Вести

Македонија избра ревизор за НАТО, ама не го праќа во Брисел

Нема кој да покрие трошоци за сместување и плата

Македонскиот ревизор Иван Игњатов, пред повеќе од една година беше избран да биде еден од шестемина членови на независниот меѓународен борд на ревизори на НАТО, тело што контролира како воената Алијанса ги троши парите.

Но, на веб-страницата на НАТО, покрај неговото име, стои „именуван на први август 2025 година, сѐ уште не е на функција.“

Меѓународен борд ревизори на НАТО | Фото: International Board of Auditors for NATO (IBAN)

Наместо во НАТО, во Брисел, тој и натаму работи во Скопје, како заменик на главниот ревизор Милаим Абдураими, во Ревизорското тело, кое прави ревизија на инструментот за претпристапна помош за земјава. Абдураими, за БИРН, потврди дека Игњатов уште работи во институцијата.

БИРН се обиде да дознае која е причината, поради која, македонскиот ревизор една година по именувањето не ја презел должноста.

Иван Игњатов | Фото: Ревизорско тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош

Игњатов не одговори ниту на пораките, ниту на повикот.

Но, јавнообјавените документи, покажуваат дека спорното прашање е кој ќе го плаќа Игњатов и неговиот престој во НАТО.

Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, кое упатува функционери да работат во меѓународни организации, за одговори нè упатија во Државниот завод за ревизија, како државен орган што го направил изборот на ревизор. Оттаму, во мај ни одговорија дека „сѐ уште се одвива меѓуинституционална постапка на усогласување на ставовите.“

На дополнителните прашања што значи „усогласување на ставовите“, до објавата на текстот не одговорија.

Условите за избор на ревизор во НАТО биле јасни уште кога бил распишан повикот за избор на ревизор: платата и сместувањето на ревизорот се на товар на земјата што го испраќа, а Алијансата ги плаќа само службените патувања.

Според информациите што ги обезбедивме од институциите, постапката за избор на член во Меѓународниот борд ревизори на НАТО почнала во ноевмри 2024 година.

Тогаш, македонската делегација при НАТО во Брисел упатила повик до Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија до Државниот завод за ревизија за да се пополни оваа позиција. Рокот бил до јануари 2025 година. Истиот месец, Државниот завод за ревизија го известил МНР дека го избрал Иван Игњатов.

Меѓународниот ревизорски борд на НАТО им гарантира на Северноатлантскиот совет (NAC), главното тело за донесување политички одлуки на НАТО и на владите на земјите-членки на алијансата дека околу 9 милијарди евра годишно се трошат правилно и наменски.

Записник од седница на владата од јули 2025 година открива дека министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, му укажал на Државниот завод за ревизија да постапи во согласност со Законот за надворешени работи и платата и другите надоместоци за Игњатов да ги обезбеди од сопствениот буџет. Со други зборови, да ги покријат трошоците за Игњатов со сопствени средства.

Позицијата на Игњатов што според актите на НАТО е работа со полно работно време.

Неофицијално, од бордот на воената алијанса до Македонија биле упатени укажувања Игњатов да ја преземе функцијата.

Насловната фотографија е преземена од Filckr на Владата на РСМ