Денеска се навршуваат 25 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, кој стави крај на вооружениот конфликт во 2001 година. Го потпишаа претседателот Борис Трајковски и лидерите на четирите најголеми партии, со посредништво на ЕУ и САД по преговори, кои во последната фаза, од крајот на јули до август, се одвиваа во вилата „Билјана“ во Охрид.
Си подадоа рака за уставни, законски и, пред сè, општествени промени за унапредување на правата и политичка застапеност на етничките заедници, кои две и пол децении се имплементираа со различна динамика и неретко преку бурни политички процеси.
По повод годишнината, БИРН разговараше со искусниот новинар и уредник на ТВ-магазинот и порталот „360 Степени“, Васко Попетревски.
Како млад репортер, директно од Охрид ги следел преговорите, а подоцна низ кариерата преку колумните, препознатливите интервјуа и анализите на емисијата што ја води, ги покриваше и темите наметнати од имплементацијата на договорот.
БИРН: Рамковниот договор, оваа годишнина ја дочекува повторно како „живо“ политичко прашање. ДУИ предупредува дека власта го напаѓа и се обидува да го анулира, и тоа го аргументира со реактивирање на иницијативите за уставност на Законот за употреба на јазиците, спротивставувањето правосудниот испит да се полага и на албански јазик, укинувањето на „балансерот“ и најавите за „мал Бадентер“ при гласањето на Законот за соодветна и правична застапеност. Сепак, злоупотребите на „балансерот“ беа утврдени уште додека ДУИ беше на власт, а Венецијанската комисија имаше сериозни забелешки за дел од законот за јазиците, особено за широката примена на двојазичноста во судските постапки. Дали овие случаи можат да се гледаат како делови од поширок и координиран потфат на преиспитување на Рамковниот договор, како што тврди ДУИ или, пак, станува збор за сосема одделни процеси од кои дел реално имаат и основа?
Попетревски: Одговорот сигурно не е црно-бел. Не гледам основа да тврдам дека постои координиран план за демонтажа на Рамковниот договор. Но, не мислам и дека треба да се игнорира кумулативниот ефект од отворањето повеќе вакви прашања во релативно кус период.
По 25 години не е само легитимно, туку е и потребно да се преиспитува како функционираат решенијата што произлегоа од Рамковниот договор. „Балансерот“ е типичен пример. Тој имаше легитимна цел – да обезбеди соодветна и правична застапеност на заедниците во јавните институции и во значаен дел го направи тоа. Но, произведе и апсурди, вклучувајќи и менување на декларираната етничка припадност заради вработување. И Законот за употреба на јазиците не може да биде изземен од правна опсервација, особено ако и Венецијанската комисија има забелешки.
Но, политиката не се случува во лабораторија, во изолиран систем.
Кога истовремено се отвораат прашања поврзани со јазикот, правичната застапеност, Бадентер…, власта мора да биде свесна дека кај дел од Албанците тоа може да креира впечаток дека се оди чекор назад од 2001 година. Затоа, ако се коригираат нефункционални решенија, мора да биде недвосмислено јасно дека не се доведуваат во прашање уставните темелни вредности и принципи.
Од друга страна, ни ДУИ нема ексклузивно право само таа да го толкува и брани Рамковниот договор. Партијата, која две децении беше речиси непрекинато на власт, има одговорност и за добрите и за лошите страни на неговото спроведување. Ако секоја критика на конкретно решение се прогласува за напад врз Рамковниот, тогаш Договорот од механизам за градење кохезија се претвора во средство за дневнополитичка мобилизација.
БИРН: Охридскиот мировен договор денес во општеството се доживува на различни, често спротивставени начини. За едни, тој е симбол на унапредување на правата, додека за други е горчливо потсетување на траумите и жртвите од конфликтот. Што можеше поинаку да се направи за договорот, кој во суштина е мировен, да не биде предмет на политички и општествени толкувања што создаваат нови поделби, кои се пренесуваат дури и врз генерациите што се родени по 2001?
Попетревски: Најголемиот пропуст, според мене, е тоа што паралелно со спроведувањето на Рамковниот договор, не се градеше и заедничко разбирање за него. Кај Албанците доминираше наративот дека правата добиени по 2001 година се резултат на вооружената борба. Кај значаен дел од Македонците, тоа само го зацврсти чувството дека колективни права и отстапки беа изнудени со оружје. Едниот наратив го храни другиот.
Рамковниот договор не треба да биде ниту победа на Албанците, ниту пораз на Македонците. Тој беше компромис со кој беше запрен конфликтот и беа унапредени правата на заедниците, пред сè на албанската, при што беа зачувани унитарниот карактер и територијалниот интегритет на државата. Не помалку важно е и тоа што уставноправниот ремонт не го закочи, не го направи нефункционален системот, како што се случи со некои други мировни договори во регионот.
Но, во изминатите 25 години, фокусот беше на нормативните аспекти, а многу малку на помирувањето. Не само што не изградивме, туку не се ни потрудивме како општество да градиме заедничка нарација за 2001 година, во која ќе има место и за неправдите и фрустрациите што постоеја пред конфликтот, и за жртвите и траумите што ги предизвика оружјето.
Политичките елити често, па и денес, имаа корист од одржување две паралелни вистини. Ако млади Македонци и Албанци, родени по 2001 година, наследуваат непријателства од конфликт што не го паметат, според мене, тоа повеќе зборува за она што не сме го направиле како општество во изминатите 25 години отколку за самиот Рамковен договор.
БИРН: Како новинар, Вие бевте професионално активен за време на конфликтот во 2001 година. Што е она што јавноста тогаш не можеше целосно да го види или разбере за конфликтот, а денес, по 25 години, сметате дека можеме подобро да го разбереме?
Попетревски: Во 2001 година, со 25 години, бев млад репортер во една од националните телевизии. Една од најтешките работи беше, како во атмосфера на оружје, жртви, страв и националистички страсти, да се задржи професионална дистанца. Во еден текст пред пет години напишав дека во редакцијата во која работев, тие што успеваа да бидат прво новинари, а потоа Македонци и христијани, беа малцинство. Тоа не го кажав како критика за колегите, туку како слика на времето. Во конфликт, многу лесно се бришат нијансите – или си „наш“ или си „нивни.“
Денес, со дистанца од 25 години, мислам дека токму нијансите ги гледаме подобро. Постоеше реално незадоволство кај Албанците од нивната положба во државата. Да се признае тоа, не значи да се оправда земањето оружје. И обратно, да се осуди употребата на оружје, не значи да се тврди дека проблемите пред 2001 година биле измислени. Можеби најважното што денес го знаеме е дека воено решение не беше можно. Па, и поради ставот на САД и ЕУ дека границите не може да се прекројуваат, иако имаше и такви идеи.
Се сеќавам на „сухоите“ што летаа ниско над охридските плажи во летото 2001 година. Тие требаше да демонстрираат дека државата има контрола над целата територија. Како што напишав подоцна – можеби така беше од небо, но не и на земја. Истовремено, додека во Охрид се приближуваше политичкиот договор, на терен растеше нервозата и гинеа луѓе.
На 8 август се случи Карпалак, а истиот ден во Охрид беше парафиран Рамковниот договор. Јас требаше да јавам за историски политички договор, а, нормално, прва вест беа загинатите кај Карпалак. Тоа можеби најдобро ја опишува 2001 година и околностите во кои се стигна до Договорот.
Дваесет и пет години подоцна, мислам оти можеме да кажеме дека Рамковниот ја исполни својата прва и најважна задача – ги запре конфликтот и крвопролевањето и политичкиот процес го врати во институциите. Но, денес, критериумот мора да биде повисок од тоа дали повторно сме пукале едни на други. Според мене, успех ќе биде кога државата нема да ја доживуваме како нешто што Македонците и Албанците треба да го делат, туку како нешто што заеднички ни припаѓа на сите.

