Нешто помалку од 10.000 евра (600.000 денари) е износот на годишната наемнина, која охриѓанецот Кирил Луканов се обврзал да ѝ ја плаќа на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за закуп на нејзината „Вила Света Софија“ во центарот на Охрид, која тој, пак, ја реиздава на туристи.
Вредноста на закупнината е наведена во договорот што ВМРО-ДПМНЕ го склучила со Луканов во јуни 2023 година. По нашето барање согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, партијата минатата недела ни го достави договорот во редактирана верзија, односно најголем дел од документот е прекриен со црна боја.
Интересот на БИРН за оваа економска активност на владејачката партија произлезе од сознанието дека, иако таа издава имот, не се евидентирани приходи по тој основ во партиските финансиски извештаи за 2023 и 2024 година.
ИСТРАЖУВАЊЕ
Хотел, станови и пасишта меѓу имотот на најголемите партии
За веќе објавениот текст на оваа тема, ВМРО-ДПМНЕ објасни дека не пријавувала приходи зашто договорот предвидувал компензација, односно вложувањата на закупецот во објектот се пребивале со неговата обврска да плаќа околу 10.000 евра годишно.
Овој механизам е предвиден во договорот што партијата го достави до БИРН во членот што ги определува обврските на закупецот во делот на одржувањето на објектот.
„За потребата од поправка, закупецот е должен да го извести закуподавецот, при што трошоците за вакви поправки со согласност на договорните страни ќе бидат пребиени од надоместокот за годишна кирија“, стои во договорот.
Во поголемо истражување за имотот на најголемите партии во Македонија, БИРН, по анализата на Законот за финансирање на политичките партии, кој, меѓу другото, ги уредува и економските активности на политичките субјекти, пишуваше дека компензацијата отвора дилеми за можно заобиколување на стандардните механизми за контрола и транспарентност на партиските финансии.
Имено, контрола на овој сегмент од партиското работење прави Државниот завод за ревизија преку годишните финансиски извештаи. Но, во случајот со „Вила Света Софија“ нема директно плаќање, па економската корист од компензацискиот аранжман воопшто не се евидентира во графата „приход“ во партиските извештаи и така останува под радарот на институционалната проверка.
Објектот е изграден во 1880 година, а последен пат е реставриран во 2019 година. Тој е прогласен за културно наследство од особено значење како дел од старото градско охридско јадро.
Времетраењето на договорот за наемнина не може да се утврди од доставениот документ зашто најголемиот дел од документот е редактиран и достапни се само шест од вкупно 19 членови, но, според прибелешката во Катастарот, склучен е на пет години.
Во допис до БИРН, партијата објаснува дека, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, има обврска да споделува исклучиво податоци за своето финансиско работење, од што произлегува дека другите делови од договорот, според ВМРО-ДПМНЕ, не потпаѓаат под таа обврска.
Практиката на издавање под наем не е нова за партијата. Според официјалните податоци до кои дојде БИРН, меѓу 2016 и 2021 година, со „Вила Света Софија“ управувал сосема друг закупец, тогаш фирма од Охрид, за годишна закупнина од 12.000 евра, што е и евидентирано во завршните пресметки што ги анализиравме.
Објектот има приземје и два ката со вкупна површина од 486 метри квадратни, а според договорот што ни го достави партијата, под закуп се дава само приземјето со површина од 162 квадрати. Од друга страна, фотографиите и коментарите на туристичката онлајн-платформа Букинг покажуваат дека се издаваат соби и на останатите спратови.

