Репортажи

Неолит, џез и прашина: Еден ден во Врбјанска чука

Meѓу предисториските печки и живеалишта во Пелагонија

Сред пелагониската рамнина, меѓу ниви и бали, се простира Врбјанска чука. Овој археолошки локалитет припаѓа на неолитот, историски период во кој се случиле некои од позначајните трансформации во човештвото. Развојот на оваа населба почнува 6.000 години п.н.е, што претставува точка во историјата кога почнале да се градат трајни живеалишта, се појавиле првите земјоделци и лебот влегол во исхраната.

На еден од најжешките денови во август нѐ пречека археологот Гоце Наумов. Тој е дел од Центарот за истражување на предисторијата, каде што преку разни научни методи го проучуваат секојдневниот живот на тогашните заедници на територијата на Македонија и пошироко.

Уште рано наутро, археолозите со лопати и со четки ископуваа и ја расчистуваа населбата во близина на прилепското село Славеј.

Според Наумов, токму во неолитот биле поставени основите на цивилизацијата каква што ја знаеме денес.

Првите печки, амбари и трајни живеалишта

Археологот Гоце Наумов | Фото: БИРН / Емилија Петреска

За 11 години, колку што Наумов со колегите го истражуваат локалитетот, откриле остатоци од седум градби, откопале три печки за леб, амбари, керамички садови, фигурини и обредни предмети.

Меѓу највпечатливите пронајдоци се печките, кои биле изработувани од глина и широки речиси еден метар. Печките, кои ги откриле во друг локалитет во Пелагонија, Велушка Тумба, се, всушност, едни од најголемите откриени во Европа. Тие биле и декорирани со хоризонтални линии налик на ребра.

„Првиот леб е направен во неолитот“, вели Наумов.

Лебот во овој период имал и друга улога, освен основната, да ги нахрани луѓето. Наспроти ловот, за првпат се појавува нов тип храна, кој луѓето сами може да ја произведат. Покрај тоа, ја собира фамилијата на куп и веќе се размислува каде и како да се чуваат резерви.

Новите форми на живеење се рефлектирале и врз верувањата на луѓето и уметноста што тие ја создавале. За првпат се појавува керамиката, на која се слика, на која се ставаат различни симболи или декоративни елементи.

Остатоци од неолитска печка | Фото: Центарот за истражување на предисторијата

„Тогаш за првпат имаме земјоделци што доаѓаат од Анадолија на Балканот и оттука се шират кон централна Европа“, нагласува Наумов.

Со тоа се појавуваат припитомени животни и култури, како јачмен, пченица, леќа и грашок. Заедниците повеќе не се номадски, пештерите и колибите ги заменуваат со фиксни градби, кои низ годините ги поставуваат една врз друга. Слоевитоста на темелите и денес е видлива. Се градело со план.

„Тие се сочинети од доста елементи, меѓу кои се наоѓаат и печките каде што се правел лебот, сандаци каде што се приготвувало тестото, а потоа имаме мелници каде што се правело брашното, па и различни други составни елементи, каде што имаме и обредни активности“, појаснува Наумов.

Во Археолошка карта на Македонија забележани се 6.000 локалитети од сите историски периоди. Само во Пелагонија има над 140 наоѓалишта со населби од времето на неолитот, појаснува Наумов.

„Полно е, има на секој километар.“

Интересен момент во неолитот е и појавата на антропоморфизмот, односно човекот за првпат се става себеси како референца за објаснување на светот. Садови, печки и жртвеници добиваат облик на делови од човечко тело.

Во тој период, честа појава се женските фигурини. Најпозната е „Голема мајка“ од Тумба Маџари во Скопје, претставена како родилка, извор на животот и заштитничка на семејството и куќата.

Неопходни се конзервација на локалитетите и професијата

Неолитот важен како и антиката, но не е визуелно атрактивен | Фото: БИРН / Емилија Петреска

„Неолитот е период што треба да се вреднува во однос на она што сме ние денес и, секако, особено значење треба да му се даде на Балканот и во Македонија, бидејќи тоа што се случувало тука е неспоредливо на повисоко техничко, естетско и симболичко ниво отколку она што го знаеме во Европа од тој период“, смета Наумов.

На Наумов, тој ден му помагаа студентите, Иван Спасовски и Матеј Манасиев, помладиот археолог Дејан Георгиев, но и Теј Џиа Кинг, волонтер од Сингапур. Со Наумов се запознале на Балканската летна школа за археологија.

„Му пишав имејл на Наумов и тој ми понуди да дојдам на Врбјанска чука.“ Ова е добра можност да се учествува во тековно ископување“, вели Џија.

„Тоа што се случувало тука е неспоредливо на повисоко техничко, естетско и симболичко ниво отколку она што го знаеме за Европа од времето на неолитот“

Додека тимот работеше на терен, ветерот носеше мирис од околните пожари. Археолозите веќе искусиле штети од пожари на локалитетот Влахо кај Живојно пред три години.

За заштита од вегетација, тие привремено го покриваат теренот со најлони и земја. Но, со целосна конзервација, просторот би се заштитил од временските услови. Нивна желба е да ги зачуваат структурите на самото место за еден ден да се претвори во еден вид археолошки парк.

Иако пријавувале проекти за конзервација на Врбјанска чука во повеќе македонски и странски институтции и организации, во неколку наврати биле неприфаќани.

„Зашто не се толку актуелни“, вели Наумов, аргументирјаќи дека интересот на општеството е насочен кон конзервација на антички и средновековни објекти.

„Предисториските објекти не ги есапат многу затоа што не се толку актуелни и видливи. Ние се бориме со руини, а антиката, сепак, има театар, црква, мозаици, бањи…“

Теј Џиа Кинг дошол од Сингапур да работи на неолитско наоѓалиште | Фото: БИРН / Емилија Петреска

Тој и колегите го чекаат исходот од аплицираниот проект во Министерството за култура и туризам за следната година за конзервација на Велушка Тумба, каде што веќе ги завршија теренските истражувања.

За потребата од целосна конзервација зборуваат и случаите кога се оштетувале наоѓалишта при правење патишта и згради. Сличен пример имаше пред три години, кога багери при ископ на јаглен за термоцентралата во Битола оштетиле дел од локалитетот Влахо кај Живојно, кој се смета за најстара неолитска населба во Македонија. Наумов, најголемата вина ја гледа во државата што го дозволува тоа.

Проблем се и финансиите.

„Предисториските објекти не се толку актуелни и видливи. Ние се бориме со руини, а антиката, сепак, има театар, црква, мозаици, бањи…“

Годинава, Министерството за култура и туризам, за четири археолошки истражувања издвоило околу 13.750 евра. Но, според искуството на Наумов, парите што ги издвоило Министерството се оптимални за да се направи само едно едномесечно истражување со тим од 10 луѓе.

Центарот за истражување на предисторијата се снаоѓа така што аплицира на проекти финансирани од разни странски фондации и организации.

„Она што Македонија го има вложено во овој локалитет не е ни 10 отсто од она што сме го добивале преку фондации“, вели Наумов.

„Нормално, тие што се политички миленици, добиваат милиони“, забележа тој.

Но, не се само локалитетите загрозени, туку и професијата. Македонската археологија се соочува со загрижувачки недостиг од стручен кадар и професори.

„Еден куп предмети нема кој да ги предава“, вели Наумов, мислејќи на Институтот за историја на уметноста и археологија .

Поради тоа, на Врбјанска чука соработува со странски археоботаничари, а младите ги насочува кон странски универзитети со надеж дека ќе се вратат.

Неолитот – непопуларен археолошки жанр

Археолошкиот локалитет во Пелагонија | Фото: Центарот за истражување на предисторијата

Наумов, веќе 15 години активно работи во Пелагонија. Желбата да ги истражува обредните и симболичките аспекти на археологијата го тераат да ѝ се навраќа.

Според него, токму неолитот го прави нашето поднебје уникатно.

„Скулптурите од антиката и мозаиците што ги имаме се прекрасни, но ова што го има овде од неолитот, го нема во Рим или во Лондон, или во Париз, или во не знам кој друг голем град во Европа“, додава Наумов.

Тој потенцира дека археологијата е многу повеќе од авантуризам или некакво мечтаење по минатото, како што многумина ја портретираат.

„Благодарение на тоа што ние го знаеме за човекот во предисторијата или во средниот век, или во антиката, на некој начин даваме некакви референци, кои во иднина можат да се искористат за евентуално разбирање на правците во кои се движи човештвото сега.“

Гоце Наумов во улогата и на џез-музичар | Фото: YouTube на Next To Silence

Наумов не е само археолог. Кога не е меѓу ископините и прашината, тој свири професионално на тапани. Дел од џез-фјужн групата „Next to silence.“

„И во археологијата, и во музиката се занимавам со најнепопуларните жанрови. Праисторијата е понепопуларна од антиката, а џезот од поп-музиката.“

Наумов и колегите од Центарот планираат да работат на Врбјанска чука уште две до три години. Идејата им е сите сознанија да ги соберат во монографија.

Веќе помина пладне, најжешкиот период почна, па тоа значи и крај на работата за денот. Додека во близина багер расчистуваше мини-депонија, тимот го средуваше локалитетот за концертот на етномузичарот Драган Даутовски. Традиционално, Наумов овде организира интимни концерти, како обид да привлече внимание кон ова предисториско богатство.