Вработените во катастарската служба во една мала општина во внатрешноста на Србија останале затечени откако минатиот месец од нив било побарано да ги запишат своите имиња на список со кој се обврзуваат дека ќе гласаат за владејачката Српска напредна партија (СНС).
„Ова никогаш претходно не се случило; сите се во неверување, дури и постарите колеги кои работат тука уште од времето на [Слободан] Милошевиќ“, изјави за БИРН еден вработен, под услов да остане анонимен.
И покрај неверувањето, сите во канцеларијата ги ставиле своите имиња на списокот.
„Сите потпишавме неволно, бидејќи следниот чекор е да нè префрлат, како казна, во други градови до кои е тешко да се стигне“, појасни вработениот.
Вработените во Републичкиот геодетски завод (РГЗ) – државната институција надлежна за катастарот, со повеќе од 2.000 вработени – се меѓу последните кои се соочуваат со долгогодишната пракса на СНС да бара од вработените во државните институции и јавните претпријатија, а понекогаш и во приватни компании, да гласаат за партијата и да присуствуваат на нејзините предизборни митинзи.
Оваа пракса конечно стигнала и до вработените во РГЗ пред парламентарните избори закажани за 25 октомври, но станува збор за масовна, систематска злоупотреба што трае со години, велат набљудувачите.
Од 2014 година, Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), која ги набљудува изборите, редовно известува за притисоците врз гласачите вработени во јавниот сектор. Извештаите на Европската комисија го нотираат истиот проблем од 2017 година.
Истражување на јавното мислење од 2022 година, спроведено од белградската невладина организација ЦРТА врз репрезентативен примерок од 1.075 испитаници, покажало дека 14 отсто од населението во Србија било изложено на притисок да гласа за одредена партија.
БИРН разговараше со осум вработени во РГЗ од различни делови на Србија, кои сведочат дека врз нив се врши притисок да гласаат за СНС и да присуствуваат на партиски митинзи.
Според нивните сведоштва, притисоците започнале откако во август годинава за вршител на должноста директор бил назначен Далибор Бабиќ.
„Откако дојде новиот в.д. директор, првпат почнаа да нè притискаат да се потпишеме на списокот. Бидејќи одѕивот беше многу слаб, донесоа партиски ‘комесар’ да ги малтретира луѓето и да ги принудува да потпишуваат“, изјави вработен во РГЗ.
Истиот соговорник за БИРН рече дека вработените биле принудувани да присуствуваат на предизборен митинг на СНС во Белград.
„Пред митингот во [белградската] Арена почна потрагата по луѓе што ќе се пријават да одат. Одѕивот беше катастрофален и тогаш – не се појавија дури ни оние што потпишаа“, истакна вработениот, осврнувајќи се на митингот на СНС одржан на 3 октомври.
Вработен во РГЗ во друга општина за БИРН изјави дека од нив било побарано да одат на митингот на СНС во Нови Сад, кој требало да се одржи во средината на септември 2026 година.
„Во неделата кога го најавија митингот во Нови Сад, ни беше кажано дека новиот директор на РГЗ побарал луѓето да одат таму за да му дадат поддршка. Со други зборови, требаше да одиме на митингот на СНС, но, всушност, тоа требаше да биде наша поддршка за новиот директор“, изјави вработениот. „Само им реков дека ништо од тоа не ме интересира и дека не треба да ме прашуваат.“
Притоа појасни дека досега не претрпел никакви последици.
„Засега ништо. Но, се прашувам уште колку пати ќе можам да им кажам не“, изјави тој.
Републичкиот геодетски завод не одговори на прашањата на БИРН.
Под притисок

Студентски протести во Србија | Фото: Гаврило Андриќ
Србија се подготвува за предвремени парламентарни избори овој викенд – избори што многумина ги сметаат за најважни од гласањето во 2000 година, кое доведе до падот на авторитарниот лидер Слободан Милошевиќ.
СНС се соочува со најголемиот предизвик откако дојде на власт во 2012 година.
Изборите се одржуваат по две години антивладини протести предводени од студенти, кои избувнаа откако на 1 ноември 2024 година загинаа 16 луѓе при уривањето на бетонската настрешница на неодамна реновираната железничка станица во Нови Сад. Студентското движење сега стана главната опозициска сила на изборите, под името Студентска листа.
Од почетокот на протестите, се зголемува притисокот врз вработените во јавниот сектор – и врз оние што ги поддржуваа студентите и врз оние што одбиваа да ѝ ја докажуваат лојалноста на СНС со присуство на партиски митинзи.
Сега, во пресрет на изборите, барањата повторно се засилуваат. Околу 180 луѓе одговорија на прашалникот на БИРН Србија, за притисоците со кои се соочуваат вработените на работните места. БИРН интервјуираше повеќе од 20 лица, кои зборуваа под услов да останат анонимни. Меѓу соговорниците има луѓе кои никогаш не извршувале никакви задачи за СНС, луѓе кои го правеле тоа под притисок, но повеќе не сакаат, како и поранешни членови на партијата.
Нивните сведоштва јасно ги прикажуваат бројните механизми на принуда со кои се соочуваат вработените пред изборите.
Барањата се едноставни: ветете дека ќе гласате за СНС, запишете го своето име на списокот на „сигурни“ гласачи и обезбедете таканаречени „капиларни“ гласови, така што ќе ги наведете имињата и контакт-податоците на луѓето што сте ги убедиле и тие да ветат дека ќе гласаат за СНС. Тоа најчесто се пријатели, роднини или колеги.
Освен самите списоци – кои на крајот ѝ се доставуваат на партијата – не постојат писмени докази за овие барања. Не се испраќаат ниту електронски пораки, ниту СМС-пораки.
Наместо тоа, вработените поединечно се повикуваат во канцелариите на своите претпоставени или раководителите на одделенијата, каде што од нив се бара да ветат дека ќе гласаат за СНС, да одат на митинг или да обезбедат 10 или 20 гласови од своите блиски.
Работи за партијата или ќе имаш последици

Штанд на СНС во Белград | Фото: БИРН
Во една здравствена установа во српската покраина Војводина, формуларите за собирање капиларни гласови за претстојните октомвриски избори почнале да се пополнуваат уште во мај, иако изборите биле распишани дури во септември, изјави за БИРН вработен во установата.
На врвот на еден таков список, до кој дојде БИРН, се наоѓа името на лекарот задолжен за собирање гласови.
„Тој немаше да биде на директорското место ако не обезбедуваше капиларни гласови. Ги повика луѓето што ги вработил. Од нив побара да бидат лојални“, изјави еден вработен.
Оние што го потпишале списокот ќе добијат неколку телефонски повици од СНС, вклучително и на денот на изборите. Оние што ги составуваат списоците и собираат гласови не можат едноставно да наведат податоци за кого било, бидејќи секој глас се проверува.
„Без да знаат дека сум ги ставил на списокот, членови на моето семејство им рекле да одат по ѓаволите кога им се јавиле од СНС. Потоа ми се јавија мене за да прашаат зошто луѓето од мојот список реагирале негативно на нивниот повик“, објасни еден вработен.
Вработениот рекол дека на почетокот се плашел, бидејќи постојано му се заканувале дека ќе добие отказ ако не ги исполни партиските барања, вклучително и да присуствува на митинзите на СНС.
„Подоцна сфатив дека не можат така лесно да ме отпуштат, па престанав да одам. Потоа отворено ми рекоа: нема повеќе да напредуваш, ќе останеш таму каде што си. Бидејќи не сакам да правам ништо за партијата, не одам на митинзи и не обезбедувам гласови“, изјави вработениот.
Неможноста за напредување на работното место е само еден од механизмите со кои се казнува одбивањето да се работи за партијата. Другите форми на казнување вклучуваат намалување на платата, преместување на полоши работни места или распоредување на работни места оддалечени од местото на живеење, што го отежнува секојдневното одење на работа.
Вакви казни не добивале само оние што одбивале да работат за партијата, туку и оние што на своите приватни профили на социјалните мрежи ја поддржувале масовната протестна мобилизација во 2025 година. БИРН претходно известуваше за големиот број отпуштања во јавниот и приватниот сектор поради поддршката на протестите или одбивањето да се присуствува на патриските митинзи.
Работниците кои немаат договор за вработување, туку се ангажирани преку договори за привремена или повремена работа, договори за услуги или преку агенции и младински задруги, често се наоѓаат во ситуација во која се користат и награди и закани. Нивниот ангажман може да биде продолжен доколку работат за партијата, со ветувања дека на крајот ќе добијат постојано вработување. Ако одбијат, се соочуваат со прекин на ангажманот.
„Ова е злоупотреба на потребата за егзистенција и на стравот. Тоа е класична злоупотреба, механизам на притисок што го развиле тие [СНС]“, изјави за БИРН Бранкица Јанковиќ, долгогодишна поранешна комесарка за заштита на рамноправноста.
„Понекогаш притисокот доаѓа во форма на ‘добронамерен’ совет – ‘би било добро да го направиш ова’. Понекогаш е поизразен, понекогаш малку пософистициран, но методите знаат да бидат и прилично брутални“, рече таа.
Активисти на СНС на државна плата

Предизборен митинг на СНС | Фото: Фејсбук на Српска напредна странка
Многу вработени и воопшто нема потреба да бидат изложени на притисок, бидејќи се ангажирани за да одработуваат за СНС во текот на работното време.
Тринаесет лица за БИРН изјавија дека во компаниите или институциите каде што работат, во изминатите неколку години биле вработени многу луѓе кои работат за партијата, а воопшто не се појавуваат на своите работни места.
„Дојде, работеше во фирмата ден и пол, а потоа исчезна“, изјави едно од нив за БИРН. „Сега е во кол-центарот [на СНС].“
Друго лице пак појасни: „На пример, имав двајца колеги кои воопшто не доаѓаа на работа. Практично, ќе се појават, ќе останат до девет часот, а потоа одат во кол-центарот на СНС.“
Трето лице раскажа разговор што се водел на работното место: „Прашувам – каде се новите? Тие се смеат и велат: како мислиш каде, во кол-центарот.“
Овие тројца соговорници се вработени во три различни државни институции.
Иако некои од овие нововработени не доаѓаат на работа со месеци, редовно добиваат плата, а покрај неа често им се исплаќаат и прекувремена работа и дополнителни бонуси.
„Овие луѓе не работат прекувремено. Тоа значи дека станува збор исклучиво за награда за лојалност“, изјави за БИРН вработен во здравството.
Една од задачите на ваквите вработени била да престојуваат во „Чациленд“ – кампот што поддржувачи на СНС го поставија во парк во центарот на Белград, меѓу зградите на претседателството и парламентот.
Вработените во белградското јавно комунално претпријатие „Инфостан“ редовно престојувале во кампот, а некои дури и спиеле во шаторите. За своето присуство добивале дополнителни пари.
„Инфостан“ вработил и луѓе кои воопшто не се појавуваат на своите официјални работни места, туку работат за СНС, објавувајќи на социјалните мрежи и фотографии од себе на партиските штандови во текот на работното време.
„Од 2019 година до денес, речиси сите нововработени на некаков начин се партиски активисти на СНС. Тоа буквално е услов за вработување“, изјави вработен во „Инфостан“.
Тој појасни дека нововработените обично не доаѓаат на работа со месеци по нивното вработување.
„Веќе знаеме дека ќе се појават, ќе се запознаеме со нив, а потоа со месеци нема да доаѓаат тука. Или се на штандови или во кол-центри. Потоа, откако ќе го завршат она што треба да го направат, одеднаш добиваат договор и почнуваат да се појавуваат како обични работници“, изјави вработениот во „Инфостан“ за БИРН.
„Инфостан“ не одговори на прашањата на БИРН.
Вработен во голема компанија од енергетскиот сектор, пак, изјави дека пред 15 години фирмата имала околу 2.000 вработени, а денес има речиси 9.000.
„Тоа е сериозна машина за гласови. На луѓето вработени на определено време им даваат морков – дека мора да гласаат за нив [СНС] и да одат на предизборните кампањи“, објасни тој.
Тој и уште еден вработен во друга државна енергетска компанија потврдија дека вработени од енергетскиот сектор во март годинава, за време на работното време, патувале во Аранѓеловац, град во централна Србија, за да работат за СНС во пресрет на локалните избори.
„Не зборуваме само за изборниот ден, туку и за кампањата. Одеа од врата до врата“, изјави вработениот, додавајќи дека партиските активисти во меѓувреме добивале плата како да работат редовни смени со полно работно време.
Овој вработен за БИРН вели дека партиските вработувања постоеле и пред 2012 година, кога СНС дојде на власт, но дека политичката припадност тогаш немала толкаво значење.
„Ако требало да се вработи мајстор, заварувач, ако навистина бил потребен некој за одредена работа, можело да се случи тој да гласа дури и за радикалите [екстремно националистичка партија]. Ги вработуваа луѓето за работните места што требаше да се пополнат и никого не притискаа, ниту принудуваа. Но овие луѓе [СНС] не вработиле ниту еден човек од кого истовремено не барале да направи нешто за нив“, изјави вработениот.
Поранешната комесарка за заштита на рамноправноста, Бранкица Јанковиќ, смета дека партиските вработувања не започнале со актуелната власт, но дека таа пракса „ја довеле до размери на системска дискриминација врз основа на политичките уверувања“.
„Постои сосема различен третман на луѓето што ја поддржуваат владејачката партија и на оние што воопшто не се заинтересирани за политика. Тоа е дискриминација, бидејќи едните само ги уживаат привилегиите, додека другите се принудувани да ја поддржуваат партијата“, изјави Јанковиќ.
Таа вели дека многу луѓе не се свесни за своите работнички права. А за некои од лојалистите кои добиваат предност при вработувањето во јавниот сектор, Јанковиќ дополнува: „Тие мислат дека партијата им е работодавач. Токму тоа сум го слушнала од многумина од нив – велат дека партијата е нивната фирма.“