Празен, но редовен – градскиот воз е единствениот на кој може да се потпрете ако сакате без поголем проблем да стигнете од едно до друго место со македонската железница.
Ова е впечатокот на екипата на БИРН по половина ден минат на пероните на скопската Железничка станица и по две тури возење со градскиот воз, кој во моментов оди на само една линија – од Скопје до Зелениково и назад, со пет станици помеѓу.
Селото Зелениково е попатна станица и за ретките меѓуградски возови за Велес, Битола и Гевгелија, па затоа градскиот воз ја користи истата пруга, само што за него има посебен воз и возен ред, според кој растојанието од 25 километри во еден правец, треба да го помине за 25 минути.
Но, додека повеќето меѓуградски возови доцнеа и со часови или воопшто не тргнуваа од скопската Железничка станица за време на нашата посета, ова не беше случај со градскиот воз.

Возот беше пуштен на почетокот на септември | Фото: БИРН
Не дека беше точен во минута, по примерот на ваквите возови по европските држави што имаат развиен железнички сообраќај, ама сепак – возеше.
За него беше резервиран перонот со број три и кинеската електромоторна гарнитура купена пред десетина години, со последната набавка на патнички возови за македонската железница.
Анализа
Три линии ја одржуваат железницата во живот
Откако во првите денови од пуштањето на возот, надлежните се пофалија со бројка од 1.500 за три дена, еден месец подоцна, во втората седмица од октомври, решивме да провериме колку тој навистина се користи.
За двете тури возење ги избравме термините кога се очекува најголемиот метеж, меѓу 6 и 9 часот наутро, и попладне – помеѓу 16 и 18 часот.
Прво се качивме во возот, кој, нешто по седум часот, тргна од Скопје кон Зелениково. Бевме единствените патници, покрај кондуктерот и машиновозачот.

Празен воз до Зелениково | Фото: БИРН
По пат немаше застои, освен краткото чекање на средина од рутата, за разминување со возот од Гевгелија, кој пристигнуваше во Скопје со 45-минутно задоцнување.
Затоа и патот од Скопје до Зелениково траеше 35 минути, десетина повеќе од предвиденото со возниот ред, што и беше очекувано, со оглед на не така розовата состојба во која со години наназад се наоѓа македонската железница. За тоа говорат бројките на превезни патници кои се десеткувани во последните 15-тина години, од 1,4 милиони во 2011, на само 177 илјади патници лани.

Празни седишта и ретки поаѓања
Просторот пред жолтата железничка зграда беше уреден со нови жардиниери и клупи. До неа, имаше и нов паркинг за 15-тина возила. Претходно, според раскажувањето на еден локалец, на местото на паркингот имало дива депонија, која била средена за пуштањето на градскиот воз.
Иако мештаните знаат дека има воз, по навика уште се возат со автобус, кој почесто проаѓа, станиците им се поблиску, има бесплатни билети за пензионерите, студентите, средношколците… Ваквите бенефиции не важат во железницата.
Ако до селото се возевме сами, за назад веќе имавме друштво. Во возот, кој тргна во 8.30 часот, меѓу Зелениково и Орешани се качија петнаесетина патници, во Драчево, уште десетина, во Лисиче ниту еден.

Билетот во еден правец чини 40 денари, повратниот е 70 денари | Фото: БИРН
Имаше пензионери, студенти и луѓе што брзаат за на работа. Сите со кои разговаравме живееја во непосредна близина на самите железнички станици.
„Првпат гледам толку патници“, искрена беше студентка, која редовно го користи возот, бидејќи до Скопје стигнува за половина час – двојно побргу отколку со автобус на истата релација. Назад забележа дека ќе се враќа со автобус, бидејќи возниот ред не ѝ одговара.
Градскиот воз има осум тргнувања од Скопје, и уште толку од Зелениково, па најкраткиот интервал меѓу две поаѓања од станицата е 1,5 час, додека најдолгиот – 4 часа.
Слабиот интерес за него се должи и на тоа што тој не е интегриран со автобускиот превоз, не важат истите месечни билети, па нема опција со ист билет да се комбинира воз и автобус. Нема можност и за ставање велосипеди во него, а и железничките станици се надвор од населените места.
Единствено во Зелениково и во Орешани, пругата минува покрај селата, ама во нив има едвај 2.000 жители, кои се привилегирани да имаат редовен воз.
Скапа играчка

Планирани се три краци – до Зелениково, Миладиновци и Ѓорче Петров| Фото: БИРН
Идејата за градскиот воз е стара повеќе од четири децении, кога во екот на нафтената криза во 80-тите, снемало гориво за автомобилите и се појавила потреба од проширување на системот на јавен превоз во главниот град.
Сега, пак, на градскиот воз се гледа како на поеколошка алтернатива, која треба да помогне во намалување на бројката на возила по скопските улици, поради што сегашната власт посериозно тргна во нејзина реализација. Основа за проектот е физибилити студијата изготвена минатата година, која сè уште е недостапна за јавноста.
Анализа
Јавниот превоз во изборните пораки: Автобуси за вас, но не и за нас
Од она што е познато, е дека градскиот воз ќе има три краци, кои од скопската Железничка станица ќе водат три различни страни – кон Миладиновци, Ѓорче Петров и Зелениково. Сега е во функција само еден од нив. За другите два крака, допрва ќе се реновираат пругите, за што веќе е распишан тендер.
Крајната цел е сите тие да бидат ставени во еден интегриран систем на сообраќај, заедно со автобусите на ЈСП, а во иднина и со новиот БРТ систем, што ќе бара и набавка на нови возови, нови автобуси и целосна реорганизација на линиите на сегашниот јавен превоз.
Во меѓувреме, градскиот воз е сведен на една линија, која функционира сама за себе и им служи на мал број жители.

Кинеската гарнитура има капацитет за 200 патници | Фото: БИРН
„Со ваква имплементација се убива идејата за градски воз“, со доза на разочараност забележува сообраќајниот инженер Дејан Трпевски, кој е силен поборник за овој вид превоз.
За него е несфатливо зошто воопшто се пушта линија кон Зелениково, без да се комплетира системот. Појаснува дека за еден воз да биде „градски“, мора да биде редовен, да тргнува на секои 10 минути и да нема конкуренција од автобускиот превоз.
Тоа, за овој крак од железницата, би значело укинување на сите автобуски линии од Зелениково, Драчево, Лисиче до Центар и нови линии што ќе ги собираат сите патници од околината и ќе ги носат до железничките станици.
„Сега имате екстремно висок трошок по превезен патник, само се генерираат трошоци“, предупредува тој.
Градски воз во нефункционалната железница

Последниот градски воз од Скопје тргнува во 8:56 часот | Фото: БИРН
Во периодот кога по скопските улици е најголемиот метеж, се вративме на Железничката во Скопје, на уште една тура возење со градски воз.
Го фативме тој во 16:20 часот и не бевме сами. По патот до Зелениково проциркулираа 20-тина патници. Возот има капацитет за 200. Меѓу нив беа и двајца татковци со децата, тргнати туристички – на фамилијарна прошетка со воз.
Со двете семејства се возевме и назад, кон Скопје, а покрај нас, во возот се качи само уште еден патник. На половина пат, на попатната железничка станица „Јане Сандански“, која се наоѓа меѓу Орешани и Драчево, градскиот воз застана за да се размине со меѓуградскиот за Гевгелија.

Нов асфалт пред станицата „Јане Сандански“ | Фото: БИРН
Пред самата железничка зграда беа поставени нови жардиниери. Нов беше и асфалтот, кој го поврзуваше локалниот пат со стрмниот приод кон станицата. Благодарение на него, два автомобила се беа спуштиле на самата станица, а едниот беше паркиран толку блиску до пругата, што возот не можеше да продолжи кон Скопје.
Следуваше расправија, барање на сопственикот на возилото и долго стоење во место. Конечно, со доцнење од речиси половина час, возот стигна на скопската Железничка станица. Железничарите беа нервозни.
Нервозен беше и еден пензионер, кој на перонот во Скопје чекаше да стигне возот од Битола, кој доцнеше два часа. Дента, исто како и цел месец претходно, практично од пуштањето на градскиот воз, не сообраќаа дел од локалните возови кон Велес.

Меѓуградски воз има до Куманово, Велес, Гевгелија и Битола | Фото: БИРН
Од „Железници – транспорт“, државната компанија што управува со железничкиот сообраќај, не одговорија на прашањата на БИРН за причините за откажувањето на возовите, ниту, пак, доставија податоци за бројот на месечни билети за градскиот воз или, пак, за мерките што ги преземаат за повеќе патници во него.
Кога стигнавме до билетарницата, дознавме дека не тргнал и пладневниот воз кон Куманово.
„Не се водете според возниот ред, не функционира“, нè предупредија железничарите.
Исклучок беше градскиот воз.

