Три со три

Петковска: Со судство во колапс цената ја плаќаат граѓаните

Интервју со Ивана Петковска, програмска координаторка во Коалицијата „Сите за правично судење“

Минатата недела, Европската комисија го објави Извештајот за владеењето на правото за Македонија. Во него, како и во сите вакви претходни извештаи, се провлекуваат критички констатации дека со изјавите на власта за судските предмети се поткопува довербата на правосудството, која и онака е на ниво на статистичка грешка.

Извештајот е особено критичен во делот на парите што државата ги издвојува за таа намена. Тие и во случајот со судството и со обвинителството се под законскиот минимум.

Еден дел од документот е посветен и на измените на последиците од измените на Кривичниот законик. Комисијата оценува дека дополнителните измени што ги направи владејачкото мнозинство како привремено решение не се доволни.

За најновиот извештај на Европската комисија разговаравме со Ивана Петковска, програмска координаторка во Коалицијата „Сите за правично судење“, граѓанска организација, која повеќе од 20 години ги мониторира судските рочишта, но и работата на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители.

БИРН: Европската комисија предупредува дека извршната власт треба доследно да ја почитува независноста на судството и да се воздржи од политички притисоци и од јавни коментари за судските постапки. Колку кај нас се почитува оваа граница?

Петковска: За жал, не е првпат да има констатации во меѓународните извештаи дека судската власт се соочува со политички притисоци од страна на извршната или законодавната власт во државата.

Сведоци сме дека судската власт е постојано изложена на јавни коментари и изјави од страна на политичарите, па дури и кога политичките партии се препираат меѓу себе. Очигледно е дека опстојува предизвикот за конструктивна критика кон работата на судството. Но, и самото судство треба похрабро да ја брани својата независност.

Кога постојат несоодветни јавни притисоци или коментари, судската власт не смее да молчи. Дневнополитичките изјави и јавни коментари од страна на политичарите за судската власт, исто така, придонесуваат за недовербата во судството.

БИРН: Во извештајот се наведува дека судството работи со сериозен недостиг од кадар и со недоволно финансирање, а на повидок нема ниту нова генерација судии и обвинители. Какви последици остава оваа состојба врз ефикасноста и квалитетот на правосудниот систем?

Петковска: Судскиот систем веќе одреден период е во колапс и прашање на време е кога ќе го достигне степенот на целосна нефункционалност. Одговорноста за неефикасното судството не смее да се префрла исклучиво врз судиите и обвинителите, поконкретно, државата има обврска да обезбеди услови тие да можат професионално и ефикасно да ја вршат својата работа.

Доколку нема вистинска политичка волја, сите заложби за реформи и имплементација на европски стандарди остануваат само декларативни изјави. Последиците од ваквата состојба се забележуваат во тоа што судските постапки траат подолго, предметите во судовите се трупаат, а притисокот врз постојниот кадар што работи во судството се зголемува.

На крајот, најголемата штета ја имаат граѓаните бидејќи судските постапки траат толку долго, што предизвикуваат високи судски трошоци, но и бавна правда. Мора да напоменеме дека судскиот буџет не е добра волја на извршната власт, туку  законска обврска.

БИРН: Беше донесен нов Закон за Судскиот совет и усвоени други закони од правосудството, но Европската комисија повторно посочува дека се потребни дополнителни реформи. Кои се најважните промени што треба да се направат за да се врати довербата на граѓаните во судството?

Петковска: Донесувањето нови закони, само по себе, не е гаранција за подобро правосудство. Нашата држава, во изминатите години усвои повеќе законски измени, вклучително и нов Закон за Судскиот совет, но Европската комисија и понатаму укажува на истите слабости.

Тоа покажува дека проблемот одамна не е во законите, туку во нивната примена. Ниту еден закон, колку и да е добро напишан, не може да даде резултати ако институциите не покажат волја и интегритет за да го имплементираат.

Граѓаните нема да ја вратат довербата во судството затоа што е донесен уште еден закон. Довербата ќе се врати кога ќе видиме дека законите важат подеднакво за сите, дека има вистинска одговорност за пропустите и дека носителите на правосудните функции се избираат и се оценуваат според квалитетот и интегритетот.