Четврток е пазарен ден во Тетово. Уште рано наутро, пазарот е преполн со муштерии. Меѓу разнобојните тезги, распослани внатре и надвор од објектот, наредени се гајби со сезонски зеленчуци: домати, пиперки за ајвар, тикви, па дури и кафези со кокошки и пилиња.
Речиси на секој ќош има картонче на кое е испишано „тетовски“ или „тазе“ грав.
Цените за гравот варираат од 150 до 500 денари за килограм. Земјоделци со кои разговараше БИРН велат дека реалната цена на вистинскиот, автентичен тетовски грав веќе достигнала 500 денари за килограм.
Но, покрај цената, тетовската сорта се препознава и по крупното зрно, на допир може да остави фин бел прав, доколку е млад може и со нокт да се скрши. При варењето не испушта лушпа.

И на пазар во Тетово тешко се наоѓа тетовски грав | Фото: БИРН / Емилија Петреска
Поради големите трошоци на кои секојдневно се изложени граѓаните, тие сѐ почесто го заобиколуваат тетовскиот и се одлучуваат да купуваат поевтин и увозен, најчесто од Египет и од Киргистан. Тој е далеку поевтин, во продавниците, еден килограм чини околу 120 денари.
Сликата е уште поапсурдна во Општина Теарце, која со децении важеше за престолнина на оваа кулинарска гордост. Сега, на полиците во локалните продавници на главната улица се продава само увезен египетски грав, пакуван и на рефус.
„Тешко дека ќе најдеш тетовски грав од овде“, признава еден од локалните продавачи. Друг со насмевка додава: „Ако некој ти каже дека е локален, ‘те лажи’.“
Од ова место под Шара денес може да си заминете и без ниту едно зрно.
Долж земјениот пат што води до нивите под Теарце, каде што порано се береле богати приноси од грав и пченка, денес има празни ливади, а повремено од ветерот се слуша чкрипење од исушените остатоци во златна боја.
Тетовскиот грав е сериозно загрозен од исчезнување

Некогаш плодни ниви, денес стојат суви и пропаднати | Фото: БИРН / Емилија Петреска
Бајрам Али Демири од селото Непроштено е во своите 40-ти години. Тој одгледува грав од своето детство.
„Пред 15 години, од еден декар имаше и до 120 килограми грав, сега добиваме 10 до 20 килограми“, раскажува тој.
Беше во посета на неговиот познаник Метин Муареми, претседател на локалниот Центар за едукација и развој.
„Секоја година си велам ‘ај наредната година’ може ќе биде подобро“, кисело се насмевна.
Семејството Тофиловски од Теарце, пак, кое произведува грав речиси цел еден век, и порано собирало меѓу 200 и 250 килограми од декар, минатата година собрале едвај еден килограм грав. Недоволно ниту за сопствените потреби.
„Земјата е тврда како камен, не може да се изора“, вели Јове Тофиловски.

Еден од преостанатите одгледувачи на тетовскиот грав, Демири | Фото: БИРН
Од 10 декари обработлива земја, намалиле на шест, а сега веќе донеле одлука целосно да се откажат.
„Остана од маркет да се ‘јади’ грав.“
Главниот удар врз тетовскиот грав доаѓа од драстичните климатски промени, посочува професорката Соња Ивановска од Земјоделскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Повеќе од 10 години, заедно со уште неколку професорки од факултетот, собираат семе од стари локални и автохтони сорти од сите култури низ целата територија на Македонија за да ги спасат од заборав. До сега посетиле преку 500 села и собрале над 8.500 примероци семе.
Неодамна се вратиле од 10-дневна мисија и согледале огромна разлика од 2014 година.
„Старите сорти се губат“, вели Ивановска.
„Состојбата со гравот е многу алармантна бидејќи во многу региони ни кажуваа дека не го одгледуваат повеќе зашто ‘не го бива’ на оваа клима“, вели таа.
Тетовскиот грав е традиционална висока сорта, таканаречен „висок грав“, која се одгледува на колци или во комбинација со пченка, како замена за колците. За разлика од другите сорти, на тетовскиот грав му се потребни повеќе месеци до берба. Практично цвета и формира мешунки токму во најжешките летни месеци, кога дождовите знаат да бидат ретки.
Ивановска посочува дека кога температурите со денови надминуваат 30 Целзиусови степени, а релативната влажност на воздухот е ниска, приносот е драстично намален независно што гравот се наводнува.
„Гравот, или не формира цветови, или поленот не е функционален и не може да изврши оплодување, па не се формираат мешунки, или ако се оформат мешунки, тие отпаѓаат“, вели професорката.

Теарце важеше за престолнина на тетовскиот грав | Фото: БИРН / Емилија Петреска
Тоа ги објаснува и нивите каде што има листови од гравот, но мешунките се празни и пресушени.
Поради екстремните температури, земјоделците велат дека мора да ги наводнуваат нивите пет до шестпати во сезоната, за разлика од порано, кога било доволно два до трипати. Главниот извор на вода е реката Бистрица, чиј водостој, според локалците, летно време драстично опаѓа.
Работна група за заштита на автохтоните култури
Од Министерството за земјоделство за БИРН велат дека со претставници од научната заедница ќе формираат работна група за зачувување на автохтоните сорти, меѓу кои е и тетовскиот грав.
„Ќе се земат в предвид влијанијата на климатските промени, зачувувањето на семенскиот материјал и условите за одржливо одгледување.“
Од Општина Теарце потврдуваат дека, покрај сушата, за намалениот проток на реката придонесувало и „несоодветното управување со водниот потенцијал од страна на локалните мини-хидроцентрали.“
„Оваа состојба е покарактеристична во летниот период кога се намалува водата во реката, која може да се види со голо око“, стои во нивниот одговор.
Во 2022 година, почна изградбата на минисистем за наводнување во Општина Теарце, кој на 150 локални земјоделци треба да им помогне во зголемувањето на земјоделските приноси. Од Општината велат дека проектот, кој инаку чини 1,75 милиони евра обезбедени преку ИПА-фондовите, е завршен, но дека сè уште не е ставен во функција „бидејќи не е извршено официјално примопредавање со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.“

Тетовскиот грав е многу поскап од увозниот | Фото: БИРН / Емилија Петреска
Новите услови ги принудило дел од земјоделците, како Али Демири, да го префрлат производството во повисоките планински села на Шар Планина, како што е Вејце. Но, набргу таму се соочиле со нови пречки. Дивите животни, како мечки и диви свињи, ги уништувале насадите, привлечени од пченката на која го врзувале гравот. Па, сега го креваат на колци.
Земјоделецот Тофиловски, пак, вели дека црната планинска почва не му одговара на тетовскиот грав, на кој му е потребна влажна кафеава земја.
Дел од земјоделците што професорките ги посетиле во тетовскиот крај веќе преминале на одгледување на други сорти.
Покрај климатските непогоди, земјоделците се жалат и на доцнење на субвенциите, што оневозможува покривање на основните трошоци за гориво и ѓубриво. Тие тврдат дека и хемиските препарати ја губат ефикасноста во борбата со плевелот.
Обиди за зачувување на традицијата

„Гравот беше меѓу најбараните во Југославија“, вели Муареми | Фото: БИРН
За важноста на тетовскиот грав сведочи и традиционалната манифестација „Ден на гравот“ во Теарце, која се одржува веќе 14 години. Ја организира токму Центарот за едукација и развој. Секоја година, наесен се готви тетовското гравче во казан, со уште неколку штандови со други локални специјалитети, придружено со музика.
„Се работи за култура што ги обединува луѓето“, вели Метин Муареми, претседател на центарот.
Првичната идеја им била брендирање и зачувување на овој производ.
„Доаѓаа луѓе од многу други земји и ни кажуваа дека тетовскиот грав е меѓу најбараните во поранешна Југославија“, раскажува Муареми.
„За жал, можам да кажам дека последните години многу е тешко да се најдат луѓе што го произведуваат тетовскиот грав“, додава тој.
Наспроти ова, бројот на посетители, пак, од година во година расте. Годинава пречекале 400 гости. И за да приготват доволно порции, им биле потребни над 30 килограми грав.
„Оваа тема треба да се одржува жива. Институциите што се најнадлежни треба да направат нешто“, апелира Муареми.
Професорката Ивановска, пак, предупредува дека доколку не се преземат мерки, како финансиска поддршка за научни опити на поотпорни локални сорти, за 10 до 15 години, тетовскиот грав ќе остане само убав спомен.