Три со три

Филков: Владата дрско ги крие трошоците за прославата на независноста

Интервју со Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации

Владата на ВМРО-ДПМНЕ, која ја води државата две години, тврди дека транспарентноста е темел на нејзиното одговорно владеење. Но, наспроти ваквите декларативни заложби, информации за трошењето на буџетските пари остануваат тајни.

Последен пример е одбивањето да се одговори како е избрана фирмата и концептот за прославата на 35 години од независноста, ниту пак колку пари ќе се потрошат за тоа.

Во истиов период, додека се најавуваат настаните за прославата, со нецелосно јасни одговори од премиерот Христијан Мицкоски помина и недоаѓањето на работа на вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи кој неделава си поднесе оставка од позицијата.

За овие прашања разговаравме со Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, водечка анти-корупциска организација која со години ја следи транспарентноста и отчетноста на државните институции. Филков вели дека функцијата што ја извршуваше Фетаи е сериозна и дека така требаше да му се пристапи на проблемот. Односот на Владата, пак, во случајот со организирање на прославата за независноста го нарекува непримерен, па дури и дрзок.

БИРН: Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи чија позиција покриваше транспарентност и отчетност не доаѓаше на работа, а дури неделава поднесе оставка. Премиерот Мицкоски  избегнуваше да даде одговор за ангажманот на Фетаи и дали тој добива плата иако не оди на работа. Што сето ова зборува за односот на владата кон борбата против корупцијата?

Филков: Не навлегувајќи во причините за оставката на Фетаи, сметам дека Владата некако неспретно го „тераше“ овој случај, од аспект на транспарентност, отчетност и одговорност.

Функцијата заменик на претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење е сериозна и така требаше да му се пристапи на проблемот. Оваа позиција има кабинет со вработени и програма за работа со конкретни цели за остварување. А главната цел се политиките и координацијата на доброто владеење на ниво на влада и на сите институции кои работат под владата. Односно, борба со најголемиот проблем што го има оваа земја, а тоа е корупцијата.

Оттука, не смееше да се дозволи застој во тие активности. Има примери во светот кога одреден ресор или надлежност, од која и да е причина, не функционира или не се спроведува, лично премиерот да ја земе таа надлежност под себе и тој да ја спроведува, секако во одреден преоден период додека работите се доведат повторно во нормала.

Исто така, бидејќи стануваше збор за министерска функција без ресор, односно без конкретно министерство и луѓето од кабинетот можеа да продолжат со спроведување на програмата, без оглед на случувањата во врвот. Тие се вработени во Владата, односно во Генералнот секретаријат, таму има прв човек, така што и тој дел можеше да тече без оглед на проблемите.

Ова е сепак „најистурената“ владина позиција за борба против корупцијата и ако борбата со корупцијата е приоритет, можеше да се најде начин за надминување на подолгиот застој. Наместо тоа, се чини како сиот фокус на Владата да беше ставен на кадровските превирања наместо на суштината- а тоа e борбата против корупцијата.

БИРН: Владата најавува „спектакуларни“ настани и настапи на светски ѕвезди за одбележувањето на 35-години од независноста, но одбива да одговори на прашањата како е избрана продукцијата што ќе ги организира настаните ниту пак колку буџетски пари сето ова ќе чини. Колку ваквото однесување е опасно и може да прерасне во пракса?

Филков: Сметам дека конкретното однесување е крајно непримерно, па дури и дрско. Прво и основно, граѓаните мора да знаат колку пари Владата планира да потроши за оваа намена. Второ, кога веќе најмила фирма, најавува гости, организира настани за промоција, тоа значи дека мора да има некоја законска основа за сето тоа. Дали е тоа програма, концепт, план, стратегија и сл., некој треба таквиот документ да го донесе за да може потоа да се трошат пари врз таа основа.

Следно, сето ова мора да има пресметка, план, колку ќе чини. Или како што законски се нарекува, да има проценета вредност и познат и планиран извор на средствата што ќе се потрошат. Односно, да се знае од каде ќе се земат- од чиј буџет и од која конкретна ставка.

Кога општините организираат слични вакви настани, секако од многу помал обем, тие користат неколку законски можности за да не ги објават поединечните суми што ги исплаќаат на изведувачите, туку само вкупниот трошок за цела манифестација. Тоа го прават така што избираат фирма која ќе ја спроведе манифестацијата или претходно донесената програма, а други делегираат надлежност на фирми за организирање на вакви настани.

Како и да е, сумата на вкупниот трошок мора да се знае и тоа не може да биде предмет на проценка кога и дали ќе се објави бидејќи станува збор за јавни пари. Исто така треба да се знаат и имињата и износите кои евентуално би ги покриле приватни фирми, за да може да се следат нивните идни договорни односи со државата.

БИРН: Вашата организација со години е на врвот по бројот на испратени барања за пристап до информации од јавен карактер и секоја година ја мерите активната транспарентност на институциите. Оваа влада е веќе две години. Каков тренд регистрирате во одговорите?

Филков: Генерално, транспарентноста на државните институции во земјава, иако полека се зголемува низ годините, сепак е нешто што сè уште го „сервираат“ како со лажичка – колку и како што тие сакаат. Доброволното и проактивно објавување на документите и информациите со кои располагаат институциите е нешто што сè уште не се спроведува системски и како составен дел од секојдневното работење. Барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер, во принцип, треба да се користат во исклучителни ситуации, а не да бидат редовен начин за добивање на информациите.

Има неколку модели на однесување на институциите кои може да се истакнат во оваа смисла. Прво, се следи односот кон транспарентноста на надлежната институција. Пример, министерствата и другите институции во извесна смисла го следат однесувањето на Владата, како што локалните јавни претпријатија и други институции го следат односот на општината кон ова прашање. Затоа е многу важно, пред сè, каква е транспарентноста на овие институции, како Владата и општините.

Следно, во неколкуте месеци, од декември лани до април годинава, кога Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер беше без раководство и не решаваше по жалбите, мноштво институции не одговараа на барањата за информации знаејќи дека не се одлучува по жалбите и дека многу од барателите во тој период и не доставуваа жалби. Да не зборуваме што ова уставно загарантирано право на граѓаните неколку месеци беше оставено без заштита.

Натаму, се зголемува бројот на институции кои на барањата за информации одговараат на крајот од законскиот рок, па дури често и после рокот. Би потсетил дека законот вели дека на барањето за информации треба да се одговори веднаш, а најдоцна во рок од 20 дена.

Исто така, се забележува една внатрешна несреденост во институциите околу тоа кое е лице за слободен пристап, има ли замена, му даваат ли внатрешно информации за тоа лице да ги одговори на барателите и мноштво слични други проблеми што зборува за немање или непочитување на внатрешните правила и процедури.

Последно, да напоменам дека пред година и половина е изработен нов Закон за слободен пристап до информациите од јавен карактер со кој се скратува рокот за одговор, кој сега е еден од најдолгите во регионот. Новиот закон, воопшто, содржи одредби со кои се олеснува пристапот на граѓаните до информациите од јавен карактер, но не е јасно каде е проблемот што ова готово решение, со поминати јавни консултации, сè уште не се усвојува.

Низ годините, научивме дека борбата за транспарентност и отчетност на институциите е секојдневен предизвик и дека еднаш подобрена состојба не секогаш значи нејзино натамошно унапредување.