерите на „Македонија турист“ на собранието закажано за 22 мај годинава, покажуваат материјалите објавени на Македонската берза.
Покрај овие два хотела, на предлог-листата за продажба се и познатата Пивница на плоштадот спроти хотелот „Мериот“ и трокатница карши поранешен ЗОИЛ, исто така во центарот на Скопје

Фатмир Етеми | Фото: Архива на БИРН
Еден од поголемите акционери во „Македонија турист“, бизнисменот Фатмир Етеми, во изјава за БИРН, вели дека со евентуалната продажба на дел или на сите објекти ќе се финансира реновирање, проширување и изградба на нови туристички капацитети.
„Македонија турист“ ги поседува и хотелите „Белви“, „Бест-вестерн“, „Хотел Карпош“ и „Холидеј ин“, кои, за разлика од овие што се продаваат, се активни и работат.
„А, дали ќе се продадат, сепак, ќе видиме. Тоа ќе биде одлука на акционерите.“
„Во ‘Македонија турист’ има четири-пет сопственици со приближно ист дел од акциите и не се сите за продажба. Јас лично не сум за продажба“, вели Етеми.
Засега, вели тој, нема конкретни понуди за овие препознатливи објекти.
ИСТРАЖУВАЊЕ
Кога културното наследство ќе се сретне со градежната машинерија
Уникатната Арапска куќа е изградена меѓу 1936 и 1938 година, во стилот на арапско-маварска архитектура и таа меѓу шеесеттите и деведесеттите години на минатиот век функционираше како хотел, под името „Јадран“.
Објектот е под генерална заштита, а во тек е процедурата да стане и зграда-споменик.
Хотелот „Бристол“ не е под конкретна заштита, меѓутоа станува збор за објект стар еден век, кој повозрасните скопјани го паметат по големата летна тераса. Тој не работи од 2012 годинa.

Локацијата во Ново Лисиче | Фото: Скриншот од Катастар
Материјалите за акционерското собрание откриваат и дека „Македонија турист“ планира да купи парцела од 8.000 квадрати во скопско Ново Лисиче, во близина на трговскиот центар „Лиса“, на која, според деталниот урбанистички план, е предвиден објект со деловен и станбен простор со бруто изградена површина од речиси 35.000 квадрати.
Доколку помине оваа одлука на акционерското собрание, „Македонија турист“, за оваа парцела, би платило 17,7 милиони евра.
Етеми, за БИРН, објасни дека планот е таму да се гради објект што ќе обединува хотел и трговски центар.
Од 1990-тите до 2024 година, главни акционери во „Македонија турист“ беа долгогодишните менаџери на компанијата. Пред повеќе од една година, акционерската структура на „Македонија турист“ ја презедоа повеќе акционери, меѓу кои, покрај Етеми, е и познатиот бизнисмен Зоран Антиќ.

