Три со три

Савески: Без сексуално образование, младите ќе бидат поранливи

Разговор со Велимир Савески, претседател на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување, ХЕРА

Изјавата на министерката за образование и наука, Весна Јаневска, дека ќе ја повлече програмата за сеопфатно сексуално образование (ССО), изборен предмет во средните училишта низ земјава, предизвика низа реакции во јавноста.

Јаневска најави дека ќе се прави ревизија на програмата на барање на јавноста. Не прецизираше за кого станува збор, но овој потег го отвори прашањето што ќе значи ваквата одлука за можноста младите да добијат сексуално образование, како што е тоа во европските земји.

Со реакција излезе Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА, граѓанска организација, која уште од 2009 година се застапува за воведување на сексуалното образование во училиштата. Тие се првата организација што воведе посебна веб-страница за сеопфатно сексуално образование. Според нивните податоци, во македонското формално образование, само 13 отсто од учениците учеле за тоа што е кондом, а едвај 2 отсто за орална контрацепција.

Процесот на воведување на предметот сеопфатно сексуално образование кај нас датира од 2018 година, кога се формира работна група во Бирото за развој на образованието. Следува одлука на владата за пилотирање на сеопфатното сексуално образование како изборен предмет. Хера, заедно со Бирото за развој на образованието, ги обучиле и првите наставници, кои го пилотираат предметот во училиштата.

За тоа што ќе значи оваа одлука за сексуалната едукација на младите во земјава, разговаравме со претседателот на ХЕРА, докторот-специјалист Велимир Савески.

БИРН: Mинистерката за образование, Весна Јаневска изјави дека го повлекува изборниот предмет за сеопфатно сексуално образование во училиштата и најавува ревизија на програмата. Кои би биле директните последици од овој чекор?

Савески: Последиците од задоцнетото воведување на содржините што ги опфаќа сеопфатното сексуално образование веќе ги гледаме секојдневно – сексуално и родово базирано насилство меѓу младите, насилство на дигиталните платформи, непланирани малолетнички бремености и сериозни предизвици поврзани со менталното и сексуалното и репродуктивното здравје.

Доволно е да ги погледнеме полициските билтени за да видиме колку често децата и младите се изложени на различни форми на насилство, додека податокот дека 26 девојчиња под 15 години станале мајки во последните две години, дополнително покажува колку се потребни навремена превенција, информации и поддршка. Најновото истражување на УНИЦЕФ, INTERPOL и ECPAT International покажа дека дури 10 отсто од децата на возраст од 12 до 17 години во Македонија, односно речиси 12.000 деца биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија во период од само една година.

Без системско спроведување на сеопфатното сексуално образование, ризикуваме овие состојби дополнително да се продлабочуваат. ССО е важна превентивна алатка преку која младите стекнуваат знаења и практични вештини за здрави односи, согласност и лични граници, препознавање и превенција на насилството, безбедно однесување во дигиталниот простор и грижа за сопственото ментално, сексуално и репродуктивно здравје. Последиците не се некаде далеку, веќе ги живееме.

БИРН: Оваа најава за повлекување на предметот доаѓа во време кога, според податоците на Институтот за јавно здравје, во Македонија, во јули се регистрирани 11 нови случаи на ХИВ, од кои, најголемиот број се млади луѓе. Како повлекувањето на предметот ќе влијае врз сексуалната свесност и писменост на младите?

Савески: Оваа година, повеќе од 300 ученици самите избраа да посетуваат сексуално образование како изборен предмет во средните училишта, што јасно покажува дека младите имаат потреба и интерес да разговараат за темите што директно ги засегаат и да стекнуваат знаења и вештини во безбедна средина. Училиштето е најдоброто место овие знаења да бидат достапни за сите млади, во урбаните и во руралните средини, преку обучен наставен кадар и програма усогласена со меѓународните стандарди. Повлекувањето на ССО нема да ги тргне ризиците, социјалните мрежи, насилниците, раните бремености, ХИВ или злоупотребата. Ќе го тргне само знаењето, правејќи ги младите уште поранливи.

Податоците за пораст на ХИВ кај младите, сексуално преносливите инфекции и непланираните тинејџерски бремености, само ни укажуваат на потребата од навремени и точни информации и услуги во образовниот систем. Притоа, некои нелекувани сексуално преносливи инфекции, како кламидија и гонореја, можат да доведат до сериозни компликации, вклучително и неплодност, што ја прави превенцијата важна и за репродуктивното здравје на населението. Младите имаат потреба не само од информации како да го заштитат своето здравје, туку и од вештини како да поставуваат граници, да се справат со врсничкиот притисок и да донесуваат информирани одлуки. Затвораме очи пред податоци и научни потвредни факти.

БИРН: Министерката за образование изјави дека ревизијата на предметот се прави по барање на јавноста. Какво е вашето мислење за ваквиот пристап, колку јавноста е таа што треба да ја диктира образовната политика?

Савески: Стручната јавност одамна даде поддршка на содржините од сеопфатното сексуално образование. Во 2022 година, по пилотирањето на ССО како изборен предмет, дури 11 стручни здруженија на гинеколози, семејни лекари, психолози, психотерапевти, социјални работници, рехабилитатори, правници, вклучително и македонското лекарско друштво, побараа изучување на сеопфатното сексуално образование уште во основното училиште.

За потсетување, уште во 2011 година, земјата ја подготви првата Рамка за сеопфатно сексуално образование со учество на сите релевантни министерства и институции. Во изминатите 15 години, сите влади, во континуитет, усвоиле Национални стратегии за млади, сексуално и репродуктивно здравје, ХИВ и родова еднаквост, кои го предвидуваат воведувањето сеопфатно сексуално образование во основните училишта.

Во моментов не гледаме претставници на стручната јавност да бараат ревизија на програмата, напротив сите бараат решение за проблемите со менталното здравје, насилството и репродуктивното здравје кај младите, кои се обработуваат по предметот ССО. Единствениот организиран отпор, во моментов, доаѓа од маргинални радикални и екстремистички групи, кои ниту се релевантни чинители во образованието, ниту располагаат со соодветни знаења и експертиза за креирање и оценување образовни програми, а истите тие иницираа ревизија и повлекување на предмет? Едноставно многу лесно државата се откажа од здравјето и иднината на оние за кои најмногу се грижиме. Затоа, мора да се направи јасна разлика меѓу стручната јавност и институционалното легитимирање на групи, кои во изминатите години активно шират дезинформации, морална паника и говор на омраза, ги оспоруваат научните докази за вакцинацијата и ковид-19 и ја поткопуваат академската и професионалната експертиза.

Токму затоа, како лекар специјалист во Клинички центар сметам дека Министерството за образование и наука и владата ќе покажат интегритет и ќе продолжат да креираат политики што се исклучиво подготвени од стручната заедница и се во најдобар интерес на здравјето на младите и дека предметот сеопфатно сексуално образование ќе им биде достапен на сите ученици.

Образованието е базата. Научно потврдени факти и превенција, наместо последици со кои нема да може да се справиме.