По врнежливата пролет, Македонија се соочи со долго и сушно лето, додека низ Европа, високите температури уриваа рекорди, а недостигот од вода доведе до сериозно намалување на водостоите на големите реки, како Дунав. Состојбата беше толку сериозна, што привремено беше запрена пловидбата, а се исклучуваа и нуклеарни реактори бидејќи снема вода за нивно ладење.
Во меѓувреме, научниците алармираа дека до крајот на годинава се очекува природниот климатски феномен Ел Нињо да достигне екстремен интензитет, што принуди дел од државите да реагираат со конкретни мерки за ублажување на овие последици.
Што значат овие промени за климата во Македонија и какви временски екстреми може да донесат следните месеци, разговаравме со проф. Ивица Милевски од Институтот за географија.
БИРН: Дали постои ризик од суша и во следните месеци или, напротив, треба да очекуваме поинаков тип екстреми?
Милевски: Во следниве месеци (во текот на есента), очекувам можноста за краткотрајни, многу интензивни врнежи и локални поројни поплави да биде значајна. Светската метеоролошка организација (СМО), на почетокот на септември потврди дека Ел Нињо е веќе воспоставен и се засилува, со речиси 100 проценти веројатност да продолжи до февруари 2027 година, додека американската NOAA (н.з. Национална океанска и атмосферска управа) проценува над 90 проценти веројатност дека ќе стане многу силен во текот на есента и зимата.
Сепак, влијанието на Ел Нињо врз Европа, а особено врз Балканот, е многу посложено и послабо отколку во тропските области, па од него не може директно да се заклучи колку дожд ќе падне во Македонија.
Летото оваа година беше изразено суво во голем дел од Балканот, а околните морски површини се многу топли, што претставува значителен резервоар на влага за атмосферата. Ако во текот на есента навлезат циклони или висински студени јадра над Балканот и Медитеранот, може да се создадат услови за многу интензивни локални/орографски врнежи, какви што во последните години сè почесто гледаме во јужна Европа.
Затоа, најголемиот ризик за Македонија не го гледам толку во постојано врнежлива есен, туку во нагли премини од сушни периоди кон неколкучасовни или еднодневни екстремни врнежи, со можност за поројни поплави, силна ерозија и локални свлечишта.
Истовремено, не треба да се потцени ниту спротивниот ризик – продолжување на сушните услови во дел од есента или нивно повторување во следните сезони, бидејќи високите температури и зголемената евапотранспирација бргу ги намалуваат почвената влага и водните резерви.
Долгорочно, ваквата комбинација од суши, топлотни бранови, деградација на почвите и нерамномерни врнежи го зголемува ризикот од опустинување и деградација на земјиштето во најсувите делови на Македонија.
БИРН: Колку државата и надлежните институции сериозно ги следат ваквите климатски прогнози и колку земјава е навистина подготвена за справување со ваквите екстреми?
Милевски: УХМР и другите надлежни институции ги следат метеоролошките и климатските состојби, но следењето и прогнозата се само еден дел од системот – потребни се и добра превенција, карти на ризик, рано предупредување, просторно планирање и подготвеност на локалните служби.
Европската комисија, и во последниот извештај за Македонија, укажува на недоволни административни и технички капацитети, недостиг од квалификуван кадар и потреба од значително зајакнување на капацитетите во областа на животната средина и климатските промени.
Кај нас особено недостига превентивниот дел: пошумување и обновување деградирани сливови, задржување на водата во горните делови на сливовите, редовно одржување на поројните корита и дренажните системи, изградба на ретенции и акумулации каде што се оправдани и строга контрола на градбата во плавни и нестабилни подрачја.
За жал, сè уште многу почесто мобилизираме ресурси откако непогодата ќе се случи, отколку години претходно да инвестираме во намалување на ризикот. На Македонија ѝ е потребен постепен премин од систем на реакција кон систем на превенција, рано предупредување и долгорочно управување со ризиците.
Затоа, превенцијата мора да ги опфати и сушите: подобро управување со акумулациите и подземните води, намалување на загубите во водоснабдувањето и наводнувањето, зачувување на почвената влага и мерки против деградација на земјиштето. Ризикот од опустинување не треба да се сфаќа како создавање пустина преку ноќ, туку како постепено намалување на продуктивноста и еколошката функција на земјиштето под влијание на суша, ерозија, пожари и несоодветно користење.
БИРН: Ако ги погледнеме искуствата на другите европски држави – кои се најважни мерки за превенција, што може да почнеме да правиме веднаш и колкав кадар имаме, кој следи што се случува со климата?
Милевски: Европското искуство покажува дека најуспешната заштита од поплави и суши не се базира само на бетонски канали, насипи и други големи инженерски зафати, туку на интегрирано управување со целиот речен слив. Европската Директива за поплави бара идентификација на ризичните подрачја, изработка на карти на опасност и ризик и планови за управување со поплавите, што овозможува мерките да се планираат пред да се случи катастрофа.
Македонија може веднаш да почне со детално мапирање на поплавните, ерозивните и свлечишните ризици, чистење и одржување на критичните поројни корита, обновување на деградираните сливови и многу построга контрола на урбанизацијата во ризични зони.
Всушност, со мојот истражувачки тим веќе изработивме детални мапи, кои се потврдени и објавени и во релевантни меѓународни списанија. Парадоксално, интересот за овие карти и употребени техники често е поголем кај истражувачи и институции од странство отколку кај домашните институции.
Без оглед на сè поочигледните климатски ризици, сметам дека Македонија кадровски е многу слаба во областа на климатологијата и климатските промени, особено кога станува збор за професионалци, кои трајно и истражувачки се занимаваат со оваа проблематика.
На државата не ѝ се потребни само повремено ангажирани „експерти за климатски промени“, туку стабилни мултидисциплинарни тимови и професионална институционална меморија, бидејќи климатските ризици ќе бидат една од најважните развојни теми во следните децении.
За комплексни проблеми, пак, потребни се интегрирани мултидисциплинарни тимови, „најдоброто што го имаме во државата“ и користење најнови истражувачки резултати. Кога релевантни објавени истражувања и сознанија се занемаруваат, свесно или несвесно се намалува квалитетот на проектите и студиите од национално значење.

