Интервјуа

Мирчевска: Предлог-законот не гарантира транспарентен избор на директори

Интервју со Марија Мирчевска, раководителка на Центарот за добро управување при Институтот за демократија

Седум години по првата драфт-верзија и по низа пробиени рокови, регулативата за департизација и професионализација на раководните позиции во стотина државни институции, односно Законот за висока раководна служба, конечно е во Собранието, пред усвојување.

Законот ги пропишува постапките за избор на директори во органите што се дел од министерствата, како УЈП или Царината, и во самостојните органи, како што се Заводот за статистика или Катастарот. Тој ги регулира и правилата за избор на државните секретари во министерствата и на раководителите во фондовите за здравствено осигурување, пензиско и инвалидско осигурување и за осигурување на депозитите.

Оваа регулатива имплицитно е дел од реформите поврзани со ЕУ, зашто, од една страна, Европската комисија не инсистира конкретно на нејзино имплементирање, меѓутоа, од друга страна, бара мнозинството постапки што се однесуваат на овој тип позиции да бидат спроведени во конкурентска постапка меѓу најмалку тројца кандидати.

Накратко, со новиот закон, целиот процес се сведува на посебна комисија, која, според усогласени критериуми, ги избира тројцата најдобри кандидати и ги предлага до органот што ги именува, а тоа најчесто е владата. Досега овие раководни места се избираа според различни закони и обично беа дел од коалицискиот колач што победничките партии го делеа по изборите.

Ако се усвои оваа верзија од законот, новите правила ќе важат од октомври, меѓутоа актуелните директори ќе продолжат да ја извршуваат функцијата до крајот на мандатот. Надвор од опсегот на законот, сепак, ќе останат раководните позиции во регулаторните тела, јавните претпријатија и установи и општинските институции, позиции што се некаде десетпати побројни од оние што се регулираат со него.

За квалитетот на последното законско решение, кое денеска е на дневен ред во Собранието, БИРН разговараше со Марија Мирчевска, раководителка на Центарот за добро управување при Институтот за демократија „Социетас цивилис.“ Таа го следеше целиот развој на законското решение и со низа забелешки учествуваше во јавните расправи.

БИРН: Како ја оценувате конечната верзија на законот? Дали ги задржа клучните механизми за професионализација и департизација или содржи решенија што ја ослабнуваат неговата основна идеја?

Мирчевска: Има неколку промени во текстот на законот, зборувам за верзијата што сега е предложена во Собранието, во споредба со предлог-законот што беше предмет на јавна расправа пред неколку месеци.

Една од клучните наши критики се однесуваше на решението што предвидуваше мандатот на овие позиции да трае четири години, што кореспондира со очекуваниот мандат на една влада, додека за државните секретари, мандатот експлицитно беше врзан со оној на владата.

Ова решение не ги редефинираше односите на моќ.

Еден од начините да гарантирате независност е да не го врзувате мандатот на директорите со оној на политичкиот субјект што треба да ги избере. Поентата е тие раководители да имаат подолг мандат. Така се добиваат институционална меморија и континуитет зашто не се менуваат стручните кадри како што се менуваат владите.

Позитивно е што новиот предлог-закон, оној што е влезен во Собранието, ги напушта концептите на мандат од четири години и на врзување на државните секретари со мандатот на владата, така што за сите позиции предвидува мандат од пет години.

За мене ова е позитивно, иако јас би сакала да имаат и подолг мандат, за да можат понезависно да постапуваат. Во некои држави, ваквите мандати траат по шест, седум, па дури и по осум години.

Сепак, не е доволно само да го продолжите мандатот, важен е и начинот на кој се прави изборот меѓу кандидатите.

Првичните варијанти на законот од пред пет-шест години предвидуваа независно тело основано од Собранието што би го фасилитирало процесот, од објавување огласи, разгледување кандидатури и рангирање, па сѐ до предлагање на најдобрите кандидати до владата, зашто најчесто таа е органот што одлучува за овие позиции. Таа идеја се напушти.

Потоа следуваше идеја ваквото тело да биде во рамките на владата, меѓутоа да содржи стручни кадри и членови на предлог на синдикатите, академската заедница и коморите. Со ова решение сѐ уште имаше некаков надворешен надзор над процесот и удел во одлучувањето. Меѓутоа, и таа идеја се напушти.

Верзијата на законот, која пред неколку месеци ја критикував, се повикуваше на Законот за владата, според кој, комисиите што ќе ги избираат најдобрите кандидати, во суштина требаше да бидат составени, горе-долу, од министри.

Значи, од првичната идеја за комплетно независно тело, преку владино тело со влијание однадвор, стигнавме до решение практично министрите да го раководат целиот процес.

За нас тоа беше проблематично.

Сега, во последната верзија од законот, се предвидува комисијата да има претставници од кабинетот на премиерот и од Генералниот секретаријат на Владата, кои доаѓаат од стручните служби, а дополнително има уште една категорија, која, за мене, искрено не е баш јасна на кого се однесува – стручни лица од областа на човечките ресурси.

Ова решение е нешто подобро, меѓутоа, споредено со првичната идеја за независно тело, секако претставува назадување.

БИРН: Колку е транспарентен изборот на раководителите според законот и како го коментирате неговиот опфат?

Мирчевска: За жал, некои решенија во последната верзија на законот претставуваат назадување во делот на транспарентноста.

Претходно имаше обврска да се објавуваат извештајот за спроведената постапка, мислењето на комисијата за селекцијата и записниците од интервјуата. Сега, во последната верзија на законот, која е во собраниска процедура, нема таква обврска.

Во претходното законско решение стоеше и обврската владата да ја образложи одлуката за тоа кој од тројцата кандидати го избира, меѓутоа во последното законско решение ја нема ниту таа обврска. Според нас, тоа е преголемо дискрециско право.

Позитивно е што се намали бројот на финални кандидати од пет на тројца, меѓутоа требаше да остане обврската за образложение.

Проблематично е и тоа што владата има можност да не донесе одлука, што за нас повторно претставува голема дискреција. Ако, од разно-разни причини, не ѝ се допадне изборот на тројца кандидати, таа може да ја прекине постапката.

Би требало да се допрецизира во кои случаи владата смее да донесе ваква одлука. За да се заштитиме од ситуации во кои постапката, на пример, била добро спроведена, луѓето се пријавиле, биле рангирани, ама кандидатот што се преферира не влегол меѓу првите тројца, па владата ја прекинува постапката.

Не се зема предвид ниту нашето барање во делот на интервјуата да се вклучи јавноста, односно тие интервјуа да бидат документирани, а по можност и пренесувани во живо.

Целта ни беше ние, како граѓани, да имаме увид во постапката, да бидеме сигурни дека кандидатите навистина се оценети согласно стручните знаења и квалификации, а не врз основа на некаква блискост.

Во делот на опфатот сакам да потенцирам дека не се вклучени јавните претпријатија и уставните институции. Само за илустрација, ние имаме околу 1.400 институции во државава, кои имаат различен статус, а од нив дури 1.040 се јавни претпријатија и установи.

Значи, со овој закон сега се регулираат стотина директори и државни секретари, меѓутоа засега не се регулираат 1.040 директори и управни одбори во јавните претпријатија и во јавните установи.

БИРН: Работните верзии на законот се подготвуваат со години, а во меѓувреме се сменија влади, парламентарни мнозинства и дури шест министри одговорни за администрацијата. Дали доцнењето е резултат на технички причини или на недостиг од политичка волја да се ограничи партиското влијание врз овие позиции?

Мирчевска: Апсолутно мислам дека е второто, дека станува збор за неволност да се отстапи од дискрецијата што ја имаат и од моќта со која располагаат, за релативно лесно да се избираат кадри што се блиски до партиите наместо стручни кадри.