Истражувањa

„Јадран“ и „Бристол“ продадени на фирма без деловни активности

Промени на управувањето, статус-кво кај двете скопски обележја

Фирма со куса и скромна деловна историја, која лани немала ни денар приход, ова лето стана сопственик на впечатливите, историски значајни згради на некогашните хотели „Јадран“ и „Бристол“, во центарот на Скопје.

Документите што ги обезбедивме од државниот Катастар откриваат дека „ГМ проперти“ го купила хотелот „Бристол“ за околу 1,9 милиони евра на 25 јули, а само три дена подоцна платила речиси иста сума и за „Јадран“, објект кој е под државна заштита поради неговите архитектонски вредности.

Зградите, со години, се под клуч како непрофитен имот на угостителската групација на АД „Македонијатурист.“ За сега, неизвесно е дека сопственичката промена ќе значи и промена во нивниот третман.

Емил Кратовалиев, човекот што ги презема хотелите, не е познато име во угостителскиот бизнис, ниту инвеститор со широко портфолио. Тој, двапати одби да разговара со БИРН и ги игнорираше испратените прашања околу хотелите и трансакцијата. За него, според јавно достапните податоци, се дознава само дека членувал во управни одбори на осигурителни компании.

Потписник на купопродажните договори во име на „ГМ проперти“ е управителот Костадин Саздовски. Тој, со години, е менаџер во компанијата на Антиќ, „Фешн груп“, а беше во управниот одбор на АД „Македонијатурист.“

Нашето дополнително истражување откри дека Кратовалиев, всушност, има врски со дел од бизнис-милјето што претходно управуваше со двата објекти и кое главно го сочинуваат скопски градежници и трговци. Станува збор за Зоран Антиќ, фронтменот на модниот трговски бренд „Фешн груп“, инвеститор во градежни објекти, меѓу кои и Гранд ривер, и до неодамна акционерски сопственик токму на „Јадран“ и на „Бристол“ преку АД „Македонијатурист.“

Поврзаноста е директна зашто двајцата заедно ја формирале „ГМ проперти“ во 2024 година. Меѓутоа, Антиќ излегол од фирмата неколку месеци пред купопродажбата на хотелите, оставајќи на директорската функција човек од својот делокруг.

Старо-нови сопственици?

Специфичната архитектура на „Јадран“ во маварски стил| Фото: БИРН / Емилија Петреска

Објектот на некогашниот хотел „Јадран“, кој многумина го знаат и како Арапска куќа, е изграден меѓу 1936 и 1938 година, во стилот на арапско-маварската архитектура. Токму поради својот автентичен архитектонски стил е под генерална заштита, а во тек е процедура за негово прогласување за зграда-споменик.

Бристол не е под закрила на законот, меѓутоа е архитектонско обележје на главниот град. Посебно неговата градина, каде што работеше ресторан што скопјани традиционално го посетуваа.

Објективе со години беа затворени и запуштени откако постранзицискиот сопственик на акционерското друштво, „Македонијатурист“, Доне Таневски процени дека нема економска логика да работат за разлика од другите хотели што ги управуваше, „Холидеј ин“, „Карпош“, „Бест вестерн“ и „Белви.“

Истражувањa
Кога културното наследство ќе се сретне со градежната машинерија

Таневски ја изгуби контролата врз „Македонијатурист“ во 2024 година, откако Зоран Антиќ и група бизнисмени го презедоа акционерското друштво преку засилено тргување на берзата. Во истиот период, акции купуваа и „Скопски пазар“ на градежникот Фатмир Етеми, Ацо Дудулоски, како и други бизнисмени.

Меѓутоа, првата управувачка промена по децении не донесе и промена во третманот и во статусот на двата хотела, и покрај повремените медиумски изјави на Антиќ и на партнерите дека „идејата е да се стават во функција објектите.“ Напротив, се зголеми загриженоста зашто новите акционери, меѓу кои и Антиќ, имаат историја на непочитување на конзерваторски препораки за заштита на објекти.

Една таква загрижувачка епизода има врска токму со Арапска куќа.

Кога Антиќ го реновирал своето деловно седиште во 2022 година, кое е залепено до Арапска куќа, скопските конзерватори, на двапати ја предупредиле Општина Центар дека се надградуваат две нивоа, без нивно нивното стручно мислење и дека со тој чин, меѓу другото, се прави штета и врз заштитениот објект. Општината не реагирала.

Владата одлучи да не се меша

„Бристол“ беше препознатлив по ресторанот во градината | Фото: БИРН / Емилија Петреска

Фокусот и овојпат е врз Антиќ, поради потезите што ги направил годинава од двете страни на трансакцијата. Во рок од еден месец, непосредно пред купопродажбата, тој излегол и од фирмата што ги купила „Јадран“ и „Бристол“ и од акционерското друштво што ги продало.

Антиќ, прво се повлекол од „ГМ Проперти.“ Во март го продал својот удел на Кратовалиев, додека следниот месец, во април, се повлекол и од „Македонијатурист“, каде што имаше значителен број акции (15 проценти).

Само неколку недели подоцна, во мај, акционерите на „Македонијатурист“ одржале собрание, на кое, меѓудругото, одлучиле да ги продадат и двата хотела. На истиот состанок, претставниците на Антиќ во управниот одбор, Леонид Антиќ и Костадин Саздовски, поднеле оставки.

И Зоран Антиќ го игнорираше нашиот интерес за интервју во врска со последните деловни потези и со судбината на „Јадран“ и „Бристол“, особено имајќи ги предвид неговите конекции со новиот сопственик. Исто така испративме прашања и до акционерското друштво. Нè интересираше како биле продадени хотелите, дали имало јавен оглас, колку купувачи се пријавиле и како било одлучено токму „ГМ Проперти“ да ги купи двата хотела. До објавувањето на текстот не добивме одговор.

Вести
Хотел „Јадран“ понуден за речиси 2 милиона евра, државата одби да го купи

Иако имаше можност да ја купи Арапска куќа, владата летово реши да стои настрана од купопродажниот процес. Имено, при продажба на објект со заштитен статус, тој прво мора да ѝ биде понуден на државата.

Управата за заштита на културното наследство, во име на државата, ја одби идентичната понуда од 1,9 милиони евра, притоа држејќи го целиот процес во тајност, со што ја исклучи можноста јавноста евентуално да влијае врз одлуката.
Со што пропадна можноста реставрацијата и заштитата на објектот да не зависат од економскиот есап на приватниците.

Насловната илустрација е направена со помош на вештачка интелигенција