Стрмниот, пошумен дел на планината Водно, веднаш над полицијата наречен „Барутана“, каде што почнуваат планинарските патеки, наскоро може да добие хациенди. За да се случи тоа, треба да биде усвоен деталниот урбанистички план.
На ова му претходеше одлука на Советот на Општина Центар, кога во јули годинава, 13 општински советници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ гласаа „за“ нацрт-планот. Тоа ги вознемири жителите што живеат на ова подрачје.
На одлуката се спротивставија советниците на Шанса за Центар, Левица и ЗНАМ, со аргументи дека планот ќе ја уништи шумата и ќе го бетонира Водно, а како особено опасно го истакнаа градењето на ерозивно подрачје, кое ја загрозува безбедноста на околината.
Во општината се одржа јавна презентација на нацрт-планот, кој го изработи планерската куќа „Билд“ по барање на фирмата „Лутарико.“ На презентацијата присуствуваа и граѓани што живеат во тоа подрачје. Вчера заврши и рокот во кој заинтересираните граѓани можеа да поднесат забелешки за предложениот ДУП.
За аргументите против нови градби на Водно, разговаравме со Билјана Филиповска-Тодорчевска, советничка од Шанса за Центар во Општина Центар, една од оние што беше најгласна во критиките.
БИРН: Зошто советничката група Шанса за Центар смета дека треба да се повлече нацрт-деталниот урбанистички план за локалитетот Барутана на Водно, со кој се предвидува во делови од она што денес е шума, да има маркички за градба на згради?
Филиповска-Тодорчевскa: Од официјално доставениот материјал до советниците на Општината е очигледно дека новодонесениот нацрт-план е во сериозна колизија со важечкиот Генерален план. Предвидениот обем на градба во нацрт-планот петкратно ги надминува параметрите зададени со Генералниот план во однос на изградената површина за домување. Со Генералниот план се предвидени 6.500 квадратни метри бруто изградена површина, во моментов со процес на легализација во просторот егзистираат 16.117 квадрати метри, а планот предвидува 29.000 квадратни метри во градби. Од 9.500 квадратни метри предвидена зелена површина, во планот се останати само 268 квадратни метри заштитно зеленило.
Во самата проектна програма се наведува дека станува збор за специфичен терен со висинска разлика од 80 метри, што укажува на потребата од соодветен однос кон формите на градба. Во нацрт-планот не е сугерирана соодветна типологија на градба, туку напротив, предвидени се класични големи нови површини за градби. Покрај реконструкциите и надградбите на постојните објекти, предвидени се 15 нови градби класифицирани како индивидуално домување, со просечна површина секоја од 1.000 квадратни метри.
Новите градби се, всушност, станбени блокови со по четири станбени единици. Токму овие нови градби се лоцирани во постојното заштитно зеленило, во најстрмниот терен на локалитетот. Со потребните ископи за реализација на предвидените градби, сериозно се нарушува стабилноста на теренот, се уништува зеленилото и се нарушува стабилноста на теренот. Карикатурално е ограничувањето од еден подрум, кога косината на теренот открива три подземни нивоа. Каде ќе се темелат објектите? Во воздух?
Програмата укажува на специфичните природни чинители на локалитетот, постојно заштитно зеленило, отворени канали со каскади за регулација на Горноводњанскиот порој, како заштита од ерозивни процеси и упатува на изработка на студија за заштита од ерозија и специфично урбано-морфолошко обликување за поширока заштита на градот. Но, во нацрт-планот, ниту има студија за опасноста на предвидените градби врз постојните ерозивни процеси, ниту има мислење од Дирекцијата за заштита и спасување. Нивниот молк се толкува како позитивно мислење. Планот дури си дозволува да ги поставува урбанистичките парцели врз заштитниот појас на постојните регулирани канали за одводнување.
Понуденото сообраќајно решение за достап до новите градби е на ниво на шематски приказ без да се утврди огромниот пад на терен. И сегашните собирни улици го немаат потребниот профил, па достапноста е отежната за автомобили, а достапноста за противпожарни возила и Брза помош е сосема невозможна. Воведување ново сообраќајно оптоварување ќе го наруши квалитетот на животот на постојните жители и ќе го попречи рекреативното движење на скопјани по традиционалната патека кон Водно.
БИРН: Како го коментирате објаснувањето од Секторот за урбанизам во Општина Центар дека станува збор за приватни парцели, на кои се нацртани маркички уште во 2002 година и дека не можат никому да му го одземат правото на градба? Колкаво влијание има тоа што овој нацрт-план е со помали параметри за градба од претходниот што го укина Уставниот суд?
Филиповска-Тодорчевскa: Кога имате Одлука за укинување на претходниот урбанистички план од највисоката инстанца во државата, која го брани правниот поредок, од Уставниот суд, со која Планот повеќе нема правно дејствие, за какво стекнато право говориме. Ние сѐ уште не сме истражиле како е стекната приватната сопственост врз земјиштето и со тоа и аспирациите за градба.
БИРН: За нацрт-планот гласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, кои заедно имаат мнозинство. Дали очекувате истото да се случи и на следното гласање на планот и какви можности ви стојат на располагање доколку планот помине?
Филиповска-Тодорчевскa: Одредени советници од двете најголеми групи, со голема резерва гласаа за планот, оставајќи простор тој да се ревидира и да се преработи во насока на заштита на постојното зеленило, заштита на просторот од прекумерна градба, која ја загрозува сигурноста на граѓаните на долг рок.
Се надевам дека, сепак, со заедничка соработка ќе се дојде до поразумно решение, со кое ќе се заштити постојната шума и ќе се спроведат сите мерки за заштита и спасување на просторот. Свесни сме дека треба да се остават реални можности за ревитализација на постојните објекти и подобрување на квалитетот на животот на нивните жители во рамките на можностите на законската регулатива.
Ние сме решени во соработка со помалите советнички групи на ЗНАМ, Левица и ДОМ, со сите легални средства да го спречиме реализирањето на овој штетен план за жителите на Општина Центар. Покрај веќе организираното потпишување петиција од страна на граѓаните на Скопје за ревидирање на планот, има иницијатива од Левица за распишување референдум за граѓаните на Центар, која ќе ја поддржиме, а подготвени сме да ги анимираме сите надлежни институции, да ја сензибилизираме јавноста преку медиумите, а како крајна инстанца и Уставниот суд.

