Гостивар го преживеа едно од најтешките лета, кога цел месец градот беше без водоснабдување, со загадена вода во цевките и со полни болници со пациенти со стомачни и други заболувања, како последица од загадувањeто. Од средината на јули, до втората половина на август, водата од градскиот водовод, која ја користат шеесетина илјади жители, беше забранета за пиење откако во неа беа пронајдени фекални и колиформни бактерии.
Ова беше една од најголемите водни и здравствени кризи во последните години во земјава. Околу пет илјади луѓе побараа лекарска помош, најчесто поради стомачни тегоби, а некои беа хоспитализирани.
Истрагата на обвинителството покажа дека преку пумпи се внесувала непреработена вода од отворен канал директно во водоснабдителниот систем, а потоа луѓето ја пиеле. Причината била да се зголеми притисокот, кој бил слаб поради летниот период.
Два месеца откако водоводниот систем беше дезинфициран и испитувањата покажаа дека гостиварската вода е повторно безбедна за пиење, со градоначалникот Валбон Лимани разговаравме за тоа дали состојбата е целосно нормализирана, какви се плановите за водоснабдувањето во иднина и каква е улогата на општината во истрагата.
БИРН: Каква е состојбата во градот во овие два месеца откако се дозволи употреба на водата? Дали граѓаните повторно му веруваат на водоводниот систем?
Лимани: Секој резултат и документ што законски може да биде објавен е достапен за јавноста. Создаваме јасен и транспарентен механизам преку кој граѓаните ќе имаат можност да се информираат за квалитетот на водата и состојбата на системот за водоснабдување.
Во моментов, резултатите континуирано се објавуваат од ЈП „Комуналец.“ Сепак, ќе создадеме апликација интегрирана со официјалната веб-страница на Општина Гостивар и веб-страницата на ЈП „Комуналец“, преку која граѓаните во секое време ќе имаат пристап до најновите резултати од надлежните институции за контрола на квалитетот на водата за пиење.
Денес, граѓаните повторно ја користат водата, а довербата во нејзината безбедност постепено се враќа. Транспарентноста и континуираното информирање ќе бидат од суштинско значење за зачувување и зајакнување на оваа доверба.
БИРН: Гостивар се наоѓа под Шар Планина, а се соочува со недостиг од вода. Кризата што се случи летово беше делумно припишана на обид да се обезбеди поголем притисок во летниот период. Што прави локалната самоуправа за да не се повторат вакви случаи во иднина? Како Гостивар може да добие повеќе вода и до каде се активностите да се обезбедат дополнителни извори?
Лимани: Кризата со водата не почна за еден ден и не е резултат на само еден проблем. Гостивар, со децении, се соочува со сериозни предизвици во водоснабдувањето, загубите во мрежата, капацитетите и управувањето.
Затоа, решението не може да биде само реакција на кризата. Потребни се сериозни инвестиции во инфраструктурата.
За таа цел, веќе се во завршна фаза работите за уредување на резервоарите во Бањица, со што ќе се реши проблемот со водоснабдувањето на жителите на Бањица, како и на жителите на населбите Циглана и Фазанерија.
Исто така, ќе почнат работите за ставање во функција на резервоарот во селото Здуње, со што ќе се реши проблемот со водоснабдувањето во селото Дебреше, населбата Кораб и Млаки, а истовремено ќе се стабилизира притисокот на водата и во другите делови од градот.
БИРН: Дали Општина Гостивар утврди институционална одговорност за тоа што загадената вода влегла во водоводниот систем? Дали се спроведе внатрешна постапка во општината, независно од кривичната истрага на обвинителството?
Лимани: Целосно соработувавме со институциите и очекувам сите околности да бидат утврдени преку правична, објективна и транспарентна постапка.
