Има вкупно 92 различни основи по кои македонските општини им даваат пари на своите граѓани, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникаци (ЦГК) на субвенциите и дотациите од локалните самоуправи. Станува збор за парите што се даваат за новороденчиња, првачиња, помош на семејства во социјален ризик, субвенции за купување велосипеди, клима-уреди, за полагање возачки испит и друго.
Истражувањето покажа дека минатата година, општините низ земјава потрошиле четири милиони евра за овие намени, еден милион повеќе во однос на 2024 година. Вкупните бројки се веројатно поголеми, велат од ЦГК, бидејќи дел од општините не доставиле податоци или не ги пријавиле сите давачки.
Пари добиле околу 58 илјади граѓани, што е за 13 илјади повеќе од претходната година.
Истражувањето е спроведено со барања за информации од јавен карактер доставени до сите 81 единица на локалната самоуправа во земјава. Три не одговориле – Град Скопје, Сарај и Чаир. Некои не доставиле целосни податоци, па истражувањето се дополнило со информации достапни на нивните интернет-страници.
Вкупно 63 општини доделиле некаков вид помош.
Најмногу пари за брак во Конче

Субвенциите за велосипеди се меѓу најчестите во општините | Фото: БИРН
Во Кавадарци се исплаќале по 2.700 денари за купен велосипед, во Кисела Вода по 500 денари за кубик дрва, во Берово по седум илјади денари за новороденче, во Штип од две до три илјади месечно за талентирани ученици, во Охрид по 13.500 денари за клима-уреди. Ова се само дел од основите по кои македонските општини доделувале пари.
Општина Конче исплаќала по 100 илјади денари за лица над 35 години што ќе стапат во брак. Минатата година по оваа основа, пари добиле четворица, а претходната ниту еден жител.
За фасади, покриви, поправка на лифтови и други интервенции на станбени згради се исплаќале и поголеми суми, до 200 илјади денари, но тие не биле за индивидуални корисници.
Меѓу другите основи за кои се доделувале општински пари се првородено дете во годината, упис во прво одделение или во прва година средно училиште, помош за пензионери и за лица во социјален ризик, купување тротинети, печки, таблети, субвенции за сметки, за превоз, за паркинг, за возачки дозволи и друго.
Наградувани се првенци на генерација, најдобрите наставници, полицајци, земјоделци, пожарникари, доктори и други лица. Најчесто помошта, односно исплатите се еднократни, но некои се и месечни.
Четири скопски општини дале половина од парите

Општините Аеродром, Кисела Вода, Центар и Гази Баба дале најмногу пари | Фото: БИРН
Од вкупните четири милиони евра што ги исплатиле општините низ целата држава, речиси половина, или 1,9 милиони дошле од скопските Аеродром, Центар, Кисела Вода и Гази Баба. Секоја од нив одвоила меѓу 400 и 550 илјади евра за разни видови помош на граѓаните.
Притоа, како што забележува ЦГК, Аеродром се задржал речиси на нивото од претходната година, додека другите значително ги зголемиле износите што ги исплатиле во изборната 2025 година, во однос на 2024 година.
Истите општини предничат и според бројот на граѓани што биле опфатени со дотациите. Од вкупно 58 илјади во целата држава, 39 илјади, или две третини, биле нивни жители.
Во 2025 година, како што покажуваат податоците, Гази Баба и Кисела Вода биле единствените општини што ја надминале бројката од 10 илјади опслужени граѓани. Во двете општини, најбројни приматели биле учениците и пензионерите.
Исплати под точка „разно“

Има ваучери за новороденчиња, првачиња, средношколци и за студенти | Фото: БИРН
Авторите на истражувањето забележале дека секоја општина си создава свои правила за тоа по кои основи ќе се доделуваат парите, колкави износи ќе се исплаќаат и како ќе се избираат примателите.
Категориите што најчесто се повторуваат кај многу општини се исплатите за новороденчиња и за првачиња. Сумите за новороденче се движат од три до 30 илјади денари, а за прваче од две до осум илјади. Големи разлики има и за првородено дете – од шест до 30 илјади.
Некаде се наградувале најдобрите ученици со по пет илјади денари, а на други места најдобрите земјоделци со по 30 илјади.
Од ЦГК истакнуваат дека е нејасно дали општините имаат ингеренции да вршат вакви дотации од своите буџети. Шаренилото од правила и процедури ги засилува тие сомнежи. Разлики има и во називите на исплатите, кои се нарекуваат финансиска помош, финансиска поддршка, парична помош, дотација, субвенција и друго, како и во буџетските ставки од кои се обезбедуваат парите. Некои ги земаат од ставката „градоначалник“, други од „субвенции и трансфери“, трети од „социјална заштита“, „социјални бенефиции“, „заштита на животната средина“, „образование“ итн.
Општините се повикувале и на различни членови од Законот за локална самоуправа, како основа дека имаат право да исплаќаат ваква помош, но, сепак, најчестото повикување било на една точка од членот 36, каде што се вели дека Советот на општината „врши и други работи утврдени со закон.“

