По неколку години драматично намалување на водостојот, Преспанско Езеро годинава бележи пораст на нивото на водата. Но, дали тоа е знак дека езерото закрепнува или, пак, сведочиме само привремен пресврт?
Новата анализа на состојбата со двете eзера од преспанскиот басен, која е изработена врз основа на повеќе од 120 научни документи, извештаи, мониторинзи и други документи изработени од трите држави што ги делат езерата – Македонија, Грција и Албанија, укажува на долгорочни промени во водниот биланс, пресудното влијание на климатските промени, но, исто така, и на сериозен недостиг од континуирани и усогласени податоци.
За овие теми, разговараме со м-р Даниела Заец, биолог и координаторка на канцеларијата на Македонското еколошко друштво (МЕД) во Преспа.
БИРН: Кој е најсериозниот сигнал од анализата, правена во трите држави, и што најмногу Ве загрижува од податоците што ги собравте?
Заец: Најсериозниот сигнал од анализата е тоа што падот на нивото на Преспанско Езеро не е последица на неколку сушни години, туку долгорочен процес.
Во литературата најчесто се посочува намалувањето на врнежите како главна причина за негативниот воден биланс, надополнето со повисоки температури и поголемо испарување. Дополнителен притисок претставува користењето на водата за земјоделство, особено во сушните периоди. Но, не се намалува само нивото на езерото, туку постепено се намалува и неговата површина, а со тоа се менува и просторот што го зафаќа езерото. Помалку вода не значи само помало езеро. Со промената на водниот режим се менуваат и условите во екосистемот.
Не можеме да кажеме дека секој пад на водостојот е директна последица само на климатските промени, ниту, пак, дека точно знаеме колку вода се губи преку секој од процесите. Затоа, за мене, најголемата причина за загриженост не е самиот пад на водостојот, туку тоа што имаме долгорочен тренд на намалување на водната маса во систем што сè уште не го разбираме доволно добро за да можеме прецизно да предвидиме што следува.
Имаме прилично јасна слика за насоката на промените, но ни недостасуваат континуирани и усогласени податоци за да можеме да кажеме како ќе се менува водниот биланс во иднина. Токму затоа мислам дека најитно ни треба сериозен, долгорочен и заеднички прекуграничен мониторинг на Преспанско Езеро. Не само да мериме колкав е водостојот, туку да знаеме колку вода влегува, колку излегува, колку се користи и како сето тоа се менува со климатските услови.
Без тоа, секогаш ќе реагираме на последиците наместо навреме да разбереме што го движи проблемот.
БИРН: Како е можно да не се знаe колку вода влегува и излегува од езерото?
Заец: Тоа е една од најголемите слабости што ги покажува анализата. Проблемот не е дека воопшто немаме мерења или истражувања. Напротив, за Преспа се собираат податоци со децении. Проблемот е што тие податоци се собирани во различни периоди, од различни институции и за различни цели, а недостига континуиран и усогласен систем со кој би можеле да го разбереме целиот воден биланс на езерото.
Ризикот е јасен, ако не знаеме како и каде се движи водата, тешко можеме правилно да управуваме со неа. Ова е особено важно во услови на климатски промени. Кога водниот ресурс станува сè понепредвидлив, прецизниот воден биланс претставува основа за носење одлуки. Без него, тешко можеме да определиме колку вода е одржливо да се користи за земјоделство, кои делови од сливот се најчувствителни, како да се управува со сушните периоди и кои мерки навистина ќе имаат ефект врз езерото.
Затоа, еден од најважните заклучоци од оваа анализа е дека на Преспа не ѝ недостигаат само уште една или две студии, ѝ недостига континуиран систем на следење. Потребен е заеднички прекуграничен мониторинг на водостојот, врнежите, речните и подземните водотеци, со податоци што се споредливи меѓу трите држави. Само така ќе може да реагираме навремено на заканите. Она што е особено важно е дека последиците од намалувањето на водата не завршуваат со водостојот.
Се менуваат крајбрежните живеалишта и условите во водата, а се зголемува и ранливоста на екосистемот. Затоа, покрај водостојот, мора да следиме и што се случува со видовите и живеалиштата. Тоа е нешто на кое МЕД работи веќе со години. Истовремено, работиме и на конкретни мерки за зачувување и обновување на влажните живеалишта. Веќе неколку години активно управуваме со влажните ливади, а работиме и на обновување на крајбрежните евлови шуми (н.з. евла – дрво што расте на влажни и мочуришни почви).
Сепак, овие активности сами по себе не можат да го решат проблемот со намалувањето на водата. Тие се дел од пошироките напори Преспа да биде поотпорна на промените што веќе се случуваат.
БИРН: Ако ништо суштински не се промени во начинот на управување со водата и заштитата на езерото, како би изгледала Преспа за 10, 20 години отсега – дали сè уште зборуваме за сценарио што може да се спречи или треба веќе да се прилагодуваме на неизбежни промени? Годинава, на пример, има покачување на водостојот на езерото.
Заец: Покачувањето на водостојот секако е позитивна вест, но само по себе не значи дека Преспанско Езеро закрепнува.
Езерото природно реагира на годишните и сезонските варијации во врнежите, дотекувањето и испарувањето, па по неколку сушни години може да следи период на пораст. За да зборуваме за вистинско закрепнување, би требало да видиме дали овој пораст ќе се одржи во подолг временски период.
Ако продолжиме да управуваме со водата на истиот начин и не ги намалиме притисоците врз езерскиот систем, најверојатно ќе продолжиме да гледаме постепено намалување на водните ресурси и промени во екосистемот. Но, не мислам дека сме во ситуација во која можеме да кажеме дека иднината на Преспа е однапред одредена. Тоа е многу важна разлика.
Не можеме да ги спречиме климатските промени, но можеме да влијаеме врз тоа колку вода ќе трошиме, колку загадуваме и колку добро ќе управуваме со водните ресурси. На тој начин можеме да ја зголемиме отпорноста на езерото и да го намалиме притисокот врз него.
Затоа, не мислам дека прашањето е „дали треба да спречуваме или да се прилагодуваме.“ Потребни се и двете работи. Истовремено треба да работиме на намалување на притисоците што можеме да ги контролираме и на зголемување на отпорноста на екосистемот на промените што веќе се случуваат.

