Во последните неколку изборни циклуси, најжестоката кампања не се водеше на митинзите или телевизиските дуели, туку на социјалните мрежи, претежно на Фејсбук, Тик-ток, Инстаграм и на Јутјуб. Тоа беше сива зона, во која главно место зазедоа политичките реклами платени од трети лица, објави од ботови, страници на кои не се знае кој им е нарачател. Тие беа надвор од изборните правила и не беа регулирани.
Со предложените измени на Изборниот законик, кои се во собраниска процедура, државата првпат се обидува да воспостави правила на игра на тоа поле.
Иако измените на Изборниот законик остануваат заглавени во парламентот поради други пожешки прашања, како несогласувањата околу изборниот модел, гласањето на дијаспората и распределбата на рекламниот простор, со нив се предлагаат правила за регулирање на изборната кампања на социјалните мрежи.
Правилата што се наречени „Кампања преку платформи за споделување видеа и социјални мрежи“ налагаат учесниците во изборната кампања да се воздржуваат од говор што поттикнува насилство и говор на омраза и дека ќе се воздржуваат од намерно креирање, објавување и ширење злонамерни информации и спинови.
Партиите, коалициите или независните кандидати треба да ги почитуваат правилата за заштита на личните податоци и да ја осудуваат употребата на ботови и тролови за „оркестрирано злонамерно ширење дезинформации, за манипулирање со јавното мислење и со ставовите на граѓаните за собирање политички поени или кибер малтретирање“, особено кон новинарите и другите медиумски работници.
За првпат се предлагаат правила за платеното политичко рекламирање. Тоа мора да биде означено со информација за нарачателот, а доколку рекламирањето на социјалните мрежи го прават трети лица, учесниците во кампањата треба да објават каква е нивната поврзаност со нив.
Предложените правила налагаат и модерирање на коментарите на своите профили, страници и канали и да ги отстрануваат сите спорни содржини, а се обврзуваат да не го прекршуваат изборниот молк.
Ако партиите, коалициите и независните кандидати не се придржуваат до овие правила, предвидени се санкции од по 8.000 евра. Но, иако има предвидено глоби, не е прецизирано кој ќе ги следи социјалните мрежи, дали тоа ќе биде Агенцијата за медиуми или Државната изборна комисија.
За време на изборната кампања, функционерите, градоначалниците и сите оние на кои им е доверено да извршуваат јавни овластувања, не смеат да ги користат ниту институционалните, ниту своите службени профили на социјалните мрежи за поддршка, промоција или дискредитација на учесници во изборите.
Построги критериуми за порталите

Една фирма основач на медиум во Регистарот ќе може да впише само еден портал | Фото: Pexels
Со години, Државната изборна комисија, Државниот завод за ревизија и медиумите објавуваа дека рекламирањето на изборната кампања кај порталите е терен без правила. Пред да се одржат изборите, за да добиваат реклами од партиите, платени со државни пари се пријавуваа портали, кои непосредно и наменски беа формирани, а по изборите „исчезнуваа“. ОБСЕ/ОДИХР даде и препораки за да се надминат овие состојби.
Предложените измени го адресираат тоа прашање. Порталите што ќе сакаат да рекламираат учесници во кампањата, треба да се впишат во регистарот на медиуми за изборите. За да го направат тоа, треба активно да работат една и пол година пред распишувањето на изборите, потребно е да имаат домејн „мк“ и да имаат објавено импресум, сопственичка структура и начин на финансирање.
Една фирма основач на медиум во Регистарот ќе може да впише само еден портал со еден домејн и на една платформа наместо како досега, кога една фирма со повеќе портали можеше да добие пари од буџетот за секој од порталите одделно.
Промени нема кај износот што еден портал може да добие од еден учесник во изборната кампања. Максимумот е 15 илјади евра.
За да се впишат во регистарот, сите медиуми треба да поднесат барање за упис во Државната изборна комисија и извод од тековната состојба. Порталите, покрај тоа, треба да достават и испечатен извадок дека јавно им се објавени податоците за импресум, сопственичка структура и начин на финансирање, завршна сметка од годината пред одржувањето на изборите и изјава заверена на нотар дека најмалку една година пред распишувањето на изборите објавувале содржини.
Ако побара Државната изборна комисија, порталите што се впишале во Регистарот за платено политичко рекламирање, имаат обврска да ги емитуваат, односно да ги објавуваат без надоместок кампањите на комисијата, кои треба да се означени како бесплатно емитување.
За првпат одговорна за следење на порталите со предложениот закон станува Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во делот на платеното политичко рекламирање и почитување на изборниот молк.
Глобите за непочитување на правилата за радиодифузерите се зависно од прекршокот, од 2.250 до 4.000 евра. Предложените измени на Изборниот законик со кои се предлагаат овие промени сѐ уште се во ќор-сокак поради партиските несогласувања и многубројните амандмани поднесени од опозициските пратеници.

