Три со три

Георгиев: Индивидуалци без интегритет го расипуваат системот

Интервју со Гордан Георгиев, претседател на Форум за разумни политики

Форумот за разумни политики годинава го стави во фокус интегритетот на оние што имаат моќ да одлучуваат за прашањата што ги засегаат граѓаните или, пак, на оние што се дел од државниот апарат.

Форумот досега изработи два полугодишни извештаи по методологија за интегритет, која се користела во институти во поразвиени држави, како Франција, Шведска и Холандија, но адаптирана за нашиот контекст.

Целта на извештаите не е само да се критикуваат политичарите, туку кога ќе се утврди одредено однесување, да се контактираат луѓето на функции, да им се укаже каде е грешката и да се дадат препораки.

Гордан Георгиев, претседател на Форумот за разумни политики, објаснува дека, всушност, правилата на игра се поставуваат во самите етички кодекси на организациите и институциите каде што работат овие луѓе.

Во извештаите се издвојуваат и позитивни примери за интегритет, како обвинителката Ленче Ристоска, која даде оставка од нејзината функција поради неможност за дејствување согласно професионалните принципи, што од Форумот го гледаат како пример за интегритет, кој се потврдува преку носење конкретни одлуки што имаат лична и професионална цена.

БИРН разговараше со Георгиев за важноста на категоријата интегритет, ефектите од немањето интегритет врз системот, но и за неодамнешниот контроверзен избор за нов член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, процес што ние одблиску го следевме и анализиравме.

БИРН: Интегритетот како категорија е тешко мерлива. Зошто се нафативте да мерите нешто толку апстрактно и тешко мерливо?

Георгиев: Интегритетот како категорија можеби се чини апстрактна, но во суштина е многу конкретна. Немањето интегритет не подразбира само корупција, туку е врзано, пред сè, со етиката.

Како се однесувате кога сте на јавна функција и какви вредности внесувате таму? Ако сте на некоја позиција, која е важна и одговорна, како се однесувате кон надредените и кон подредените? Како реагирате на кризите што се случуваат во вашата институција вие, лично?

Интегритетот е секогаш лична категорија. Не може да се зборува за интегритет колективно. Бидејќи системот знаеме дека е составен од индивидуи, кои се мали шрафчиња што го прават системот. Не е системот крив, виновни се луѓето што го прават системот.

Сизифовски тешко е да лоцираме одредени ситуации од илјадниците што ги имаме секојдневно во нашата држава, каде што ќе можеме буквално да укажеме дека поради ова и ова, тој и тој има проблем со интегритетот и поради тоа треба да се адресира тоа прашање.

Дали тоа прашање треба да се адресира со оставка, со јавно извинување, со јавен завет дека тие работи ќе се поправат во рок од толку и толку време? Целта е подоцна тој функционер да даде отчет кон јавноста дека ги поправиле работите.

Во нашите извештаи се обидуваме свесно да балансираме помеѓу примери на интегритет и неинтегритет, кои се секако побројни. Се обидуваме преку медиумска анализа да најдеме, не само „големи“ примери, туку и помали, кои се индикатор за некакво однесување без интегритет.

Целта е тие да имаат едукативна улога и да бидат пример за другите како не треба да се однесуваат.

БИРН: Како недостигот од интегритет на индивидуалци, без разлика дали тие се на важни позиции или се само државни службеници, се одразува врз системот и врз довербата на граѓаните во демократските процеси?

Георгиев: Се одразува катастрофално бидејќи граѓаните добиваат чувство дека сè е исто и дека ништо не може да биде променето. Практично постои чувство на беспомошност да се справат со системот, кој, повторувам, е составен од индивидуи со свое лично поведение.

Не постои интегритет ако некој рече „јас ќе дадам оставкa, aма ќе чекам да видам дали премиерот ќе ја потврди.“

Оставката е морален, длабоко интимен, етички чин. Ја давате оставката и толку, завршува приказната. Ако вие сте дале оставка за една работа, потоа ако друг на слична функција направил иста работа, се очекува и тој да даде оставка. Така се гради, да речеме едно интегритетно општество.

Да ја земеме за пример Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), каде што увидуваме драматична ерозија на интегритетот. Таа институција требаше да биде столб на интегритетот во оваа држава. Требаше да биде изземена од политичките дневни процеси и да биде еден од моралните чувари на ова општество.

Заедно со онаа спрега наречена вицепремиер за добро владеење, тие две тела требаше да бидат главните алки, кои еманираат некаков интегритет и се добри примери во општеството.

Со оставката на Арбен Фетаи како вицепремиер за добро владеење (н.з. министерот што со месеци не доаѓаше на работа) и со ситуацијата во ДКСК, ние гледаме дека практично тие што беа замислени како две големи демократски спреги, всушност во оваа држава не функционираат.

БИРН: Процесот за избор на нов член за Комисијата за спречување и заштита од дискриминација се повтори дури трипати годинава и на крај Собранието го избра новинарот Исмаил Синани, кој јавно има изразено дискриминаторски ставови и за кој е дискутабилно дали ги исполнува законските услови за станување член на оваа комисија. Дали во оваа ситуација гледате недостиг од интегритет и ако е така, каде го лоцирате?

Георгиев: Несомнено се работи за пример на неинтегритет. Кога Синани би имал интегритет или етичка постура, тој не би се ни пријавил за таква позиција.

Но, кога јавноста ќе укаже дека има проблем со неговото минато поведение, кое е несоодветно за неговата идна функција, особено кога е во прашање нешто толку деликатно како дискриминација, тогаш се поставува прашањето кој одбира таков кандидат и зошто.

Односно, тука доаѓаме до темата интегритет на пратениците. По која основа е избиран, по кои критериуми, и зашто никој од тие пратеници, имајќи предвид што слушнал од извештаите во јавноста од разни медиумски куќи, не се прашале зошто го избираме.

Зошто не прашал тој или таа пратеничка кај шефот на пратеничката група или на партијата и зошто не предложиле да стават некој друг човек? Наместо тоа, имаме молк во однос на авторитетите во државава, генерално.

Луѓето без интегритет се како расипани јаболка: кога имате едно такво во кошницата и другите ќе се расипат. Токму затоа темата со интегритет е важна бидејќи е корозивна и многу бргу метастазира.

Односно, луѓето многу лесно се учат на лошите примери, а многу тешко на добрите.