Минатата недела го објавивме годишниот извештај за напредокот на Македонија во квалитетот на живот во 2025 година, во рамките на проектот converge2.eu. Во извештајот споредуваме 48 индикатори за квалитет на живот, поделени во 8 области, со истите тие индикатори во ЕУ.
Врз основа на тоа пресметуваме вкупен индекс на квалитет на живот, како и колку години ќе бидат потребни за да се достигне европското ниво.

Главниот наод е дека вкупниот квалитет на живот во Македонија, во 2025 година бил на 64 отсто од нивото во ЕУ. Тоа е трето место во регионот – зад Црна Гора и Србија, а пред Албанија, БиХ и Косово.
Она што многу повеќе загрижува е што Македонија е единствената земја во регионот, која бележи влошување во 2025 година, за 0,1 процентен поен. Од другите, Албанија стагнира, а сите други напредуваат – Црна Гора најмногу, за 1,1 процентен поен.
Ако се земат предвид моменталното ниво и напредокот од последните пет години, на Македонија ќе ѝ бидат потребни 52 години за да го достигне ЕУ нивото на квалитет на живот. Само БиХ стои полошо во овој поглед, со 59 години. На Црна Гора и на Албанија им се потребни 32, односно 35 години.
Како стојат осумте области во Македонија?

Двете области во кои Македонија стои најдобро се здравството и дигитализацијата. Во здравството, Македонија е на 80 проценти од ЕУ просекот, во дигитализацијата на 77 проценти. Добриот резултат кај дигитализацијата се должи на силниот ИТ сектор во државата.
Добриот резултат во здравството е главно поради ниската смртност на новороденчињата, каде што Македонија е подобра од просекот во ЕУ. Кај другите сегменти на здравството, сликата не е толку добра.
Двете најслаби области се инфраструктурата, која е на 43 проценти од ЕУ нивото, и животната средина, која е на 54 проценти. Во инфраструктурата практично и да нема индикатор каде што Македонија стои добро.
Кај животната средина, најголемиот проблем е високата загаденост на воздухот.
Економијата и социјалата се на околу 60 проценти од ЕУ нивото. Во економијата, сите индикатори се релативно слаби, со мал исклучок на платите поради растот во изминатите неколку години. Кај социјалата, состојбата е слична, со особено слаб резултат кај вложувањата во социјална заштита.
Образованието и управувањето се нешто подобри, на околу 70 проценти од ЕУ нивото. Релативно добриот резултат кај образованието е главно наследство од минатото, без особени подобрувања во последно време.
Кај управувањето, добриот резултат се должи на високата политичка стабилност – без никакви дилеми, ВМРО-ДПМНЕ суверено ќе владее уште некое време. Од друга страна, корупцијата и владеењето на правото се најслабите страни.
Зошто Македонија е единствената земја од регионот со влошување во 2025?

Три области бележат значајно влошување во 2025 година и тоа е причината за назадувањето на Македонија – здравството, дигитализацијата и образованието.
Здравството има најголемо назадување, главно поради зголемената смртност на новороденчињата (која сепак останува пониска отколку во ЕУ). Влошување има и кај бројот на болнички кревети и кај бројот на доктори.
Дигитализацијата, исто така, има големо назадување, пред сè поради намаленото користење на дигиталните јавни услуги.
Влошување има и кај додадената вредност во ИКТ секторот, што може да е знак дека вештачката интелигенција веќе влијае негативно врз овој сектор во Македонија. И покрај влошувањето, дигитализацијата останува една од подобрите области во државата.
Кај образованието, најголемо влошување има кај процентот на млади, кои ниту работат, ниту се во образование. Тоа укажува на најголемиот проблем на образовниот систем во државата – тоа што не дава знаење со кое може да се почне да се работи.
Влошување има и кај резултатите од тестовите на знаење.
Од друга страна, две области имаат подобрување во 2025 година – економијата и управувањето. Економијата се подобрува, пред сè, поради покачувањето на пензиите и платите, додека останатите индикатори главно стагнираат, особено продуктивноста.
Кај управувањето има подобрување кај речиси сите индикатори, освен кај ефективноста на владата.
Другите области генерално стагнираат, со одредени подобрувања или влошувања кај поединечни индикатори. Кај социјалата има подобрување кај вработеноста и невработеноста, но влошување кај родовиот јаз, кај социјалните трошоци и кај нееднаквоста.
Кај животната средина има подобрување кај енергетската ефикасност, но влошување кај загадувањето и рециклирањето, кои остануваат огромен проблем. Инфраструктурата останува најслабата страна. Единствено пристапот до вода е добар, додека канализацијата е на само 13 проценти од ЕУ нивото.
Што да се прави?

Во животната средина, приоритет е намалувањето на загадувањето | Фото: Роберт Атанасовски
Но, поентата на извештајот и на овој текст не е да констатираме дека работите не чинат. Тоа луѓето многу добро го знаат и без нас. Поентата е да кажеме што треба да се направи за работите да се подобрат.
Во економијата, главната препорака е дека растот на платите, кој го движи напредокот во оваа област во последните години, треба да продолжи, но мора да биде проследен со мерки за подобрување на продуктивноста, пред сè со индустриска политика. Тоа значи дека државата треба да избере сектори што ќе бидат носители на развојот во годините што следуваат и да ги поддржи тие сектори со конкретни мерки.
Главната препорака е дека растот на платите, кој го движи напредокот во оваа област во последните години, треба да продолжи, но мора да биде проследен со мерки за подобрување на продуктивноста
Во еден наш извештај од пред неколку години, ги издвоивме прехранбената, модната и автомобилската индустрија, ИТ секторот, туризмот и енергетиката како сектори што треба да се поддржуваат во Македонија и во регионот.
Во социјалата, главното е да се зголемат вложувањата во социјална заштита, кои во Македонија се само околу 2 проценти од БДП, споредено со 6 проценти во ЕУ. Тоа ќе ја намали сиромаштијата, а доколку е проследено и со прогресивно оданочување, ќе ја намали и нееднаквоста.
Дополнителен голем проблем е родовиот јаз, односно тоа што жените имаат пониска вработеност од мажите. За да се подобри тоа, потребно е да се зголеми достапноста на градинките и на центрите за грижа за стари лица, за жените да можат повеќе да работат. Потребни се и посебни, таргетирани мерки за поддршка на вработувањето на жените.
Во здравството треба да се адресираат двата најголеми проблеми – ниските вложувања во јавното здравство и високите трошоци што граѓаните ги покриваат од својот џеб. Јавните вложувања во здравство во Македонија се 4,3 отсто од БДП, а во ЕУ 6,3 отсто. Поради тоа, дури 40 проценти од здравствените трошоци во Македонија се плаќаат од џеб, повеќе од двојно отколку во ЕУ.
Ова, во голема мера, е поврзано со приватните болници, кои во Македонија гледаат само како да си ги зголемат профитите, а не како да им служат на луѓето. Затоа, покрај повисоките вложувања во јавното здравство, потребна е и построга регулација и контрола на приватните болници.
Во образованието треба да се адресира главниот проблем – тоа што образовниот систем не дава знаење со кое младите можат да работат. Потребно е да се модернизираат наставните содржини, да се подобри квалитетот на универзитетите, но и подобро планирање на уписните квоти. Тоа значи и координација со индустриската политика спомената погоре.
Но, не според неолибералната филозофија, според која образованието треба да му служи на пазарот на труд, туку според потребите на општеството.
Во инфраструктурата – потребно е сè. Само 12 проценти од населението во Македонија има пристап до безбедна канализација, споредено со 90 проценти во ЕУ
Во управувањето, фокусот треба да биде на двете најслаби страни – корупцијата и владеењето на правото. Тоа значи независно и ефикасно судство, вистински судски епилог за корупцијата на високо ниво и целосна транспарентност на јавните набавки.
Во животната средина, приоритет е намалувањето на загадувањето – преку намалување на користењето на јагленот, повеќе вложувања во обновлива енергија и енергетска ефикасност, и подобар јавен превоз. Потребно е и да се зголеми рециклирањето.
Во дигитализацијата, клучно е подобрување на дигитализацијата на јавната администрација, како сервис за граѓаните. Сите административни услуги треба да можат да се завршат онлајн, а постојните онлајн-услуги треба да станат поедноставни и полесни за користење.
Во инфраструктурата – потребно е сè. Само 12 проценти од населението во Македонија има пристап до безбедна канализација, споредено со 90 проценти во ЕУ. Вложувањата во енергетиката се на само 30 проценти од нивото во ЕУ. Потребни се и вложувања во железницата и патиштата. Притоа, не е доволно само да се планираат капитални инвестиции – тие треба и да се реализираат.
Наместо заклучок

Нереално е да се очекуваaт поместувања на планот на ЕУ-интеграциите | Фото: Роберт Атанасовски
ЕУ интеграциите на Македонија во моментов се ставени ад акта. Делумно поради ЕУ и Бугарија, но делумно и поради нашата влада, која не сака да си ја наруши удобната позиција со блокираните интеграции, која ѝ овозможува да ја обвинува ЕУ за сè. Нереално е да се очекува да има некакви големи поместувања на овој план во блиска иднина.
Но, Владата барем може да ја искористи истата удобна позиција за да почне да ги прави реформите што се потребни за луѓето во државата конечно да почнат да живеат поинаку. Со тоа можеби нема да влезе во ЕУ, но ќе направи луѓето во Македонија да почнат да имаат живот, кој наликува на оној што го имаат луѓето во ЕУ.
Авторот е економски експерт и истражувач на Виенскиот институт за меѓународни економски студии
