Три со три

Живковиќ: Време е за солидарност со ЛГБТ заедницата

Интервју со Клелија Живковиќ, трансдисциплинарна уметница

Утре, ЛГБТ-заедницата и нејзините поддржувачи ќе излезат на Парадата на гордоста, односно на „Скопје прајд.“

Организаторите велат дека со ваквиот протест се спротивставуваат на системското бришење и истиснување на ЛГБТ животите од колективната историја, меморија, култура и јавен простор. Иако „Скопје прајд“ ќе се одржи дури по седми пат оваа година, правата на оваа заедница со години тапкаат во место.

Истополовите двојки немаат право на брак или граѓански партнерства. Без ваквото правно признавање, нивните заеднички животи продолжуваат да се комплицираат кога се во прашање наследувањето имот, посети во болници и старателство на деца. Трансродовите луѓе, односно оние што имаат различен родов идентитет од полот одреден при раѓањето, сè уште немаат процедура за да ја сменат ознаката за пол во своите лични документи, што им создава проблеми за пристап до работа, банка и други услуги.

Пред парадата овој месец, како и со години наназад се одржа четиринаесеттото издание на фестивалот за квир култура и уметност „Скопје прајд викенд.“ Годинава имаше предавање на познатиот американски квир академик Џек Халберстам, танц, поезија, визуелна и перформативна уметност. Темата што ги обединуваше овие настани беше со фокус на различноста и беше насловена како „Анархични тела: согласност да не се биде едно.“

Дел од групната изложба со која се отвори овој фестивал беше и трансдисциплинарната уметница Клелија Живковиќ. Нејзините инсталации со влачена волна, во кои користи техники на влажно и суво филцување и везење, обработуваат теми околу посакувањето, еротичноста и замислувањето нови светови.

Со неа разговаравме за важноста на парадата, за улогата на квир уметноста во политичката борба на ЛГБТ заедницата и за нејзините дела.

Фотографија на која се гледаат делата на Клелија Живковиќ направени со влачена волна

Делата на Живковиќ беа дел од изложбата „Анархични тела: Согласност да не се биде едно“ | Фото: БИРН/Е.Петреска

БИРН: Лани, слоганот на прајдот беше „ Ќе (оп)стоиме заедно“, а оваа година ќе се маршира под слоганот „Сите нека знаат.“ Како поддржувач на ЛГБТ правата, како го разбирате тој слоган и зошто сметате дека треба да се излезе на „Скопје прајд?“

Живковиќ: Како и секоја година, сметам дека организаторите на парадата успеваат многу успешно да смислат слоган, кој, не само што ќе ја претстави борбата за човековите права на ЛГБТ заедницата во нашата земја, туку и ќе ја стави во контекст на пошироката малцинска борба во светот. Мое лично читање е дека „Сите нека знаат“, исто така, се однесува и на овој политички систем, кој практично го прави тоа бришење и загрозување на човековите права на ЛГБТ луѓето.

Многу често го нарекуваме овој систем десничарски или конзервативен, а сметам дека попрецизно би било да го наречеме фашистички. Тоа е истиот фашистички поредок, кој ги напаѓа системите за социјална грижа и работничките права, истовремено продуцира и екоциди, фемициди и геноциди. Еден од начините да се бориме против фашизмот е да излеземе на Парадата на гордоста и да ја поддржиме борбата на ЛГБТ заедницата, бидејќи парадата е протест против истиот фашистички систем, кој нè засега сите.

А на сите оние на кои парадата им пречи, бидејќи е гласна, шарена и пркоси, би им порачала да ја издржат непријатноста што ја чувствуваат во име на борбата за правото на живот и слобода на своите сограѓани, особено нашите трансродови сограѓанки и сограѓани, кои се на најголем удар во последниве години.

Ова не е време да се критикуваме едни со други за како да се бориме против системите што нè угнетуваат. Ова е време за солидарност и за здружување.

БИРН: Според вас, каква улога има квир уметноста и културата во однос на политичките цели за еднаквост, инклузија и човекови права на ЛГБТ заедницата?

Живковиќ: Една од најмоќните пораки што можеме да ги понесеме од кураторскиот концепт на годинешниот викенд на гордоста е токму согласноста да не се биде едно. Додека фашистичкиот поредок инсистира на фиксни, на строги категории што се јасно дефинирани од кои нема отстапување, квир уметноста инсистира на фрагилни, флуидни, комплексни множини и слоевити категории, и дури на комплетно бришење на категориите како концепт.

Затоа, сметам дека уметноста може да биде една од најважните точки на отпор преку кои можеме да ги пружиме кон фашистичкиот поредок.

Можеби најуспешната тактика на фашизмот е да нè убеди дека ова е единствениот начин да се биде и дека ова е единствениот возможен свет. Од друга страна, уметноста, особено квир уметноста, нè кани да замислиме нов возможен свет, ни посочува некои процепи во реалноста и во сегашноста, кои имаат ослободувачки својства. Исто така, уметноста многучесто ги користи убавината и бруталноста како начин да нè придвижи и да ни овозможи да почувствуваме нешто што ќе биде ослободувачко за сите нас.

БИРН: Оваа година, ваши дела беа дел од групната изложба со која се отвори квир фестивалот „Скопје прајд викенд.“ Како се вклопија вашите дела во темата на фестивалот и која ви беше целта со нив?

Живковиќ: Она што за мене се изнедри од кураторскиот концепт на Славчо Димитров за изложбата „Анархични тела“ беше доживувањето на слаткоста и еротичноста на посакувањето како дивина. Но, таа дивина не ја гледам како предел недопрен од човеково влијание, туку како културолошки изум врз кој го проектираме целото наше посакување, кое општествениот поредок ни го забранува, казнува или го отфрла.

Во мојата интерпретација, анархичното тело е тело што ги отфрла сите изворни приказни, односно сите приказни за почетоци и сите однапред дадени патокази. Наместо тоа, тоа тело се препушта на слаткоста како непродуктивен начин на постоење, кој не нè носи никаде, освен подлабоко во задоволството. Многумина од нас сме единствено целосно слободни само во сопственото посакување, а некогаш дури ни таму. Предложив да го гледаме посакувањето како непозната територија, во која кога се наоѓаме, можеме да насетиме некаков нов возможен свет.

За изработка на делото користев влачена волна. Освен што многу сакам да работам со овој материјал, причината зошто ја избрав оваа техника е поради тоа што се поврзува со културното наследство и традицијата на нашите простори. А луѓето што живеат во анархични тела, секогаш не можат себеси да се огледаат во тоа што културното наследство го поима и тоа што се смета за традиција. Практично, тој аспект на медиумот сакав да го присвојам и да го претворам во нешто во кое јас, и се надевам и другите, можат да се видат себеси.