Пратениците завчера изгласаа уште еден ребаланс на буџетот. Со изменетиот буџет, државата очекува да собере повеќе од првично планираното, но и да потроши повеќе од првичниот план. Разликата меѓу приходите и расходите, односно буџетската дупка е 46,3 милијарди денари или околу 750 милиони евра.
Како и за секој досегашен ребаланс на буџет, власта и опозицијата беа на спротивните страни.
Власта го правдаше „прекројувањето“ на државната каса претежно со капиталните инвестиции во инфраструктурата и променетите економски околности. Опозицијата обвинуваше дека државата влегува во опасна зона со задолжувањата и дека граѓаните се соочуваат со раст на цените и пад на животниот стандард.
Неколку дена пред да се гласа ребалансот на буџетот, државата позајми пари од акционерски друштва со државна сопственост, што го отвори прашањето колку таа може да ги сервисира обврските. Во меѓувреме има најави и за нови задолжувања.
За тоа што значат бројките во ревидираниот буџет, разговаравме со Виктор Митевски, извршен директор на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, кое, меѓу другото, се залага за поддршка на економскиот развој преку иновативни решенија.
БИРН: Со ребалансот на буџетот, јавниот долг го надминува препорачаниот праг од 60 проценти. Што покажува генерално оваа тендеција за состојбата со буџетот?
Митевски: Надминувањето на прагот од 60 проценти, само по себе, не значи дека државата веднаш влегува во должничка криза, но претставува сериозен предупредувачки сигнал, особено за мала и отворена економија како македонската. Поважно од самата бројка е насоката во која се движиме. Со ребалансот, дефицитот се зголемува од 3,5 отсто на 4,1 отсто од БДП, а јавниот долг се проектира на 61,5 отсто од БДП. Тоа значи дека фискалната консолидација повторно се одложува и во година, во која, сепак, се очекува економски раст.
Тоа ја потврдува тезата дека голем дел од расходите, пред сè платите, пензиите и другите трансфери, се однапред зададени и политички и законски тешко се коригираат. Кога ќе се појави дополнителен притисок, изборот е или да се кратат капиталните и другите флексибилни расходи, или да се зголеми дефицитот. Со овој ребаланс, владата главно го избра второто. Тоа не е доказ дека буџетот утре нема да може да ги сервисира обврските, туку дека тие сè повеќе се префрлаат врз идните буџети, со повисоки камати и помал простор за реакција при следна криза.
БИРН: Јавноста има впечаток дека државата нема пари, а таа перцепција ја „хранат“ примерите за постојаното позајмување пари од комерцијалните банки или од акционерски друштва со државен капитал, како што беше неодамнешниот заем од М-НАВ, МЕПСО и Лотарија. Какво е вашето толкување за овие состојби, кои стануваат хронична слика за македонската економија?
Митевски: Не би ја формулирал состојбата само како „државата нема пари.“ Државата континуирано собира приходи, но има проблем кога преземените обврски и доспеаните плаќања се поголеми од расположливата ликвидност во конкретен момент. Краткорочното позајмување може да биде нормален инструмент за управување со готовината, но кога се повторува, се прави ад хок и се користат средства од државни компании за отплата на веќе доспеан кредит, тогаш тоа укажува на слабости во планирањето на ликвидноста и календарот за сервисирање на долгот. Особено имајќи предвид дека и самите претпријатија не се во најдоба финансиска позиција.
Во случајов, само од М-НАВ се позајмени 7 милиони евра без камата, а потврдено е дека се користат и средства од МЕПСО и од Државна лотарија за отплата на кредит кон кинеска банка. Со тоа не се создаваат нови средства за јавниот сектор, туку ликвидноста само се префрла од едни јавни субјекти кон други. Тоа отвора прашања за транспарентноста, условите на позајмиците, изворот од кој ќе бидат вратени и влијанието врз инвестициските планови на компаниите. Токму фактот што се позајмува за отплата на стар долг, а не за нова инвестиција, ја поттикнува јавната перцепција дека буџетот е под ликвидносен притисок. Една ваква операција покажува дека системот сè повеќе зависи од краткорочни премостувања и од рефинансирање наместо од предвидливо и долгорочно управување со јавните финансии.
БИРН: И овој ребаланс се оправдува со вложување во капитални инвестиции. Дали е тоа навистина за капитални инвестиции или начин за да се обезбедат пари за плати и пензии и да се сервисираат стари долгови. Како Вие го читате ребалансот на буџетот?
Митевски: Точно е дека во ребалансот има дополнителни средства за капитални инвестиции, но истовремено не е точно дека ребалансот е исклучиво развоен. Вкупните расходи растат за 11,6 милијарди денари, што значи дека речиси половина од вкупното зголемување е капитално, а другата половина оди за тековни и трансферни расходи. Платите растат за околу 1,1 милијарда денари, субвенциите и трансферите за 3,1 милијарди, а социјалните трансфери за уште 2,2 милијарди денари. Истовремено, даночните приходи се ревидираат надолу, за околу 911 милиони денари.
Затоа јас го читам ребалансот како мешавина од три компоненти: зголемување на капиталните расходи, обезбедување средства за веќе преземени тековни и социјални обврски и зголемување на дефицитот за финансирање на целокупниот пакет. Отплатата на главницата на старите долгови технички се евидентира во финансирањето, а не како редовен буџетски расход, но повисокиот дефицит и задолжувањето, практично го зголемуваат вкупниот износ што државата треба да го обезбеди и за новите расходи и за доспеаните обврски.
Дополнително, капитален расход запишан во буџетот не е исто што и реализирана инвестиција. Клучно е дали станува збор за зрели проекти со завршена документација, јавни набавки и реални рокови или само за повисоки апропријации на хартија. Во спротивно, ќе останат и долгот и каматите, но не и инфраструктурата и економскиот ефект со кои задолжувањето се оправдува.

